Борба за светска доминација

„Старата добра Европа“ веќе не е тоа што беше. Се измести рамнотежата на оската Берлин – Париз – Лондон, особено по несреќниот брегзит во Британија, од кој секојдневно никнуваат нови проблеми. Доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа уште повеќе ги заостри опасноста и заканата по новата светска реалност. Здивот на сибирската бела мечка и на кинескиот огнен змеј почна да се чувствува на вратот на Запад, а капак на сѐ се конфликтите во Украина и во Сирија и повампирувањето на корејскиот нуклеарен синдром

Има вистина во тоа дека светот и меѓународната политичка сцена на глобално ниво не се оние од вчера, а какви ќе бидат утре, или во некоја блиска иднина, малку кој од водечките и светски познатите политички набљудувачи и толкувачи во моментов се обидуваат или поточно се осмелуваат да прогнозираат. Не без изненадување, покажувајќи и одредена доза храброст, но и загриженост, во случајов тоа го прави Карл Билт, упатен и опитен европски и светски политичар.

Тој одговорот на овие круцијални, но болни белосветски прашања што очигледно го окупираат и мачат, го бара во магичниот политички и геостратегиски светски триаголник Вашингтон – Москва – Пекинг, или некаде меѓу „бесот на американскиот претседател Доналд Трамп, ревизионизмот на рускиот претседател Владимир Путин и амбициите на кинескиот претседател Си Џинпинг“. Поради флуидноста на можните последици од судирот на различните интереси на овој триаголник, Билт загрижено констатира дека токму овде лежи причината поради која „меѓународниот поредок во последно време станува сѐ похаотичен, нефункционален, дури и опасен“. Светот опасно се движи кон сопствената пропаст, вели тој, благодарение на политиката и стратегијата, токму на главните играчи и протагонисти на овој политички гамбит. Како дојдовме до оваа состојба и како можеме да ја надминеме, се прашува Билт.

За него, времето на либералниот интернационализам од периодот по Втората светска војна и ерата на Рузвелт, Черчил и на Сталин – победници што зедоа сѐ, но и од кои во светот зависеше сѐ, одамна е поминато, новоизградените повоени темели на мирот и демократијата попуштаат, на меѓународната политичка сцена се појавија голем број нови држави, нови сојузи и нови институции и организации. Старите или ги прегази времето или се поткопани од новите интереси и новите поделби: Советскиот Сојуз се распадна, Варшавскиот договор отиде во историјата. Кина без Мао Ѕедунг се отвори кон светот. Европа остана без Југославија. Се создадоа Европската Унија и ШОС, на светската сцена нова улога добија СТО и силните монетарни бастиони како Светската банка и ММФ. Конечно времето на постколонијализмот полека поминуваше, а настапуваше ерата на евидентен прогрес на науката и технологијата и протокот и размената на информации, луѓе и капитал во светот, но останаа НАТО и трката во вооружување и наоѓање нови видови оружје и средства како рецидив на некогашните Студена војна и блоковски идеолошки разлики.

Се појавија нови земји со нуклеарни технологии, пламнаа меѓународниот тероризам и верскиот екстремизам, а цивилизираниот Запад се соочи со масовни миграциски движења и последици и отворање нови воени светски жаришта. Во својата статија Билт тоа го нарекува „нова светска фаза“. Политиката на идеализмот и надежта од 20 век ја замени политиката на одбрана на идентитетот и стравот во 21 век. И „старата добра Европа“ веќе не е тоа што беше. Се измести рамнотежата на оската Берлин – Париз – Лондон, особено по тој несреќен брегзит во Велика Британија, од кој секојдневно никнуваат сѐ нови и нови проблеми. Доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, неговите често асинхрони политички истапувања во однос на американската улога во новиот светски поредок и рускиот разузнавачки дефолт, потоа инволвираноста на САД во начинот на решавањето на блискоисточните и азиските прашања и проблеми, уште повеќе ги заострија опасноста и заканата по новата светска реалност.

Здивот на сибирската бела мечка и на кинескиот огнен змеј почна да се чувствува на вратот на Запад, а како капак на сето тоа легнаа и војните во Украина и во Сирија и повампирувањето на корејскиот нуклеарен синдром. И ете то Билт го нарекува „Хобсова борба за светска доминација“. Во натамошниот развој и ескалацијата на ваквото сценарио Билт смета дека апсолутен губитник секако ќе биде целокупниот Запад, а не само Европа. „Дури и да се отфрлат најлошите сценарија“, вели тој, „Западот ќе се соочи со еден нов свет, нови аспиранти, кои ќе постават и нови барања за иднината“. Судбинска грешка за Билт ќе биде Западот да ги отфрли идеите и институциите што на светот му овозможија просперитет и стабилност, по Втората светска војна и во првата четвртина на 21 век. Двете најмоќни и клучни држави, САД и Руската Федерација, кои го создаваа и се најодговорни за резултатите на повоениот светски поредок, сега не би смееле да му го свртат грбот.