Време е да се прифати реалноста во Сирија

Неодамнешните настани во Сирија природно отворија две прашања: кој ја загуби земјата и што може понатаму да прави меѓународната заедница.
Првото прашање е полесно да се одговори. Гледајќи наназад, Сирија е веројатно изгубена од народното востание во 2011 година. Кога режимот на претседателот Башар ал Асад упорно одбиваше да се обиде да го реши ова прашање по мирен пат, ниту една надворешна сила не покажа подготвеност да интервенира. Наместо тоа, сите се надеваа дека комбинацијата од санкции и дипломатија предводена од Обединетите нации, заедно со половичните обиди за поддршка на „умерена“ опозиција, на крајот ќе го урнат режимот. Тие не функционираа.

Фундаменталистичките сили стекнаа политичка база и територија, а други, вклучувајќи ги и паравојските поддржани од Иран и од руската војска по падот во 2015 година, побрзаа во одбрана на Асад. Иако режимот долго време ги лишуваше Курдите во северна Сирија од повеќето нивни права, тој почна да прави отстапки за нив кога се најде под притисок. Како резултат на тоа, курдските паравојски се воздржаа од напади врз Асад, па голем дел од пошироката сириска опозиција ги избегнуваше. Потоа, Исламска држава (ИСИС) го формираше својот „калифат“ во Мосул и во Рака во 2014 година, овозможувајќи ѝ да го нападне дури и Багдад. По неа следуваше разбирливата брза реакција на терористичката закана. Во Ирак таа задача главно падна на товар на шиитските паравојски, поддржани од Иран. Но во Сирија ситуацијата беше покомплицирана. САД немаа намера да испратат свои сили, но исто така знаеја дека сириските опозициски групи што ги вооружуваа (заедно со Турција) не беа дораснати за предизвикот. Во секој случај, тие групи беа фокусирани на соборување на Асад, кој престана да биде главен приоритет за западните креатори на политики.

Имајќи ги предвид овие ограничувања, САД ги поддржаа Курдските единици за народна заштита (ЈПГ). САД одамна ги признаа ЈПГ како разгранок на Работничката партија на Курдистан (ПКК), која Вашингтон, заедно со ЕУ и со Турција, ја класифицира како терористичка организација. Но дури и ако одлуката не се вклопуваше во долгорочната стратегија, таа ги задоволуваше краткорочните тактички потреби, а поддршката на ЈПГ се покажа како успешна во протерувањето на ИСИС од нејзината територија (иако групата ќе остане долгорочна закана). Искоренувањето на ИСИС ќе беше добар момент да се почне политички процес за решавање на поширокиот конфликт. Всушност, имаше најмалку две опции. Првата беше да се формира ентитет управуван од Курдите/ ЈПГ во северниот и во североисточниот дел на Сирија. Но, се разбира, тоа ќе предизвикаше голем бес кај Турција, која не беше подготвена да толерира какво било присуство на ПКК на нејзината граница. Покрај тоа, таквата стратегија ќе бараше долгорочно присуство на американските сили, но и ќе им овозможеше на Курдите да завладеат со значајни територии во кои нема мнозинско курдско население.

Другата опција беше да се спроведе поширока политичка спогодба, за да се создаде инклузивна управувачка структура прифатлива за режимот во Дамаск. Со текот на времето, овој процес можеше да доведе до договор сличен на оној во северен Ирак, каде што Курдистанската регионална влада (КРГ) сега тесно соработува со Турција.
Но тоа не се случи. Како што се развиваше позицијата на САД, администрацијата на Трамп ја отфрли првата опција и потоа активно ја обесхрабри втората, правејќи ја кризата неизбежна. Предизвикувачот на кризата беше телефонскиот повик во кој американскиот претседател Доналд Трамп му даде на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зелено светло за испраќање сили во Сирија. Трамп им нареди на американските војници веднаш да ја напуштат областа и сето тоа го објави на Твитер, шокирајќи ги и Курдите и неговите советници. Оттогаш, сè се урна како кула од карти. Со разнишан кредибилитет, американските власти очајно се обидоа да изградат некаква политика од урнатините предизвикани од претседателските твитови.

Претседателот се закани дека ќе ја уништи турската економија ако Анкара го стори тоа што ѝ го дозволи. Во ситуација кога Курдите, од кои повеќето цивили, бегаат од турски бомби, Советот за безбедност на ОН типично молчи, а Европејците ги осудуваат сите инволвирани. Кога станува збор за катастрофите во надворешната политика, оваа е дефинитивно за во книгите за рекорди. Но семето за оваа криза беше посеано долго пред неславниот разговор меѓу Трамп и Ердоган. Без никаква кохерентна политика, условите беа зрели за криза. Сега е прашањето дали има конструктивен начин да се продолжи понатаму.

Засега, САД се согласуваат со Турција за воспоставување широка безбедносна зона во северниот дел на Сирија, која Анкара ја бараше. Русија, во меѓувреме, очигледно посредуваше некаков сојуз меѓу ЈПГ и режимот на Асад. Додека руските и сириските владини сили влегуваат во областите што ги напуштија САД, на администрацијата на Трамп ѝ преостана само да се обиде да ги смири односите со Турција. Што се однесува до ЕУ, таа не може да стори многу. ЕУ веќе ги прекина сите политички контакти на високо ниво со Турција, па затоа е немоќна во оваа последна криза.

Логиката диктира дека сите релевантни страни во регионот сега треба да седнат на преговарачка маса и да се обидат да постигнат некаков договор. Освен Курдите во Ирак и другите арапски земји, на преговарачката маса треба да има место и за Турција, Иран и за сириската влада. Точно, режимот на Асад е поврзан со многу ужаси и злосторства; но едноставно нема друг пат напред. Регионалните разговори сигурно нема да бидат лесни. Многу страни ќе мора да проголтаат многу работи и да се соочат со тешката реалност. За жал, изгледите за демократска Сирија беа изгубени пред повеќе години. Најголем приоритет сега мора да биде да се врати стабилноста и да се спречат понатамошните катастрофи. Повеќе нема добри опции, ако некогаш воопшто и ги имало.

Авторот е бивш премиер и шеф на дипломатијата на Шведска