Врати широко затворени? Приказни од нашето соседство

ЕУ мора да биде лојална кон сојузниците и да ги поддржи пријателите. Имаме соседи што ги делат нашите заеднички европски вредности и напредуваат во спроведувањето на договорените реформи. За нив од клучна важност е почитувањето на обврските. Ако не можеме да го оствариме тоа во соседството, тогаш го ризикуваме нашиот кредибилитет како светски играч

За неколку месеци лидерите на Европската Унија (ЕУ) повторно ќе го разгледаат прашањето за почеток на преговарачкиот процес за членство со Албанија и со Северна Македонија. Додека се разгледува прашањето, под ризик ќе биде ставен и нашиот кредибилитет. Во октомври веќе пропуштивме една шанса. Понатамошно одложување на процесот би довело до сериозно уназадување на реформите и интеграцијата што беше постигната во Западен Балкан. Ваков пресврт во настаните би бил против нашите заеднички интереси за просперитетна, безбедна и обединета Европа.

Во очекување на следната фаза на дискусија, не можеме и не смееме да ја загубиме разумноста на претходните европски лидери. Тие лидери точно знаеја како да го промовираат европскиот проект. Во 2003 година, одлуките од Солун го отворија патот за шест демократски држави од Западен Балкан со аспирации кон ЕУ. Оттогаш почнаа да се спроведуваат тешките реформи, се зацврсти владеењето на правото, а се отворија економиите, општествата и границите. Северна Македонија дури и го промени своето име и го склучи Преспанскиот договор со Грција за да ја обезбеди својата иднина на преговарачката маса со ЕУ. Албанија, Црна Гора и Северна Македонија постигнаа значаен напредок во усогласување на нивните надворешни политики со оние на ЕУ. Беше спречено ширењето на национализмот и на популизмот, но најважно е што Европската комисија донесе заклучок дека Албанија и Северна Македонија ги исполнуваат условите за почеток на преговорите.

Некои критичари ќе посочат дека самиот европски проект се соочува со мноштво внатрешни предизвици. Во практика ова е точно, а процесот за членство во ЕУ треба да се промени, за што ќе биде потребно време. Исто така, по излезот на Обединетото Кралство од Унијата, ќе треба повторно да се воспостави рамнотежа. Имајќи го ова на ум, ставовите на евроскептиците за затворање на вратите на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ не водат кон никаков напредок. Вратата нема уште долго да биде отворена. Додека го одложуваме носењето на важните одлуки, всушност ризикуваме да го загубиме значајниот напредок на Западен Балкан во кој се трансформираа јавната администрација, политиката, судството и општествата. Игнорирањето на предупредувачките сигнали може да нанесе сериозна штета, како фактот што Зоран Заев, премиерот на Северна Македонија, побара одржување предвремени избори откако ЕУ не успеа да ги започне преговорите за членство.

Србија сè повеќе се насочува кон Кина и кон Русија. Минатиот месец, Србија го потпиша договорот со руски предводената Евроазиска економска унија. Москва сакаше да ги привлече Албанија и Северна Македонија да го сторат истото тоа. Кина станува единствен најголем инвеститор во некои од државите од Јужна Европа. Потиснатиот национализам може лесно да избие во Западен Балкан. Да не заборавиме дека таму каде што не успеавме да дејствуваме и да покажеме лидерство, другите ќе ја искористат шансата, а последиците можеби ќе бидат многу посериозни од оние што ги замислуваме.

Како што се движиме кон следната фаза на дискусија за почеток на преговорите со Албанија и со Северна Македонија, водечкиот сеопфатен принцип треба да гласи „Европа не смее да се уништи“. На следниот самит на ЕУ за Западен Балкан, закажан за идната година во мај, треба да настапиме со јасна визија за обединета Европа. Сите шест држави од Западен Балкан треба да седнат на преговарачката маса за нивниот пат кон ЕУ. Почетокот на преговорите треба да ѝ овозможи на ЕУ да ја зацврсти и потврди нејзината улога на сила на позитивна трансформација. Почетокот на преговарачкиот процес за членство во ЕУ не е привилегија, туку заедничка одговорност и од него сите ќе имаат корист, земјите-аспиранти што сакаат да ги задржат реформите, а ЕУ својот кредибилитет.

Во јуни годинава, европските лидери се согласија за новата стратегиска агенда за 2019-2024 година, со која ќе се зајакне присуството на ЕУ на светската сцена. Поради тоа, ние треба да имаме обединета, силна и инклузивна ЕУ, која ќе биде вистински пример и ќе биде посветена на своите обврски.
ЕУ мора да им биде лојална на своите сојузници и да ги поддржи пријателите. Ние имаме соседи што ги делат нашите заеднички европски вредности и продолжуваат да покажуваат напредок во спроведување на договорените реформи. За нив од клучна важност е почитувањето на обврските. Ако не можеме да го оствариме тоа во нашето соседство, тогаш на ризик ќе биде изложен нашиот кредибилитет како светски играч.

Решението е пред нас. Не е опција широко да ги затвориме очите, како што вели насловот на еден познат филм. Наместо тоа да ги отвориме вратите широко за да влезат оние што сакаат, веруваат и се однесуваат како нас.

Авторот е министер за надворешни работи на Литванија