Година на Трамп?

Списанието „Тајм“ не го избра Доналд Трамп за личност на 2018 година, но можеби тоа ќе го направи оваа година. Трамп ја заврши годината соочувајќи се со критиките за најавата на повлекувањето од Сирија и од Авганистан без да се консултира со сојузниците (што резултира со оставката на неговиот почитуван секретар за одбрана Џејмс Матис) и со делумната блокада на Владата поради финансирањето на изградбата на ѕидот по должината на границата со Мексико. Во 2019 година, бидејќи демократите го имаат мнозинството во Претставничкиот дом, тој ќе наиде на дополнителни критики околу неговата надворешна политика.

Поддржувачите на администрацијата ги игнорираат критиките. Експертите по надворешна политика, дипломати и сојузници се вчудовидени од радикалноста на Трамп, но симпатизерите на Трамп гласаа за промени и ги прифаќаат поделбите. Покрај тоа, некои експерти тврдат дека поделбите се оправдани ако последиците им одат во прилог на американските интереси, како што е поумерен режим во Иран, денуклеаризација на Северна Кореја, промена на кинеските економски политики и поурамнотежен меѓународен трговски систем.

Секако, сегашното анализирање на долгорочните последици од надворешната политика на Трамп е како да се предвидува крајниот резултат додека уште трае натпреварот. Историчарот од Стенфорд, Најл Фергусон, тврди дека „Трамп е на власт затоа што тоа е можеби последната шанса на Америка да го спречи или барем да го забави подемот на Кина. Иако можеби нема доволен интелектуален капацитет, сепак пристапот на Трамп за потврдување на американската моќ на непредвидливи и невообичаени начини всушност е последното реално решение“.

Критичарите на Трамп велат дека дури и неговиот радикален став да донесе некаков успех, сепак мора да се пресметаат придобивките и негативните страни како дел од процесот. Тие тврдат дека цената ќе биде превисока во однос на штетата по меѓународните институции и довербата кај сојузниците. На пример, во ривалството со Кина, САД имаат десетици сојузници и неколку спорови со соседите додека Кина има неколку сојузници и многу територијални спорови. Покрај тоа што целта на законите и институциите е да ја одржуваат контролата, САД имаат доминантна улога во нивното формулирање и се нивни главни поддржувачи.

Оваа дебата отвора поголеми прашања околу важноста на личниот стил во оценувањето на надворешната политика на претседателот. Во август 2016 година, 50 главно републикански бивши безбедносни функционери тврдеа дека Трамп не е соодветен за претседател поради неговиот карактер. Повеќето од потписниците беа исклучени од администрацијата, но дали беа во право?

Како лидер, Трамп може да е или да не е паметен, но неговиот карактер е рангиран ниско на скалата за емоционална и когнитивна интелигенција, а поради која Франклин Д. Рузвелт и Џорџ Буш Постариот се сметаа за успешни претседатели. Тони Шварц, кој заедно со Трамп ја напишаа книгата „Уметноста на договорот“, истакнува дека „секогаш е ризично чувството на самопочит кај Трамп. Кога тој се чувствува навредено, реагира импулсивно и одбранбено со што се самооправдува дека тоа не зависи од фактите и секогаш ги обвинува другите“. Шварц смета дека одбранбениот став на Трамп се должи на неговиот доминантен татко, кој бил „тежок човек, премногу барал и очекувал, па како резултат на тоа човек или ќе стане доминантен или потчинет. Или ќе предизвикува и ќе го искористува стравот или ќе дозволи да му влијае, како што Трамп мислеше за неговиот брат“. Како резултат на тоа, нему „не му се важни емоциите и интересот за другите“, а „Трамп самиот ги креира фактите како што му одговара во денот“.

Дали Шварц е во право или не за причините, егото на Трамп и емоционалните потреби честопати ги отсликуваат неговите односи со претходните лидери и неговото толкување на светските настани. Сликата на цврстина е поважна од вистината. Новинарот Боб Вудворд вели дека Трамп му раскажал на еден пријател, кој признал дека лошо ги третирал жените и притоа навел дека „вистинската моќ лежи во стравот дека мора постојано да се негира и да се им даде отпор на жените. Ако се признае вината, тогаш готово е со вас“.

Карактерот на Трамп ја ограничува неговата контекстуална интелигенција. Тој нема доволно искуство и не се потруди да го надгради своето знаење. Неговите најблиски набљудувачи велат дека малку чита, инсистира брифинзите да бидат кратки и генерално се потпира на вестите од телевизиите. Се смета дека не посветува многу внимание на подготовките на кабинетот пред самитите со искусните автократи како што е рускиот претседател Владимир Путин или севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.

Ако радикалниот стил на Трамп само ги прекршува типичниот претседателски протокол, тогаш за неговите критичари може да се каже дека се премногу ситничави или дека имаат старомодни ставови за дипломатијата.

Но грубиот стил може да остави последици. Иако се залага за промени, тој направи поделби во институциите и со меѓу сојузниците и неволно ја признава нивната важност. Реториката на Трамп ја намали важноста на демократијата и на човековите права, како што покажа неговата слаба реакција на убиството на саудискиот дисидентски новинар Џамал Кашоги. Иако Трамп ја искористи реториката на претседателот Роналд Реган дека САД се светилник што им го осветлува патот на другите, неговото однесување дома со медиумите, судството и малцинствата ја намали јасноста на американската демократија.

Иако критичарите и бранителите дебатираа за привлечноста на вредностите што се содржат во пристапот на Трамп за „Америка на прво место“, објективниот аналитичар не може да ги оправда начините на кои неговите лични емоционални потреби го искривоколчуваат остварувањето на неговите цели, на пример на неговите средби со Путин и со Ким. Што се однесува до разумноста, неинтервенционизмот на Трамп го заштитува од одредени погрешни чекори, но може да постојат сомнежи за неговиот ментален капацитет и контекстуалната интелигенција дали се соодветни за да може да ги согледа ризиците по САД со дисперзијата на моќта во неговата ера. Како што растат тензиите, можеби ќе биде неизбежно во 2019 година да се потпреме на Трамп.