Високата цена на големото предавство на Трамп

Постојат неколку причини зошто е ужасна одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече американските сили од северна Сирија и да ги остави Курдите во регионот ранливи на воен напад од соседна Турција. Курдските сили што го контролираат регионот беа главниот американски партнер во борбата против Исламска држава (ИСИС). Трамп со својата одлука да ги напушти Курдите само ги засили постојните сомнежи во регионот и во целиот свет за улогата на САД како доверлив сојузник.

Неговата одлука, исто така, создаде услови што им овозможуваат на стотиците, и потенцијално илјадници, терористи на ИСИС во затворите со кои управуваат Курдите да си заминат слободно и многу веројатно да продолжат со своите терористички активности веднаш штом ќе им се укаже шанса. Повеќе е прашање кога, а не дали американските сили ќе треба да се вратат во Сирија за да се спротивстават на реконституираната ИСИС (најверојатно без локален партнер што ќе го понесе товарот на борбите). Во меѓувреме, Курдите се обратија до сириската влада за заштита од турските сили, потег што му овозможи на бруталниот режим на претседателот Башар ал Асад (поддржан од Русија и од Иран) да ја врати контролата врз поголемиот дел од земјата. Од своја страна, САД го загубија најголемиот дел од она што го имаа за да влијаат врз политичкиот исход во Сирија.

Погрешната одлука на Трамп се чини дека произлегува од неговата желба да го исполни ветувањето што го даде за време на изборната кампања за 2016 година за повлекување на американската војска од Сирија и од Блискиот Исток. Но сето ова поставува поголемо прашање: Имајќи го предвид негативното влијание на овој потег, зошто Трамп поверувал дека тој би бил популарен дома? Едно објаснување е дека Трамп меша „бесконечни војни“ со неопределено воено присуство. Оваа конфузија е скапа. Она што го правеа САД во северна Сирија беше паметно и ефикасно. Курдските сили го презедоа најголемиот дел од борбената улога против ИСИС; придонесот на САД беше скромен и во голема мера ограничен на советување и обезбедување разузнавачка поддршка. Освен тоа, присуството на САД ги ограничуваше дејствата на Турците, Сиријците, Русите и Иранците. Со повлекувањето на американските сили, таа воздржаност исчезна прекуноќ. Уште повеќе, одлуката на Трамп произлегува од старата американска традиција на изолационизам, која влече корени уште од основачите на Америка. Таа беше во ремисија за време на Студената војна, но неодамна беше поттикната од „интервентниот замор“ предизвикан од долгите и скапи војни во Авганистан и Ирак. Таа добива дополнителна сила со распространетото гледиште во САД дека многу домашни потреби, од инфраструктура преку здравствена заштита до образование, се неостварени. Недоволното нагласување на надворешната политика и на светските случувања во американските училишта и медиуми, исто така, придонесува за ова свртување навнатре. Слоганот „Америка на прво место“ е заснован на идејата дека трошоците на американското глобално лидерство се многу поголеми од сите придобивки. Според оваа позиција, ресурсите потрошени за глобален активизам подобро би биле потрошени дома.

Колку и да звучат привлечно ваквите аргументи, идејата дека САД можат безбедно да му го свртат грбот на светот и да продолжат да напредуваат дури и кога има пад во глобалниот поредок е сериозно погрешна. Трамп постојано тврди дека Сирија не е клучна за безбедноста на Америка, истакнувајќи дека е оддалечена илјадници километри од САД. Но Американците научија на потешкиот начин, на 11 септември 2001 година, дека растојанието не е гаранција за безбедност. Слично, заразните болести, ефектите од климатските промени и напорите за мешање во изборите не запираат на националните граници.

Трошоците за глобалната улога на Америка се значителни по секоја мера. Буџетот за одбрана сега изнесува 700 милијарди американски долари годишно, а разузнавањето, странската помош, дипломатијата и одржувањето на нуклеарниот арсенал ги доведуваат вкупните трошоци за национална безбедност до повеќе од 800 милијарди долари. Но како процент од БДП, ова е далеку под просекот од Студената војна. Историјата покажува дека американската економија се развивала и при високо ниво на трошење.

Точно, САД имаат многу домашни проблеми, од јавното образование до здравствената заштита, но во најголема мера, овие проблеми не се резултат на недостигот од трошење. САД трошат двојно повеќе од просекот на ОЕЦД за здравствена заштита, но Американците немаат подолг или поздрав живот. Слично на тоа, високото трошење во образованието не дава подобри резултати отколку во земјите што трошат помалку во оваа сфера. Како се трошат парите, секогаш е многу поважно од тоа колку се трошат.
Но ваквите факти се речиси ирелевантни кога станува збор за политичката дебата. Многу од демократските кандидати за претседател, кои сакаат да ги одмерат силите со Трамп во трката во 2020 година, делат барем некои од неговите изолационистички ставови, а анкетите на јавното мислење откриваат дека истото тоа го мислат и многу Американци. Трамп е одраз на расположението на Америка исто колку и што е нејзин двигател. Трампизмот во одредена форма, односно желбата да се повлечеме од воените и воопшто од глобалните обврски, веројатно ќе го надмине самиот Трамп.

Во одреден момент, работите ќе се променат. Историјата укажува на тоа дека периодите на повлекување често завршуваат поради некој голем геополитички шок, по што следуваат периоди на дејствување. Проблемот е што ваквите шокови имаат тенденција да бидат скапи во однос на човечките животи и ресурси. Но засега, а и во блиска иднина, САД веројатно нема да спроведуваат надворешна политика во согласност со нивните интереси и моќ.

Авторот е претседател на американскиот Совет за надворешни односи