Богатите земји да покажат иницијатива за излез од здравствената криза

Најбогатите седум држави во светот не успеваат да ја предводат глобалната соработка за излез од пандемијата. На претстојниот јунски самит на Г7, лидерите мора да се договорат за финансиската рамка во меѓународната соработка за спас од пандемијата, еднаква дистрибуција на вакцините и за спречување нова здравствена криза предизвикана од широката употреба на антибиотиците

Никој не е безбеден додека сите не се безбедни е мантрата на пандемијата на ковид-19. Соочени со вирус што не познава граници, ниедна држава не треба сама да се справува со тој проблем и мора да постои меѓународна солидарност. Самитот на Г7 во јуни во Велика Британија им дава можност на политичките лидери на најбогатите земји во светот да ја покажат таа солидарност. Тие треба да го искористат тоа што ќе се договорат за финансиски план за акција за поддршка на борбата на човештвото со ковид-19, почнувајќи со правичен пристап до вакцините.
Развојот на безбедни и ефикасни вакцини за ковид-19 беше научен триумф. Новите партнерства што вклучуваат влади, бизниси, филантропи и мултилатерални институции тестираа, испорачаа и започнаа да даваат вакцини за рекордно време. Пристапот до Акцелераторот за ковид-19 (АКТ) обезбедува мултилатерална рамка за соработка за дијагностицирање, третмани и вакцини. Преку механизмот „Ковакс“ досега се испорачаа вкупно 40 милиони дози во над 100 земји.
Покрај овие достигнувања, нееднаквоста на вакцините расте од ден на ден. Богатите земји се на пат да вакцинираат 70 отсто од своето население до крајот на 2021 година, некои од најсиромашните земји нема да го достигнат тоа ниво пред 2024 година, според сегашните трендови. Изоставувањето на сиромашните во светот во лентата за вакцинирање претставува катастрофален морален неуспех.

Со ваквиот чин сите земји си нанесуваат штета. Прекумерното користење на антибиотиците исто така претставува друг проблем и е еден вид меч со две сечила и за земјите во развој и за нивните здравствени системи. Бидејќи коронавирусот се шири и мутира низ неимунизираните популации, тој ќе претставува закана за јавното здравје за луѓето насекаде, вклучувајќи и во најбогатите земји. Покрај тоа, нарушувањето на пазарот предизвикано од ниските стапки на имунизација во земјите во развој може да ја чини светската економија 9,2 илјади милијарди долари, а половина од загубата се однесува на напредните економии.
Сега е време за смела акција. Богатите земји мора итно да ја зголемат својата поддршка за АКТ, истовремено поддржувајќи ги напорите за градење самостојни капацитети за производство на вакцините во земјите во развој. За да изградиме ефективна глобална одбрана од ковид-19 и идните пандемиски закани, ни требаат правично споделување на вакцините и експертизата, информации и технологија потребни за развој на комплексни производствени капацитети таму каде што се потребни, откажување од правата на интелектуална сопственост во текот на пандемијата, зголемување на производството и намалување на цените на вакцините, антибиотиците и други лекови.
Она што недостига е планот за финансирање што е потребен за да се изградат темелите според АКТ. Самитот на Г7 тука може да игра клучна улога, а политичките лидери треба да се договорат за глобален план насочен кон остварување на вакцинските амбиции на сите земји до крајот на оваа година, со што имунизацијата да заврши до крајот на 2022 година. Таа цел ќе се оствари ако во наредните две години Г7 вложат околу 30 милијарди долари годишно, што ќе ги затвори сегашните загуби во АКТ од околу 22 милијарди долари. Потребното финансирање е приближно еднакво на она што најбогатите земји го губат на секои две недели поради трговските нарушувања како резултат на недоволниот пристап до вакцини.

ММФ проценува дека напредните економии ќе добијат над една илјада милијарди долари дополнителни приходи од зголемувањето на економското закрепнување преку забрзана глобална вакцинација, а владите на Г7 можат да насочат 10-15 милијарди долари за вакцини преку Меѓународниот фонд за имунизација.
Со оглед на нивниот статус како главни акционери во ММФ и Светската банка, владите на Г7 треба да бидат поамбициозни во искористувањето на ресурсите на двете институции за одговор на пандемиите. Земјите со ниски примања што се соочуваат со смртоносна комбинација на намален раст, неодржлив долг и ограничен фискален простор итно имаат потреба од финансиска поддршка. ММФ неодамна процени дека се потребни дополнителни 200 милијарди долари за спречување на пандемијата, вклучувајќи финансирање на здравствените системи и програми за вакцинација.

Со оглед на тоа што САД во принцип се согласија за ново ослободување на 650 милијарди долари преку специјалниот резервен фонд на ММФ, што всушност претставува нови меѓународни пари, постои можност да се зголеми ликвидноста и да се намали јазот во финансиите. Владите на Г7 може да се согласат двојно да се зголеми прераспределувањето на овие средства од ММФ за земјите со ниски примања, што ќе генерира 42 милијарди долари за борба против пандемијата.
Финансиите се само еден дел од равенката. Владеењето исто така е важно. Ние мора да се погрижиме сите влади и граѓанското општество да имаат глас во обликувањето на меѓународната соработка. Светското здравствено собрание обезбедува мултилатерална платформа за тој глас и има клучна улога во постигнувањето еднаква распределба на вакцините. Соочени со смртоносната пандемија, лидерите на Г7 сега мора да покажат глобална солидарност. Безбедноста на нивните граѓани и надежите на светот зависат токму од тоа.

Авторот е поранешен британски премиер и министер за финансии