Глобалното кредитирање да продолжи до крајот на пандемијата

Новата прераспределба на дури 650 милијарди долари од резервниот фонд на ММФ ќе им овозможи на владите да добијат средства за борбата против пандемијата на коронавирусот и да го започнат патот кон инвестициска обнова. За доброто на човештвото, мора да се зграпчи оваа златна шанса за ефикасна соработка

Пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка понудија историска шанса за финансиска соработка. Најголемите економии, вклучувајќи ги САД, Европската Унија (ЕУ), Кина и другите земји од Г20, веќе сигнализираа поддршка за нова распределба на резервниот фонд на ММФ во вредност од 650 милијарди долари (СДР), за да им се овозможи на владите во земјите со ниски и средни примања да имаат средства за борба против пандемијата на ковид-19 и да зачекорат по патот на инвестициска обнова. Со лидерство, смелост и креативност, оваа глобална финансиска соработка може да помогне во ставањето крај на пандемијата.
Масовната имунизација е од клучно значење. Помалку од една година по појавата на вирусот, финансиската поддршка од владите на САД, Велика Британија, Германија, Русија, Кина и Индија и други земји им овозможи на неколку компании да создадат безбедни и ефикасни вакцини. Богатите земји што брзо преговараа за поволни зделки со производители на вакцини, добија најголем дел од дозите. Но за да заврши пандемијата, потребно е сите земји да бидат еднакво снабдени со вакцините што е можно поскоро.

Ваков досега невиден глобален потфат бара силна соработка, вклучувајќи и финансиска поддршка. Сè додека ковид-19 се пренесува со висока стапка насекаде во светот, пандемијата ќе продолжи да ги нарушува глобалното производство, трговија и патувања, а исто така ќе доведува до вирусни мутации што се закануваат да го поткопаат претходно стекнатиот имунитет од минати инфекции и вакцинации. Уште полошо, според моменталната траекторија, ковид-19 може да стане ендемичен во многу региони во светот, што ќе наметне високи здравствени и економски трошоци за следните години.
Светските влади го воведоа пристапот до алатки за борба против ковид-19 (АКТ), кој го вклучува механизмот за глобален пристап до вакцини „Ковакс“ за да се обезбеди универзална контрола на ширењето на коронавирусот. Иако АКТ и „Ковакс“ воспоставија глобални планови за вакцини, тестови и третмани, плановите треба итно да се зајакнат од две тесно поврзани причини. Прво, оперативната цел што моментално ја користи „Ковакс“ од имунизирање на минимум 27 отсто од населението на сите квалификувани земји до крајот на оваа година, мора да се зголеми на вакцинирање на сите возрасни до крајот на 2022 година. Ова е потребно за да ѝ се стави крај на пандемијата и да се намалат шансите за нови мутации.

Второ, итно е потребно да се подготви план за до крајот на 2022 година, со оглед на потребното време за зголемување на производството и синџирите за снабдување со вакцини и други клучни производи. Сепак, на АКТ и „Ковакс“ им недостигаат финансии дури и за 2021 година. Досегашните владини донации од 11 милијарди долари оставаат дупка во средствата од 22 милијарди долари за оваа година, поради што досега беа одложувани потребните планови. Во меѓувреме, сегашниот недостиг од вакцини ги наведува земјите да се борат пожестоко за да дојдат до нив, дури и да платат повисоки цени. Ова ја нагласува итната потреба да се осигури дека сите земји, вклучувајќи ги и најсиромашните, може да дојдат до потребниот број на вакцини навремено и праведно.
Скромни се дополнителните суми што се потребни за да се обезбеди универзално покривање со вакцините до крајот на 2022 година и други третмани поврзани со ковид-19, со тоа што би биле потребни околу 50 милијарди долари за АКТ. Тоа е незначителна сума во однос на огромните глобални придобивки од ставањето крај на пандемијата и на огромните трошоци поврзани со неа од страна на владите на земјите со високи примања низ целиот свет. За да ја одиграат својата улога, на АКТ и „Ковакс“ им се потребни аванси за да се покријат трошоците за вакцини до 2022 година. Со оглед на тоа што за зголемувањето на производството на вакцини се потребни 6-12 месеци, влогот од 50 милијарди долари треба веќе да биде загарантиран, така што АКТ и „Ковакс“ ќе можат да соработуваат со производителите за да ги обезбедат потребните дози. Прераспределбата на резервните средства на ММФ нуди единствена можност да се дојде до овие пари.

Кога ќе бидат ослободени средствата од СДР, околу 20 милијарди долари од новите резерви ќе одат директно во најсиромашните земји. Покрај тоа, околу 100 милијарди долари или повеќе, наменети за богатите земји, ММФ ќе ги рециклира за да се користат за долгорочни заеми со ниски каматни стапки. Управната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, тесно и креативно соработува со владите на Г20 за да го формира овој нов, ветувачки пристап. Една идеја е да се користат СДР во зајакнување на Довербата за намалување на сиромаштијата и растот на ММФ (ПРГТ), односно прозорецот за финансирање на фондот за сиромашните земји. Овој пат, финансирањето на ПРГТ би можело да биде условено со неговата употреба за набавки поврзани со АКТ и „Ковакс.

АКТ сега подготвува процени за финансирање на 92 земји со низок и среден приход што ги исполнуваат условите за поддршка на „Ковакс“, што ќе им биде потребно за вакцини, тестирања, терапија и други материјали до крајот на 2022 година. Врз основа на проценетите финансиски потреби, може да се воспостави финансиски план за секоја земја што ќе биде поддржан од СДР и проширените средства на ПРГТ. Се очекува да биде објавен рационален план за финансирање на потребите на платниот биланс на сите земји како резултат на пандемијата до крајот на 2022 година. Целта на ММФ е да се справува со ваква итна состојба во платниот биланс. Пристапот до финансирање на ММФ ќе ги заштити благосостојбата и макроекономската стабилност на одделни земји и на целиот свет. Мора да се искористи оваа клучна можност за ООН, ММФ и најмоќните влади, вклучувајќи ги САД, Кина, Русија, ЕУ, Јапонија, Велика Британија и други, да остварат ефикасна соработка во име на човештвото.

Авторот е универзитетски професор на „Колумбија“ и тамошен директор за Центарот за одржлив развој, како и претседател на Мрежата на ООН за решенија за одржлив развој.