Време за одлуки за Европа

Кажете што сакате против Европската Унија, но таа нема недостиг од амбиции или планови за нивно реализирање. Речиси веднаш по референдумот за брегзит во јуни 2016 година, другите 27 земји-членки постигнаа согласност за Братиславската мапа, која го исцртува курсот за иднина без Британија. Една година подоцна, лидерите на ЕУ се собраа во Талин и ја усвоија Лидерската агенда, за насочување на активностите на ЕУ до изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година. А сега, Унијата се подготвува за самит во Романија во мај, кога овие планови треба да бидат финализирани.

Сепак, ЕУ на крајот ќе биде оценета според резултатите, не резолуциите. Во изминатата деценија, блокот се соочи со два големи предизвика, а сега е во процес на соочување и со третиот. Првиот беше кризата во еврозоната, која можеше да заврши со исчезнување на еврото. Наместо тоа, беа одржани серија самити и Европа успеа да се извлече. Со текот на времето, економиите на земјите-членки почнаа да заздравуваат и беа усвоени нови инструменти за координирани економски политики во рамките на еврозоната.

Но само што ЕУ почна да ја враќа довербата кај јавноста, во 2015 година беше погодена од бегалската криза, која некои земји ги погоди многу повеќе од другите и ги покажа јасните недоследности во спроведувањето на заедничките правила во однос на движењето на луѓето. Оттогаш значително се намали бројот на баратели на азил во Европа, но стравовите од повторување на 2015 година и натаму ги прогонуваат гласачите. Покрај тоа, сѐ повеќе се зголемува свесноста за тоа како конфликтите на Блискиот Исток и демографските трендови во Африка би можеле да ја загрозат европската стабилност.

Сега следува третиот предизвик – претстојното повлекување на Британија од ЕУ. Откако премиерката Тереза Меј не успеа да обезбеди парламентарна поддршка за нејзиниот договор за брегзит, Британија се наоѓа во голема политичка криза, а лидерите на ЕУ немаат друг избор освен да гледаат од страна додека се одвива драмата. Држава што некогаш го водеше светот, сега не може ниту самата да се води.
Како што забрзано се приближуваат изборите за Европарламентот, нема време за поплаки. По хорорите од референдумот за брегзит и изборот на Доналд Трамп во 2016 година, изборот на францускиот претседател Емануел Макрон во 2017 година даде нова надеж. Но во 2018 година изгледите на Европа повторно западнаа во состојба на длабока неизвесност, а на ниту едно место повеќе отколку во самата Франција. Не може да се каже што ќе донесе 2019 година.

Тоа што го знаеме е дека владеењето низ ЕУ станува сѐ повеќе предизвик, бидејќи големите политички партии ја губат поддршката во однос на новите партии и движења, и од левицата и од десницата. Во оваа сѐ пофрагментирана и поларизирана политичка околина, процесот на формирање национални влади стана долг и неизвесен, па дури и Шведска го следи овој несреќен нов урнек.

За да бидат работите полоши, економскиот пораз низ ЕУ забавува, и тоа уште пред ерупцијата на масовни протести во Франција и конфронтацијата на Италија со ЕУ за нејзиниот предложен буџет. И додека италијанската популистичка влада се обиде да ја обвини евробирократијата во Брисел за проблемите на земјата, Макрон одговори на загриженоста на јавноста со повик за уште посилни институции на Унијата.

Но и двете перспективи го избегнуваат фактот дека промената ќе зависи од политички болните домашни реформи. Покрај тоа, независно од тоа колку долго канцеларката Ангела Меркел ќе остане на функција, веќе е јасно дека повеќе не е во игра германската поддршка за „трансфер-унија“. Опасноста сега е дека политичката несигурност во Германија, Франција, Италија и во Британија ќе создаде отворен простор за популистите и самопрогласените либерални демократи, како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, да изградат нови ѕидови (физички и метафорички) и да ги мобилизираат духовите на национализмот.

Покрај тоа, надворешната околина на Европа стана поопасна. Иако светското внимание сега е фокусирано на ризиците од ескалирачката кинеско-американска трговска војна, заканата од еднакво деструктивниот трансатлантски конфликт не смее да се игнорира. Трамп изгледа искрено верува дека германските автомобили на улиците во Њујорк претставуваат закана за американската национална безбедност. Ако еден ден се разбуди и одлучи да наметне високи увозни царини за европските автомобили, работите би можеле многу бргу да станат непријатни. Многу европски политичари што веќе се убедени дека американските технолошки гиганти се закана за европската безбедност би ја искористиле шансата за посилни мерки против нив. Ако САД одговорат со иста мерка, жртвите набргу ќе се натрупаат.

Исто така не смее да се заборават сѐ поголемите геополитички и хуманитарни предизвици на периферијата на ЕУ. Трамп, поттикнат од опсесијата со Иран, изгледа е одлучен да ги влоши актуелните конфликти на Блискиот Исток. И би било апсурдно да се мисли дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се воздржи од мешање во претстојните претседателски и парламентарни избори во Украина. Руската блокада на Керчанскиот Залив и воената концентрација на Крим индицираат дека Европа не смее да го спушти гардот.

За справување со овие и идните предизвици, ЕУ ќе мора да се редефинира себеси, почнувајќи во 2019 година. Во сѐ поопасна геополитичка околина, ЕУ не може повеќе да се потпира само на меката моќ. Исто како во случајот со сите влади, мора да се подготвува за дигитална револуција или да ризикува казнувачки трошоци на среден и долг рок. Братиславската мапа, Лидерската агенда и самитот во Романија се добри, дури и неопходни. Но ако 2018-та беше година на конфузија, 2019-та ќе биде година за носење одлуки. Европските лидери мора да се соочат со бруталните реалности на светот што се менува. Само тогаш гласачите ќе им дадат доверба за наоѓање нов пат кон иднина со мир и напредок.

Карл Билт е бивш премиер и министер за надворешни работи на Шведска