Ауфидерзен, фрау Ангела!

Повлекувањето на Меркел од политиката ќе остави големи траги и во Германија и во ЕУ. Во Брисел веќе стравуваат дека ЕУ нема да биде иста без авторитетот на канцеларката, а некои веќе започнати внатрешноорганизациски процеси во Унијата би можеле да забават, па дури и да запрат. Тоа би можело прво да се одрази врз имиграциската политика или проширувањето на ЕУ

Остануваат само уште денови кога Ангела Меркел, како што самата најави, дефинитивно ќе се збогува од своите долгогодишни политички функции; лидер на Демохристијанската унија (ЦДУ) – една од најмоќните и највлијателни политички партии од крајот на Втората светска војна до денес во Германија и од функцијата канцелар на Сојузна Република Германија. ЦДУ под раководството на Меркел постигна мошне успешни резултати во развојот на либералната демократија во обединетата Германија. Не помалку е значајно што Ангела Меркел е творецот и на низа германски реформи во областа на стопанството, финансиите, вработувањето и спроведувањето на мигрантската политика во земјата. Битно е да се одбележи дека едновремено со својата внатрешна консолидација, Сојузна Република Германија ги зацврсти и ги унапреди своите водечки меѓународно-политички позиции во рамките на ЕУ.

На најмоќната државничка функција во земјата, сојузен канцелар, Меркел дојде во 2005 година, по победата на редовните избори над дотогашниот сојузен канцелар Герхард Шредер. Таа е осми по ред шеф на државата од 1949 година во оваа земја. Пред неа оваа висока и авторитетна државничка функција во Сојузна Република Германија ја извршуваа и такви политички великани, какви што беа Конрад Аденауер, Лудвиг Ерхард, Курт Кисинџер, Вили Брант, Хелмут Шмит, Хелмут Кол и Герхард Шредер, сите осведочени и признаени германски државници и корифеи на високата државна политика на една од најразвиените европски земји и во еден можеби најтежок период во поновата германска историја. Ова беше тимот – политичката репрезентација на Германија, кој ја водеше земјата низ сите сцили и харибди по војната, во која Германија како нејзин инспиратор и предизвикувач доживеа целосен политички дебакл и тежок и срамен воен пораз.

Отстапувањето од партиското лидерство на Меркел во ЦДУ каде што во последниве години се чувствува извесен „замор на материјалот“, сепак не значи и нејзина целосна демисија од високата германска политика. Духот и влијанието на некогашната професорка и докторка по квантна физика и хемија од Темплин во поранешната ГДР-Источна Германија, барем уште некој период ќе биде присутен и ќе се чувствува и во самата ЦДУ, но и во земјата. На тој начин смета Меркел, таа најмногу може и да ѝ помогне на својата партија да ги консолидира внатрешните партиски редови и да ги синхронизира раштиманите односи во раководниот врв на ЦДУ.

Со помош на политиката, преданата и посветена работа и со покажаните организациски можности и способности, Ангела Меркел во последните 13 години се издигна до квалификативот – најмоќна жена, не само во Германија, туку и во Европа, па и во светот. Таа тивка и навидум повлечена фрау, наспроти нејзиниот нежен физички изглед, нема никакви дилеми, поседува неколку типично германски карактерни особини: цврста волја, непоколеблива принципиелност, самодисциплина, кои не ретко, а така многу им недостигаат голем број светски лидери и државници мажи. Овие карактеристики со текот на времето станаа и нејзиниот заштитен знак, кој ја следеше на целиот пат и развој на нејзината политичка кариера и при искачувањето на врвот во партиската, но и во националната државничка хиерархија во Германија. Тој ореол и го осветли патот на Ангела Меркел и на надворешнополитички план каде што со својот авторитет и влијание се изедначи и застана рамо до рамо со највисоките актуелни и поранешни европски и светски лидери од 21 век, какви што беа Џорџ Буш и Барак Обама, Тони Блер, Жак Ширак, Силвио Берлускони, Владимир Путин и други.

Во моментов, Ангела Меркел, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, во ситуација кога заради британскиот брегзит и потресите што излегувањето на Велика Британија од Унијата ги предизвика внатре во Европската Унија, се главниот столб, околу кој Брисел ја санира внатрешната кохезија и ги бара патиштата и насоките за развој и унапредување на организацијата. Тие двајцата се и носителите на „големите европски идеи“, какви што се консолидација на структурата на буџетот во еврозоната, што е вистинска опсесија на Макрон, и формирањето сопствена војска на ЕУ, за што Меркел неодамна, на општо изненадување, отворено проговори пред пратениците на Европскиот парламент во Стразбур. Нејзиното елаборирање на актуелните состојби и визиите за кои таа го врзува идниот развој на организацијата, гласи „солидарност“ и нејзина заштита.

Празнината што ќе настане по заминувањето на Ангела Меркел од јавната политичка сцена во Германија, но и од онаа во Европа, секако дека ќе се почувствува во реалниот живот, бидејќи нејзиниот влог во тоа беше голем. Во ЕУ веќе стравуваат дека без авторитетот на Меркел Унијата нема да биде иста како со неа и некои веќе започнати внатрешноорганизациски процеси во организацијата, ако не престанат, сигурно нивната реализација ќе биде забавена. На пример, тоа најнапред може да се регистрира во областа на политиката на проширување на Унијата со нови земји-членки, или на планот на спроведувањето на емиграциската политика во последниве години, која им создаде голема главоболка и проблеми на лидерите на сите земји-членки на Унијата. Времето бргу ќе покаже дали и колку Ангела Меркел ќе им недостига и на Берлин, но и на Брисел и кој кому и колку му бил потребен.