Битката на изморените хегемони

Пред речиси една деценија, предвидов подем на Кина и пропаст на САД. Денес, додека двете суперсили неуморно се борат за превласт, а нивната трговска војна е само еден знак за тоа, време е за нова процена. Предизвикувачки е да се гледа на ривалството меѓу САД и Кина како на само уште една транзиција на суперсилите во долгата човечка историја, која нѐ враќа на класичната промена на хегемоните од Атина кон Спарта. Но актуелниот случај е поразличен. Традиционално, растечката сила го предизвика хегемонот што слабее, правејќи го исходот предвидлив. Единственото прашање е дали транзицијата ќе биде мирна или насилна. Ова прашање важи и за борбата меѓу САД и Кина. Но исходот е далеку од неизбежен, затоа што моќта и на аспирантот и на актуелниот хегемон еродира, иако на различни начини.

Да почнеме со поочигледниот случај на Америка. Претходните предвидувања за падот на САД се засноваа на неповолните домашни економски и социјални трендови, како што се забавување на порастот на продуктивноста, опаѓање на социјалната подвижност и влошување на нееднаквоста во приходите. Во изминатите години, сепак, Америка се соочи со дополнителен проблем со драматичниот пад на меката моќ, што Џозеф Нај ја дефинираше како способност на една земја да ги натера другите да го сакаат тоа што таа го сака. Денес, таа валута на мека моќ, повредна од самиот долар како извор на американската хегемонија, е речиси непрепознатлива. Глобалното лидерство на САД сега е поврзано со катастрофални војни, отфрлање на колективната посветеност за решавање на климатските промени, саботажа на глобалниот трговски систем и демолирање на меѓународните безбедносни аранжмани.

Покрај тоа, Америка ги оштети сопствените политички институции. Во моментот има неурамнотежен претседател, нерасположен Конгрес, исполитизиран Врховен суд и систем на правила што ја јакнат елитата. Во текот на изминатиот век, американските институции честопати инспирираа страхопочит и беа имитирани во поголем дел од светот. Сега, тие се предмет на исмејување, а глобалната финансиска криза во 2008 година го оцрни американскиот модел на капитализам во кој победникот добива сѐ.
Дополнително, кој ќе победи на претседателските избори во 2020-та, ќе биде тешко да го врати сјајот на американските политички и економски институции, благодарение на длабоката поларизација и поделба на Америка, а не поради неповолните економски трендови. Ова предизвикува сè поголеми сомнежи за можноста на Америка да ја проектира својата моќ надвор во светот.

Што е со Кина? Ако кинеската економија остане на вистинскиот пат, таа ќе ја предизвика американската економска надмоќ на среден рок. Како и да е, ризиците од кинески економски закани се зголемија, бидејќи домашниот долг се искачи на вртоглави и неодржливи нивоа, додека можностите за извоз се намалија. Најзагрижувачки, меѓутоа, е фактот што кинескиот претседател Си Џинпинг бизарно се оддалечи од моделот на пораст предводен од приватниот сектор, што служеше како трансформациско средство на земјата над четири децении. Како резултат на тоа, економските перспективи на Кина изгледаат многу помали отколку што беа пред неколку години. Бидејќи Кина е недемократско и затворено општество, нејзиниот хегемоничен пораст отсекогаш беше прогонуван од недостигот од мека моќ. Во обид да го отстрани тој недостиг, Кина ја почна Иницијативата за обнова на Патот на свилата за промовирање на меѓународниот трансфер на нејзината импресивна експертиза во ефикасната и експедитивна изградба на инфраструктурни проекти. Во исто време, Кина ја основаше Азиската инвестициска банка за инфраструктура како предизвик на меѓународните финансиски институции, што таа (и многу други новите сили) ги смета за дискредитирани поради застарените механизми за управување. САД и Европа, пак, уште еднаш го потврдија својот монопол за контрола на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, соодветно, преку недемократски процес што беше воспоставен пред 75 години. Иако не постојат официјални забелешки за неодамнешните промени во лидерството во обете институции, ова не помина незабележано во остатокот од светот.

Трагично, сепак, целата акумулација на мека моќ во Кина е фатално поткопана од нејзиниот политички и стратегиски пресврт под водство на Си. Во земјата се врати култот кон личноста, антикорупциските кампањи често се насочени кон политичките противници, а кинеските акции во Хонгконг и на други места мирисаат на политичка репресија. Дури и Иницијативата за обнова на Патот на свилата тапка во место бидејќи владите-учеснички се мачат со товарот на огромните кинески заеми. Стекнувајќи земјиште, природни ресурси и морски маршрути, Кина би можела да се претвори во наплатувач на долгови.

Накратко, во актуелната борба за глобална доминација, Кина ја намалува својата акумулација на мека моќ, додека Америка ја губи својата економска моќ. Ова ривалство меѓу актуелните хегемони се разликува од претходните ривалства низ историјата. Од транзицијата меѓу Атина и Спарта до примопредавањето меѓу Британија и САД во 20 век, акредитивите на предизвикувачот беа неоспорни. Во минатото, се чинеше како млад, енергичен боксер го предизвикува и го поразува тромавиот средовечен противник. За разлика од тоа, Кина и Америка денес изгледаат како двајца изморени боксери што се напаѓаат цели исцрпувачки 15 рунди, но не за да видиме кој ќе остане исправен, туку повеќе за да откриеме кој ќе биде првиот што нема да биде нокаутиран. Со такви актуелни и идни хегемони, изненадува ли фактот што светот е доведен до состојба без вистинско лидерство?

Авторот е бивш главен економски советник во Владата на Индија