Влијание врз глобалната стабилност

Одеднаш, „градењето на нацијата“ стана непристоен збор, особено во САД. Последиците од американското повлекување од Авганистан предизвикаа панично напуштање на концептот што долго време заземаше централен простор во американското безбедносно размислување. По терористичките напади врз САД од 11 септември 2001 година, нашироко се сфати дека инвазијата врз Авганистан е неопходна за да се оневозможи тамошната база на Ал каеда. На истиот начин, нападите започнаа поширок обид да се ослободи светот од територии без управување и кои можат да станат платформи за меѓународен тероризам.
Од европска перспектива, градењето на нациите никогаш не бил соодветен термин. Бидејќи нациите имаат многу различни форми, вистинската задача е градењето на нацијата да гарантира дека териториите ќе се управуваат на разумно ефективен начин. Тоа, секако, беше случај во Авганистан откако САД ја соборија владината структура на талибанците. Спречувањето на враќањето на Ал каеда или други екстремистички групи, зависи од воспоставување нови структури за управување. Од самиот почеток беше јасно дека тесно се поврзани антитерористичките операции и градењето на нацијата.
Во своите мемоари, поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш елоквентно напиша за стратегискиот интерес што САД го имаа „за да му помогнат на авганистанскиот народ да изгради слободно општество“, со цел да им ја одземе шансата за база на идните екстремисти, а исто така и да се обезбеди „надежна алтернатива за визијата на екстремистите“.

Проблемот со мисијата предводена од САД во Авганистан не беше нејзината цел или амбиција, туку нејзината неорганизирана имплементација и недостигот од стратегиско трпение за нејзино извршување.
Американскиот претседател Џо Бајден, од своја страна, ги осуди американските „вечни војни“ во одбрана на неговата одлука да ги повлече сите американски сили од Авганистан. Но вистината е дека две децении не се многу долго време кога станува збор за создавање легитимни и кредибилни државни институции. Како што забележува важен американски извештај за процена на мисијата во Авганистан, прашањето „би можело да се опише како 20 напори за реконструкција во една година, наместо како еден 20-годишен напор“. На крајот, политичката волја за одржување на напорите пресуши и земјата практично им беше вратена на талибанците.
Има многу лекции што треба да се извлечат од Авганистан, а дебатата сигурно ќе трае со години. Но веќе треба да биде јасно дека напуштањето на сите напори за поттикнување постабилно управување и државни структури во критични региони и делови на светот зафатени со конфликти е водечка стратегиска грешка. Ако само се игнорираат териториите без власт, проблемите што ги создаваат неизбежно ќе се прошират многу подалеку од нивните граници, на што постојано сме сведоци. Ризикот на крајот ќе го сноси секој.

Ова не значи дека операциите како оние што ги видовме во Авганистан треба постојано да се применуваат, далеку од тоа. Но не треба ни да се свртиме кон спротивната крајност на целосна неангажираност. За да успеат, операциите за градење на една држава мора да бидат долгорочни според нивните перспективи, со широка база ресурси за да се искористат и да бидат предмет, пред сè, на политичко, а не на воено раководство. Со оглед на тоа што НАТО очигледно се повлече од какви било амбиции што претходно ги имаше во овој поглед, сега можеби е добро време да се преиспитаат можностите што Обединетите нации (ОН) ги имаат во извршувањето на истата основна функција. Големата студија од 2005 година на корпорацијата РАНД ги истражуваше настаните низ историјата и заклучи дека операциите за градење на нациите предводени од ОН имаа подобар ефект од оние предводени од САД.
Во секој случај, мисиите предводени од ОН, исто така, се соочуваат со големи предизвици. Демократска Република Конго добиваше последователни мисии на ОН уште од првиот ден на независноста. Во Јужен Судан, најверојатно, ќе биде потребно силно присуство на ОН уште долго време. Во Сомалија процесот уште е во тек, во најдобар случај. Во Мали и во целиот кревок регион Сахел, ОН и другите мисии се соочуваат со влошени безбедносни услови.

Но со отсуството на меѓународни напори, овие области би биле многу полоши отколку што се сега. Последиците од нивниот хаос за регионалната и глобалната безбедност би биле страшни. Тероризмот е само еден од проблемите што можат да следуваат од пропаднатите држави и регионите во кои нема власт. Во вакуумот каде што треба да бидат основните институции за управување, имаат тенденција да напредуваат сајбер-криминалот, незаконската трговија на диви животни, илегално рударство, трговијата со оружје и други противзаконски активности. И додека сè уште трае пандемијата на ковид-19, треба да запомниме дека таквите области, исто така, можат да станат извори на нови заразни болести или такви што би излегле надвор од контрола.
Во секој случај, помагањето во градењето на нацијата, кое се одвива од безбедност до здравствена заштита, јавна хигиена и образование, мора да остане дел од нашите колективни напори за одржување на глобалната стабилност. Многу луѓе во светот го чувствуваат горчливото искуство од случувањата во Авганистан. Но да се откажеме од каква било амбиција да им помогнеме на критичните области да изградат функционални држави, би било и неморално и опасно.

Авторот е поранешен премиер и министер за надворешни работи на Шведска