Вие сте зимата

Суверенистите не се претставници на „затворените“ општества. Напротив, тие се отворени за новите политички текови. Отворени се за борба со новиот светски поредок и нивните корпорации, со изопачената моќ. Отворени се за комуникација, а не за малтретирање и омраза кон остатокот од светот

Ај да почнеме вака! Марк Леонард зборува за „отворени“ и за „затворени“ општества. Според него, „отворени“ се глобалистите, а „затворени“ се суверенистите. Или интернационалистите и националистите, како што тие милуваат да ги нарекуваат. Не ми пречи. Иако не се согласувам. Оти јас би можел исто така да ги користам тие термини, ама сосема обратно. За мене глобалистите се, на пример, „затворено“ општество. Затворени се во својот елитизам, политичка демагогија и волја за моќ. Затворени се во изопачената мисла „имаш право на мое мислење“. Оти ако им се спротивставиш ти враќаат со етикета на непријател и хистерија. Затворени се за остатокот на светот. Едниот дел, третиот свет, го презираат и сметаат дека имаат право да владеат со него. Другиот дел од светот, пред сè Русија и Кина, го гледаат преку нишан.

Од друга страна, суверенистите се отворени за новите политички текови. Отворени се за борба со новиот светски поредок и нивните корпорации, со изопачената моќ. Отворени се за комуникација, а не за малтретирање и омраза кон остатокот од светот. Сметаат дека Европа треба да се отвори кон Русија и Кина, а не да остане во трансатлантската матрица. И така натаму. Но, секој со своите погледи кон светот, поимите и толкувањето на термините.

Ќе наведам уште три цитати од колумната на Марк Леонард, кои накратко ќе ги искоментирам. Тој вели: „Толку се несигурни изборните опции месецов, што половина од анкетираните велат дека воопшто нема да гласаат“. Исто и кај нас, додавам јас, тоа значи дека не се разликуваме многу од остатокот на Европа. „Вистинскиот проблем за повеќето Европејци е нивниот однос кон системот“, вели Леонард. Повторно не се согласуваме. Повторно за мене сето тоа е сосема обратно. Вистинскиот проблем за повеќето Европејци е односот на системот спрема граѓаните.

Последниот цитат. „Речиси три четвртини од граѓаните на ЕУ веруваат дека политичкиот систем не функционира на национално ниво, на ниво на ЕУ или и на двете“. Добро е ако е така. Оти политичкиот систем на глобалистичкиот светски поредок што го владее светот воопшто не функционира. Односно функционира само за владетелите на светот. Овие три четвртини, ако е вистина, внесуваат троа надеж.
И така доаѓаме до суштината на колумната лево. Марк Леонард ги споредува мајските европски избори со култната серија „Игра на троновите“. Жал ми е за оние што не ја гледаат серијата, па веројатно не можат најточно да разберат за што всушност зборува аналитичарот. Ќе се обидам да ви објаснам.

Марк Леонард ги дели европските гласачи според ликови и групации од „Игра на троновите“. Па така, според него, „првата група се Куќата на Старк, која верува дека системот сè уште функционира“. Старкови се практично главните ликови во серијата. Позитивни ликови. Леонард сака да каже дека таквите гласачи, кои му веруваат на сегашниот глобалистички естаблишмент и систем, се позитивните ликови и херои на Европа. Е па, Марк греши. Или не разбрал што гледа. Или така му одговара да гледа. Нед Старк, неговите деца Санса, Арја и Брен се традиционалисти, кои на почетокот од серијата се разбиени како семејство од глобалистичката моќ на лидершипот на Седумте кралства во нивниот Брисел наречен Вестерос. Престолот на Вестерос го држи Куќата на Баратион што како Јункер, Хан и Мoгерини се под влијание на моќта и богатството на Куќата на Ланистер. Па така, Куќата на Старк многу повеќе личи на европските гласачи, кои сакаат да им се вратат традиционалните вредности, вера и семејство, односно оние што својот глас ќе го дадат за Салвини и Орбан.

„Втората група се Врапците, кои мислат дека политиката е нефункционална на ниво на ЕУ и во рамките на земјите-членки“, вели Леонард. Во оваа група ги става „Жолтите елеци“. Катастрофален избор. Намерен или од неразбирање, сосема е промашено. Посочените Врапци во серијата се верски фанатици што имаат свој лидер. Да, тие навистина го мразат начинот на кој владее Вестерос со Седумте кралства, но никако не можат да се споредат со „Жолтите елеци“, кои сакаат да си ја вратат државата грабната од светскиот банкстерај. Врапците се језуитите и Инквизицијата од минатото. Во денешно време може да се споредат со ИСИС.

Трета група што ја споменува Марк Леонард се Неизвалканите. За него тоа се „гласачите што го отфрлаат тесниот национализам и бараат цел во интернационализмот и во транснационалните проекти“. Во серијата тоа се кастрирани робови што од деца се обучувани да бидат убиствени воини. Па сега вие проценете ја споредбава. Факт е, тие во серијата се на добрата страна. Прво му робуваат на злото, а потоа му служат на доброто. Во денешнава реалност тоа би биле војниците на НАТО, кои како да се „кастрирани“ во умот, па сеат окупации и терор, робувајќи ѝ на изопачената моќ. Можеби еден ден тие ќе бидат ослободени од доброто на совеста, па како Неизвалканите ќе удрат по теророт на своите некогашни господари.

Последната група што ја има наведено Леонард се Дивјаците. За него тие се „националистички евроскептици“. Каква само тенденциозност. И немање чувство за компаративна анализа. Или повторно, така му одговара. Демек националист и евроскептик одат заедно. Дивјаците како што ги нарекуваат жителите на Седумте кралства, себеси се именуваат како слободни луѓе. Тие во денешнава реалност гледана преку очите на колумнистот лево, може да бидат само слободномислечките луѓе ослободени од оковите на забеганиот лажен либерален свет. Макар тоа да се и евроскептици.

Би сакал тука и јас да ја направам својата поделба, но не ми ни остана простор. А и секако не е фер за читателите што не ја гледале серијата. Но како жител на окупирана Македонија, можам да кажам дека зимата дојде кај нас и таа беше предводена од армијата на мртвите, а тоа се глобалистите од „длабоката држава“, ЕУ и НАТО.