Владите да ги зајакнат напорите за борба против сиромаштијата

Дури и пред пандемијата да го промени напредокот во намалувањето на екстремната сиромаштија, политиките и програмите во голема мера не успеаја да одговорат на потребите на најсиромашните и маргинализираните. Ако не се промени ова, по корона-кризата се очекува да останат вкоренети уште потешки форми на сиромаштија

Од 1990 до 2019 година, бројот на луѓе што живеат во екстремна сиромаштија (според прагот на Светската банка од 1,90 долар дневно) се намали од 1,9 милијарди на 648 милиони. Ковид-19 во голем дел го промени овој напредок. До крајот на 2021 година, пандемијата ќе доведе околу 150 милиони луѓе повторно во екстремна сиромаштија.
Дури и пред појавата на коронавирусот, светот не беше на пат да ѝ стави крај на екстремната сиромаштија во следната деценија. Напредокот во намалувањето на сиромаштијата забавуваше долго пред да се случи пандемијата, при што глобалните стапки на сиромаштија паѓаа за помалку од половина процентен поен годишно меѓу 2015 и 2019 година. Со тоа темпо, дури и без ковид-19, 537 милиони луѓе сè уште ќе живееја во екстремна сиромаштија во 2030 година, што подразбира неуспех да се исполнат целите на Обединетите нации (ОН) за одржлив развој, особено СДГ 1.
Во БРАЦ, најголемата светска невладина организација предводена од глобалниот југ, децениското дизајнирање, спроведување, советување и приспособување на интервенциите за намалување на сиромаштијата даде увид како да ги направиме програмите и политиките против сиромаштијата поефективни.
Прво, програмите треба да допрат до луѓето што живеат во најекстремните форми на сиромаштијата. Тие се соочуваат со пречки за пристап до социјални програми и услуги, помалку веројатно е да имаат банкарски сметки, постојани адреси или формална идентификација, што може да биде потребно за регистрација. Тие, исто така, се предмет на социјална стигма поврзана со добивање јавни услуги и честопати немаат доволно информации за програмите за кои се подобни.

За да се осигурат дека помошта ќе стигне до оние на кои им е најпотребна, владите и нивните партнери мора да креираат политики и програми што ќе ги надминат бариерите со кои се соочуваат луѓето што живеат во екстремна сиромаштија и ќе ги интегрираат во постојните мрежи за социјална заштита.
Второ, програмите мора да бидат во насока да ги зајакнат капацитетите на овие луѓе да изградат долгорочна издржливост. Владите и нивните партнери мора да направат повеќе од само подобрување на обезбедувањето на основните потреби. Тие, исто така, мора да инвестираат во овие лица за да стекнат вештини и ресурси што им се потребни за да не паднат во стапицата на сиромаштијата. Овој пристап е клучен во време на криза. За време на пандемијата, програмата на БРАЦ во соработка со Азиската инвестициска банка ги поврза корисниците со парична помош и храна од националните влади и од нивната локална власт. Во меѓувреме, ги обезбеди потребните ресурси и обуки за да се отворат повеќе извори на приходи. Како резултат на тоа, 76 отсто од корисниците можеа да продолжат да заработуваат дури и за време на строгите карантини.
Трето, програмите треба да ја третираат сиромаштијата како повеќеслојна и специфична за средината. Екстремната сиромаштија е повеќедимензионална и опфаќа од недостиг од чиста вода и електрична енергија до неисхранетост и социјална исклученост. Врз основа на процена на факторите поврзани со специфични локации и социоекономските контексти, владите и нивните партнери треба да создадат повеќе холистички интервенции што ќе им овозможат на сиромашните да се изборат со нивните предизвици.

Четврто, овие програми мора да ги вклучат локалните заедници и владите, чие активно учество може да помогне интервенциите против сиромаштијата подобро да ја одразат реалноста на секојдневниот живот на луѓето и да бидат прифатени на локално ниво. Вклучувањето на граѓанското општество во процесот ќе има улога во одржувањето на одговорноста на владата и на побарувачката за поефективни програми и политики. Локалните власти можат да им помогнат на владите и нивните партнери да ги идентификуваат маргинализираните домаќинства и да ја поддржат нивната социјална вклученост.
Петто, владите и нивните партнери мора да научат кои решенија функционираат, а потоа соодветно да ги приспособат програмите. За да се искористи максималниот ефект на интервенциите против сиромаштијата, владите и нивните партнери мора да се посветат на следење, оценување и учење од програмите, а потоа да ги ревидираат по потреба. Само преку адаптација базирана на докази, владите и нивните партнери можат да обезбедат програмите што ги спроведуваат да имаат долгорочно влијание и да се приспособат за да ги задоволат уникатните и настанатите потреби на нивните луѓе.
Ова мора да биде заеднички напор. Доколку меѓународната заедница ги усвои овие чекори, програмите и политиките против сиромаштијата може да станат поинклузивни, приспособливи и сеопфатни. Покрај вклученоста на граѓанското општество и академската фела, на владите им се потребни развојни актери, како мултилатерални институции и земји донатори, за да помогнат за надминување на недостигот во ресурсите сè додека тие не можат самостојно да мобилизираат доволно домашни ресурси. Многу земји со ниски и средни приходи едноставно немаат фискален простор и државен капацитет сами да преземаат големи мерки за намалување на сиромаштијата.

СДГ 1 е длабоко поврзана со другите цели на ОН, од обезбедување родова еднаквост, преку унапредување на одржливоста, до подобрување на исхраната. Ковид-19 го промени деценискиот напредок во овие области и потребни ни се интервенции што поддржуваат повеќе области на развој истовремено ако сакаме да закрепнеме. Единствениот начин да не останат многу луѓе без помош е да се погрижиме интервенциите против сиромаштијата да бидат подобро финансирани, похолистички и поефикасни во обем.

Шамеран Абед е директор во БРАЦ за микрофинансирање и на програмите за помош на најсиромашните.