Браво, Солана!

Хавиер филозофира. Солана си го бара одразот во огледалото на стварноста. Хавиер и Солана копнеат по јаснотијата. Кога ќе се соединат, Хавиер Солана станува вообичаено здодевен. И кога филозофира, и кога се огледува, и кога копнее. Најмногу кога пишува колумни. Како оваа лево.

Тргни, застани, јас повторно во дебата со Солана. Откако почна рубрикава најмногу со него се расправам. Тоа е, му го имам меракот. Не може секој да фрла осиромашен ураниум врз луѓе, а потоа да продолжи да биде битен „мадафака“ во светот. Мора да е тој свет гадно изопачен за да вака функционираат нештата. А јас имам проблем со таквиот свет, каде што Хавиер Солана е „мадафака“. Во нормален свет би требало да биде осуден за злосторства против човештвото. Ама ова е изопачен свет. Во него, Хавиер Солана фрла осиромашен ураниум врз Балканот. Со децении ќе умираат луѓе заради него. А тој ќе си пишува колумни, ќе глуми аналитичар, ќе заработува милиони како светски мудросер. Ебате таквиот свет! Ајде да почнам со контраанализава.

Хавиер Солана сака анкети. Ни посочува анкети. Како онаа на Евробарометар. А таму, во таа анкета, седум од десет граѓани ја сакале ЕУ-интеграцијата. Такви во меѓувреме станале и Британците. Хавиер е среќен поради тоа. Јас се превртувам од смеење. Океј, Солана очигледно ја пишувал колумната пред изборите. Анализира што ќе се случи. Им верува на анкетите. Тој едноставно се наоѓа во сржта на збиднувањата. Има влијание врз политичките текови. Јас за разлика од него само набљудувам што се случува во таа нивна Европска Унија. Читам. И тоа ретко и селективно. Е па, како е можно мене да ми е јасно како ќе завршат изборите, а Хавиер Солана така силно да промаши? Глупо е да кажеме дека анкетите го излажале. Зарем толкав маж така слепо да верува на анкети? Како Солана не виде дека десниот и левиот глобалистички естаблишмент гадно ќе „го јаде“ на избориве? Седум од десет Европејци, ни вели мртов ладен, ја сакале интеграцијата. Па уште и Британците станале такви. Да умреш од смеење. Ај понатаму!

Солана лови каде е проблемот. Проблем да ти биле оние држави кои последни влегле во Унијата. Источноевропејците. Тие не му верувале на системот, па затоа слабо гласале. И ете ги видовме резултатите. Не знаев дека Британија, Франција и Италија се источноевропски земји. Штотуку зачленети во Унијата. Оти резултатите таму им се удрија од глава на глобалистите.

Но Хавиер Солана, како што напишав на почетокот, милува да филозофира. Уф, колку многу будалаштини искажани како врвни мудрости. Нормално, кога се темелат на врвната будалаштина на Фукујама дека дошол крајот на историјата. Тоа е тој месијански синдром. Кој, пак, некако им личи на филозофите. Кога политичарите запаѓаат во месијанство како, на пример, Солана, што, пак, е типично за глобалистиве, сето тоа веднаш личи на гротеска. Така и во колумнава лево. Се фатил за крајот на историјата на Фукујама. Оди ти сега најди му го почетокот на логиката.

Солана се надоврзува на филозофот. Вели, Европејците стигнале на крајот од интересот за историјата. Демек, оние кои порано се плашеа од своето минато, денес се плашат од иднината. Јас не знам каде тоа низ Европа се плашеле од своето минато, макар тоа да било колонизаторско, империјалистичко, робовладетелско или нацистичко, ама точно знам дека нам Македонците ни го забрануваа минатото и нѐ малтретираа дека сме гледале само кон иднината. Пазете ја логиката, фактот дека граѓаните на ЕУ веќе не паѓаат во несвест по лагите на глобалистите, тоа значи дека се плашеле од иднината. Оти, нели, само тие, хистеричните либерали, се иднината.
Нормално, кога ќе заглавиш во анализата, кога нема што повеќе да кажеш умно, почнуваш да креваш паника. И повторно паниката наречена суверенисти е наједноставна. Тргнуваш со оние здодевни етикети. Националисти, популисти, расисти, фашисти. Затоа што немаш аргументи и логика за сопствената политика, најлесно е да фрлаш дрва и камења по неистомислениците. А суверенистите ти дишат во вратот. Сето тоа е крајно логично кога знаеш дека твоите поддржувачи се истренирани до зомбификација, хистеријата им е главен политички адут, а дејствувањето им е сведено на сатанизација, лов на вештерки и етикетирање.

Ја читам колумната на Хавиер Солана понатаму. Каква само видовитост. Визионерство. Солана штотуку ни објасни дека „хаосот на брегзит испрати моќна порака дека ветровите се многу студени надвор од ЕУ“. Гледам, смрзнаа Британците. Најџел Фараж како Леонардо ди Каприо во „Титаник“, отплови на санта мраз на буништето од историјата. Британците тргнаа назад во прегратките на Европската Унија за да повторно се згреат. Патем, на европските избори гласаа масовно за партијата Брегзит. Ги пратија на буништето на историјата конзервативците и лабуристите. Тоа е тој сенс за политичко анализирање, какво што има Солана. Го добиваш по децении политичко манипулирање и фрлање осиромашен ураниум врз невино население.

Претпоставувам, кога еден политичар кој држи до себе, каков што е Солана, веројатно ќе западне во непотребна поетичност за студените ветрови надвор од ЕУ, за миг си звучи крајно будалесто, па мора да се фати за сламката за спас наречена мигранти. Мигранти, па мигранти. Кога ги слуша човек како лелекаат по нивната судбина, се добива чувство дека во секој од овие глобалисти се крие по еден нов Месија. И тој се бори против злото на националистите кои мразеле мигранти. Така манипулираат. Само тоа го знаат. Мислат дека сите преостанати на планетава сме идиоти. Мислат дека не знаеме кој е виновен за пеколот на мигрантите. Оти да не се тие, глобалистите и нивната изопачена моќ која шири војни и пекол низ светот за нафта и опиум, немаше ни да има мигранти.

Уште еден цитат за крај. Солана вели: „Европејците конечно успеаја да создадат заеднички политички простор. Наместо да им дозволат на националистичките популисти да го користат против нив, проевропските партии мора да градат трансформациска приказна фокусирана на иднината“. Браво, Солана! Каков погодок. Врвна анализа. Тоа што Фараж, Ле Пен, Салвини и Орбан ги истресоа од гаќи левите и десните глобалистички елитисти е само фатаморгана која Солана најверојатно ќе ја деконструира во следната колумна.