Градење подобар свет по пандемијата на ковид-19

Мухамед Ел Барадеј

Само за неколку месеци пандемијата на ковид-19 целосно го трансформира светот. Јасно затаи меѓународната соработка, која е толку неопходна за соочување со заедничката закана. Ова не треба да изненадува, затоа што нашиот неуспех да реагираме ефикасно на кризата со ковид-19 рефлектира длабоко вкоренети и сериозно искривени вредности и приоритети.

Во 1952 година, американскиот државник Адлај Стивенсон изјави дека „големите непријатели на човекот се војната, сиромаштијата, тиранијата, а нивните напади врз човечкото достоинство, се најстрашните последици врз секој од нив“. Речиси седум децении подоцна сѐ уште се актуелни истите непријатели.

Војната продолжува да доминира и да ја нарушува човечката временската рамка. И покрај ужасите што ги доживеавме колективно, насилството и натаму е наша главна реакција на разликите. Три децении по завршувањето на Студената војна, нуклеарното оружје и застрашувачката доктрина за заемно уништување се столб на светската безбедност.

Во меѓувреме, почнаа да се игнорираат, па и да се презираат ограничувањата за употреба на сила договорени во Повелбата на Обединетите нации. Хуманитарното право сѐ повеќе станува остаток од минатото. Како што силно покажа светскиот одговор на актуелната бегалска криза, ние постојано им даваме предност на геостратегиските и на економските интереси за сметка на човечкиот живот.

Иако се постигна значителен напредок во намалувањето на сиромаштијата во последните децении, околу 10 отсто од светската популација сè уште живее во екстремна сиромаштија што е под пропишаната граница на Светската банка од 1,90 американски долар на ден во 2015 година, а банката очекува кризата од ковид-19 да го зголеми вкупниот број за 40 до 60 милиони сиромашни оваа година. Во меѓувреме, брзорастечката нееднаквост води многу општества кон граѓански немири.

Тиранија исто така е во подем, со тоа што со една третина од сите земји владеат репресивни, авторитарни режими, а многу демократии паѓаат во замката на популизмот. Кршењето на човековите права, како што се острите мерки врз слободата на медиумите и политичкото несогласување, прогонот на етничките и верските малцинства, полициската бруталност и атентатите наидуваат само на обична загриженост од страна на меѓународната заедница.

Како што се зачестуваат војните, сиромаштијата и тиранијата, така расте потребата за меѓународна соработка. Денес, најзначајните закани со кои се соочува светот, како климатските промени, заразните болести, тероризмот и компјутерскиот криминал, не познаваат граници. Единствениот начин да се ублажат е само преку соработка.
Клучните платформи за меѓународна соработка, како што е ООН, во последните години постепено ја губеа моќта, бидејќи засилената поларизација и парализата, заедно со намалените ресурси, го поткопаа нивниот авторитет. Затоа е потребно да ги преиспитаме вредностите како неизоставен дел од човечката еволуција.
Вакво преиспитување е од суштинска важност денес за да се воспостави нова парадигма на светска соработка базирана на принципи како човечкото достоинство, еднаквоста, инклузивноста, диверзитетот и солидарноста. За да успее ваквиот систем, не смее да се толерира тиранијата, а геополитичкиот натпревар мора да му даде шанса на дијалогот.

Покај тоа, концептите за безбедност мора радикално да се променат. Зависноста од нуклеарни оружја и покажувањето воена моќ треба да го отворат патот за градење на довербата преку решавање на заедничките проблеми (како сајбер-заканите). Не смее да има простор за помирување со диктаторите во новата парадигма, но ниту за надворешна режимска промена и еднострани санкции. Пошироко кажано, концептот на безбедност треба да го надмине физичкото и да го опфати фокусот на задоволување на основните човекови потреби како храна, здравство, образование и работа.

Сево ова ќе бара нов пристап во управувањето. Во многу демократии граѓаните ја изгубија довербата во политичката класа и сè повеќе се сомневаат во влијанието на парите врз нивните водачи и институции. Протестите во САД го истакнуваат степенот до кој многу луѓе сметаат дека нивниот глас не е важен. За да се промени овој тренд, ќе бидат потребни не само целни политики за заштита на демократските процеси туку и напори за подобрување на рамнотежата меѓу директната и репрезентативната демократија.

На меѓународно ниво, на институциите мора да им се дадат авторитет и ресурси да се справат со предизвиците на глобализираниот свет. Само со зајакнување на легитимноста и ефективноста на институциите можеме ефикасно да им се спротивставиме на силите на популизмот и ксенофобијата, кои зедоа замав во последните години.

Пандемијата појасни една работа, а тоа е дека ние сме едно семејство. Само со прифаќање на ова и со тоа што ќе се грижиме еден за друг, како и за планетата од која сите зависиме, можеме да се надеваме на подобра иднина. Во таа смисла, соработката не е само етички императив туку и егзистенцијален.

Авторот Ел Барадеј е добитник на Нобелова награда за мир