Апел за нова глобална здравствена структура

Катастрофална е штетата што ја предизвика ковид-19, која е дополнително влошена со постојаното појавување нови соеви, а наедно со најновиот омикрон. Над пет милиони животи во светот беа загубени како последица на болеста, а со прогнозите за зголемување на потврдените случаи до 460 милиони до идната есен, СЗО проценува дека во наредните месеци ќе бидат загубени уште пет милиони животи. Задачата на Светското здравствено собрание на неговата специјална седница беше да се најде решение за да се спречи повторувањето на ваква трагедија. На светот сега му е потребен меѓународно обврзувачки договор за да се спречи појава на идна заразна болест да прерасне во пандемија.
Како што тврди Тедрос Аданом Гебрејезус, генералниот директор на СЗО, новиот договор треба да биде поткрепен со висока посветеност кон здравјето на сите луѓе, заснован на еднаквост и солидарност меѓу земјите. Секој, без разлика на приходите, треба да има еднаков пристап до здравство, а меѓународната заедница треба да обезбеди правична употреба и дистрибуција на достапните медицински ресурси. Тоа ќе бара целосно функционален глобален систем за надзор, брзо следење и споделување поддршка во вонредни состојби и предвидливи финансии.
Потребата за ваков договор јасно ја покажува колективниот неуспех на светот да ја обезбеди ветената правична дистрибуција на вакцините за ковид-19. Иако брилијантната наука и силниот производствен напор значат дека до крајот на 2022 година ќе имаме произведено 12 милијарди, дози што се доволни да се вакцинира секој возрасен човек во светот, сепак 95 отсто од возрасните во земјите со ниски приходи остануваат незаштитени. Меѓународно договорената цел на СЗО за вакцинирање на 40 отсто од возрасната популација во секоја земја до декември 2021 година се чини дека нема да ја постигнат 82 земји. Според тековните трендови, ќе биде потребно време до напролет за да се постигне, но и тогаш се очекува да изостанат десетици земји. Всушност, на самитот на Г7 во јуни, лидерите ветија дека целиот свет ќе биде вакциниран против ковид-19 до 2022 година, меѓутоа јазот меѓу вакцинираните и невакцинираните се зголеми. Така, за секое возрасно лице што сега прима прва доза вакцина, шест возрасни лица во земјите со високи и средни приходи ја добиваат нивната трета доза.

Ваквата нееднаквост лесно може да се објасни. Едно скорашно истражување на „Ерфинити“ покажа дека најбогатите земји во светот купиле 89 отсто од сите вакцини против ковид-19 и во моментов ја задржуваат контролата врз 71 отсто од идните испораки. Глобалниот север не ги исполни ветувањата дека ќе му донира вакцини на Глобалниот југ. САД испорачаа само 25 отсто од ветеното, додека Европската Унија, Обединетото Кралство и Канада донираа само 19, 11 и пет отсто, соодветно. Механизмот „Ковакс“, за кој постоеше надеж дека ќе распредели две милијарди вакцини до декември, сега се очекува да испорача само три четвртини од тоа количество. За земјите од Г20, кои ги трупаат резервите на вакцини што можат да спасат нечии човечки животи и наедно ги лишуваат најсиромашните држави од нив, додека десетици милиони дози се фрлаат поради истечен рок, е морално неодбранлив чин на медицински и социјален вандализам што никогаш не треба да се заборави или прости.
Нееднаквоста во вакцините покажува зошто се потребни повеќе фундаментални промени во меѓународната глобална јавно-здравствена структура на донесување здравствени одлуки. Се разбира, од меѓународните заедници, само Апелационото тело на Светската трговска организација и Меѓународниот кривичен суд, чии одлуки се конечни, имаат слобода и овластувања да носат обврзувачки одлуки што националните влади имаат обврска да ги следат. Меѓутоа, нема да биде лесно да се постигне обврзувачки договор. Правно обврзувачкиот меѓународен пакт неопходен за да им се овозможи на глобалните здравствени власти да сторат повеќе за спречување, откривање, подготовка и контрола на пандемијата засега е надвор од наш дофат. Во време кога се појавуваат нови соеви на ковид-19, од клучно значење е специјалниот самит да започне процес за развој на правно обврзувачки договор под закрила на Уставот на СЗО. Покрај тоа, владите можат да се потпрат на неколку важни неодамнешни извештаи.
Силен договор треба да содржи неколку клучни елементи. Прво, глобалните здравствени лидери мора да имаат повеќе овластувања за развој и надградба на здравствениот надзор. Второ, треба да се надоврземе на пионерската работа на Акцелераторот за алатки за пристап до ковид-19 (АКТА) и на „Ковакс“ и да обезбедиме правично производство и дистрибуција на лична заштитна опрема, тестови, третмани и вакцини, за сите држави можат сами подобро да се заштитат од сегашните и идните пандемии. И трето, потребен ни е глобален одбор за подготвеност за пандемија. Но ваквите договори ќе функционираат само ако лидерите осмислат одржлив механизам за финансирање за да се решат очигледните глобални нееднаквости во здравството. Премногу често во време на глобални кризи се сведуваме на усвојување или свикување ад хок донаторски конференции. Идеално, подготвеноста за пандемии треба да се финансира според формулата за споделување на товарот што ги распределува трошоците меѓу земјите со најголем капацитет за плаќање. Дури и сега, помалку од 20 отсто од буџетот на СЗО се покрива на овој начин.
Неисполнувањето на глобалните цели за вакцинација против ковид-19 може да чини 2,3 илјади милијарди долари изгубен БДП до 2025 година. Со оглед на таа перспектива, предложениот буџет од 10 милијарди долари за превенција и подготвеност од идни пандемии ќе понуди еден од најголемите поврати на инвестиции во историјата. Но ние мора да дејствуваме сега, почнувајќи со специјалната седница на Светското здравствено собрание.

Авторот е поранешен премиер и министер за финансии на Велика Британија.