Дали ни претстои период на низок раст на цените?

Тековните предвидувања на многу банки, централни банки и други институции укажуваат дека инфлацијата нема да биде проблем во блиска иднина. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува светската инфлација да остане ниска до крајот на својата прогноза до 2025 година. Економските модели одамна се познати дека погрешно ја предвидуваат инфлацијата, а ковид-19 дополнително го усложни предизвикот. Денешните ниски прогнози за инфлацијата не гарантираат дека таа навистина ќе остане на тоа ниво.
Дури и без дополнителен инфлациски притисок, пријавените стапки на инфлација значително ќе се зголемат во првите пет месеци од 2021 година. До мај, УБС очекува во однос на претходната година инфлацијата да се искачи над три отсто во САД и кон два отсто во еврозоната, главно поради ниската основа во првата половина на 2020 година, кога започнаа карантините поврзани со пандемијата. Повисоката стапка не упатува на зголемен инфлациски притисок, иако зголемувањето над тие нивоа би бил предупредувачки знак.
Многумина тврдат дека корона-кризата предизвика општ пад во цените на стоките и услугите, бидејќи мерките за ублажување на пандемијата влијаат негативно на вкупната побарувачка отколку на вкупната понуда. Но деталниот преглед на понудата и побарувачката открива поголема шареноликост. Пандемијата особено ја смени побарувачката од услуги на стоки од кои некои станаа поскапи поради нарушеното производството и транспортот. Но во сегашните пресметки на потрошувачките цени, зголемувањето на цените на стоките делумно се компензира со падот на цените на услугите, како што се авионски патувања. Но во реалноста, ограничувањата поврзани со пандемијата значат дека потрошувачката на многу услуги нагло опадна. Реалната потрошувачка кошница на многу луѓе стана поскапа отколку што соопштуваат владините статистики за пресметување на инфлацијата. Вистинските стапки на инфлација во моментов се често повисоки од официјалните бројки, како што потврдуваат извештаите.

Штом владите ги укинат ограничувањата за движење, инфлацијата на услугите исто така може да се зголеми доколку намалениот капацитет, како резултат на трајно затворање на ресторани и хотелите или отпуштањата во авиокомпаниите, не може да ја задоволи побарувачката. Невидената фискална и монетарна експанзија како одговор на ковид-19 може да претставува уште поголем ризик од инфлација. Според процените на УБС, вкупните владини дефицити изнесуваат 11 отсто од светскиот БДП во 2020 година, што е повеќе од трипати повеќе од просекот од претходните десет години. Билансите на централните банки минатата година се зголемија уште повеќе, за 13 отсто од светскиот БДП.
Владините дефицити во 2020 година беа индиректно финансирани со издавање нови пари. Но ова ќе функционира само ако доволно штедачи и инвеститори се подготвени да ги држат средствата и државните обврзници на нула или со негативни каматни стапки. Ако сомнежот во исправноста на овие инвестиции ги поттикне штедачите и инвеститорите да се свртат кон други средства, тогаш валутите на погодените земји ќе ослабат што ќе доведе до повисоки потрошувачки цени.
Претходните случаи на прекумерен државен долг речиси секогаш завршуваа со висока инфлација. Иако експанзивната монетарна политика по светската финансиска криза од 2008 година не доведе до зголемување на инфлацијата, сепак ова не е гаранција дека растот на цените ќе остане низок овој пат. Но тековната експанзија на билансот на состојба на централните банки доведува до големи приливи на пари во реалната економија, преку рекордни фискални дефицити и брз раст на кредитот во многу земји. Покрај тоа, реакцијата на монетарната политика на пандемијата беше многу побрза и посуштинска отколку во последната криза. Демографските промени и зголемувањето на протекционизмот се меѓу другите фактори што придонесуваат за повисока инфлација на подолг рок. Иако овие структурни фактори веројатно нема да предизвикаат нов бран на раст на цените на краток рок, тие сепак можат да го олеснат.

Остриот пораст на инфлацијата може да има катастрофални последици. За да се ограничи, централните банки треба да ги зголемат каматните стапки што ќе создаде проблеми со финансирањето на високозадолжените влади, фирми и домаќинства. Историски гледано, централните банки главно не биле во можност да одолеат на притисокот на Владата за одржливо финансирање на буџетот. Ова често резултираше со многу високи стапки на инфлација, придружени со големи загуби во реалната вредност на повеќето класи на средствата и политички и социјални пресврти.
Во последниве месеци, цените на суровините, меѓународните транспортни трошоци, вредноста на акциите и на биткоинот нагло се зголемија за сметка на американскиот долар. Ова може да биде предвесник на зголемувањето на потрошувачките цени во областа на доларот. Бидејќи стапките на инфлација се во голема корелација на меѓународно ниво, повисоката инфлација во областа на доларот ќе го забрза растот на цените во светот.

Премногу се потценува ризикот од пораст на инфлацијата, а сигурните модели за предвидувања не прават ништо за да ги ублажат стравовите. Креаторите на монетарни и фискални политики, како и штедачите и инвеститорите, не треба да дозволат да направат грешка. Во 2014 година, поранешниот претседател на американските федерални резерви, Алан Гринспен, го нарече билансот на состојбата на институцијата „куп сено“, а токму пандемијата може да биде чкорчето што ќе го запали.

Авторот е поранешен претседател на германската централна банка и член на управниот совет на Европската централна банка, а сега е претседавач на одборот на директори на „УБС груп АГ“.