Глобализмот е робовладетелство

Денешниот глобализам има една единствена цел. Елитите треба да завладеат со светот сосема и целосно, а другите деведесет и пет отсто од популацијата да изгубат личносен и колективен идентитет и како материјалистички и себични суштества да работат за да трошат. Модерниот глобализам е нова форма на робовладетелство и затоа мора да се спречи

Глобалистиве се нервозни. Еве, Хавиер Солана цела колумна претура од шупливо во празно. Треба да му поверуваме дека навистина е загрижен за безбедноста на регионите, народите и на поединците. На моменти дури и звучи така. Особено кога признава дека „неуспехот на Советот за безбедност да најде вистински одговор на кризата во Сирија, за жал, потекнува од претходните примери на мешањето во други држави и покажува дека хуманитарноста сепак е на второ место зад геополитиката“. Проблемот е во тоа што сите оние воени интервенции низ светот предводени од САД и од НАТО никогаш и не биле хуманитарни. Иако светската пропагандна мејнстрим-машинерија при секоја таква војна брутално го злоупотребува терминот „хуманизам“. Нивните војни секогаш биле заради геополитика. И за пљачка, секако. Инаку, како поинаку да го објасниме фактот дека сите овие војни се водени на територии каде што има огромно количество нафта, опиум и други исплатливи ресурси.

„Правните и институционалните механизми што во моментов функционираат не се соодветни за да ги спречат денешните закани, а ова важеше уште пред брегзит и Трамп да ги влошат нештата“, пишува Солана. А јас, пак, сум убеден дека единствена планетарна закана за оваа планета се глобалистите и нивниот банкстерај зад кои стојат моќните држави. И да, речиси да не постојат институционални механизми за да се спречи нивното каубојско однесување низ планетава, затоа што не почитуваат ни институции, ни меѓународно право, а камоли суверенитет и територијален интегритет. Обединетите нации во целата оваа приказна се само обична марионета без право на глас. Најдобар случај за однесувањето на оваа глобалистичка моќ е токму Македонија.
Можеби Хавиер Солана ги воочува грешките на досегашното однесување на глобалистите и на таканаречената меѓународна заедница, можеби советува дека треба да се поправат тие грешки, ама никако не му паѓа на ум дека нивното безумие мора да престане еднаш засекогаш. Затоа вели: „Според тоа, меѓународната заедница мора да биде подготвена да интервенира во државите каде што владите претставуваат опасност за сопственото население“. Кои се тие влади што се опасност за сопственото население? Нормално, кои се тие влади одлучуваат претставниците на изопачената светска моќ и нивните експерти како Хавиер Солана. Денес Сирија, утре Иран, паралелно Македонија, можеби Русија.

За среќа, светот полека но сигурно се менува. Сеедно што Солана заклучува дека „во оваа фаза, светот е толку силно поврзан што секоја дебата за промена на глобализацијата е нереална“, па додава дека „глобализацијата не смее да се спречи“. Тоа веќе се случува. Глобалистите и нивната „длабока држава“ полека и нервозно го губат тлото под нозете. Владимир Путин и Доналд Трамп ја менуваат политичката реалност. Мултиполарноста се враќа во игра. Кина и Индија го освојуваат светот. Не се знае уште колку време НАТО ќе постои и дали воопшто ќе опстои. Европската Унија вообичаено не знае кај тера. Некои нејзини членки во скоро време може да се соочат со фактот дека станале калифат. Оттука, ми станува бесмислено да се занимавам со муабетот на Солана околу светската безбедност и кои механизми глобалистите понатаму да ги преземат. Нивниот свет полека се руши и затоа сега се најопасни. Во продолжение ќе се занимавам со нив, со глобалистите.

Глобализмот како идеја и концепт е создаден од Александар Македонски. Но неговиот глобализам, за разлика од денешниот, се разликува во својата суштина. Тој навистина го сонувал светот како една целина, но во него требало да биде зачувана културната, идентитетската и цивилизациската посебност на сите поединечни народи. Овие посебности треба да се мешаат, па надградувајќи се една со друга да се облагородуваат и збогатуваат. Денешниот глобализам е крајно обратен. Во неговата суштина, наспроти македонскиот космополитизам, се кријат хеленскиот егоизам и римскиот шовинизам. Целта на денешниот глобализам е уништување на различностите, упокојување на идентитетската посебност, укинување на богатството културни разлики. Сите треба да станеме безлична маса. Наспроти духовноста се форсира материјалноста. Наместо културно надградување на различностите преку мешање на народите и расите, се форсира потрошувачкото општество каде што сите сме консументи, кои работат, купуваат, јадат и се празнат. Човекот треба да се исчисти од сопствената посебност и да се претвори во несвесно суштество, кое постои за да служи, ама не на ближниот свој, туку на изопачената моќ. На личноста треба да ѝ се отсечат коренот, паметењето и идентитетот. Се водат воени и пропагандни кампањи за укинување на духовните, културните, па и биолошките разлики.

Наспроти ваквиот личносен и колективен геноцид, се форсираат будалаштини за правата на „различните“ преку кои ги дефокусираат луѓето од овој монструозен план за создавање двоножни билки како од најсуровите научнофантастични приказни. Правата на кокичињата да бидат булки, правата на мажите да се оженат со телевизор, правата на жените да не бидат жени, правата на црнците да не им дозволуваат „суканици“ на белците и правата на белците да се чувствуваат како црнци, кои не им дозволуваат на црнците да станат жолти, правата на татковците да го сменат полот на своите синови и потоа да стапат во граѓански брак со другарките на своите ќерки, сето ова колку и да звучи апсурдно и нелогично, ние веќе го живееме.

Денешниот глобализам има една единствена цел. Елитите треба да завладеат со светот сосема и целосно, а другите деведесет и пет отсто од популацијата да изгубат личносен и колективен идентитет и како материјалистички и себични суштества да работат за да трошат. Зад оваа монструм-идеја стојат глобалистите што ги препознавате како претставници на политичката изопачена моќ, американската „длабока држава“, нивната пропагандна и активистичка „ал каеда“, светскиот банкстерај, корпорациите, воената и фармацевтска индустрија и алчната интелектуална и академска бижутерија. Модерниот економски глобализам е нова форма на робовладетелство. Оттука Солана бара нови воено-безбедносни тактики за спасување на нивниот монструм. Затоа, глобализацијата мора да се спречи.