Америка мора да ја претстави својата визија за Кина

Минксин Пеи

Од сите промени во американската надворешна политика што ги направи администрацијата на претседателот Доналд Трамп, најголеми последици има усвојувањето на конфронтациски став кон Кина. Заменувајќи ја повеќедецениската политика на меѓусебна соработка, пристапот на Трамп не само што резултира во економска студена војна помеѓу двете светски најголеми економии, тој ја зголеми опасноста од оружен конфликт во Јужно Кинеско Море и во Тајванскиот Теснец.

По првата година од неговиот мандат, Трамп ја именуваше Кина како стратегиски „конкурент“ и „ривалска сила“. Но не е само Трамп: за американскиот безбедносен естаблишмент и водечките републикански членови на Конгресот, како и за некои демократи, Кина претставува најсериозна долгорочна закана за американската глобална доминација и виталните интереси. Геополитиката беше примарна причина за рапидното влошување на американско-кинеските односи во изминатите две години, и затоа трговската војна на Трамп мора да се гледа во тој контекст. Американските тарифи можеби се фокусирани на долгорочниот кинески економски потенцијал, но главниот мотив е да се ослабне Кина како стратегиски ривал. Мора да биде јасно дека и покрај економските оправдувања на Трамп – заштита на интелектуалната сопственост на американските бизниси и корекција на големиот билатерален трговски дефицит – неговите тарифи најверојатно ќе ѝ нанесат сериозна штета на американската економија, додека ги уриваат економските односи изградени во изминатите четири деценија.

Ваквата промена веќе алармира некои од најискусните американски експерти за Кина и бивши политичари. Во отворено писмо, сто од нив – вклучувајќи и републиканци и демократи, и многу остри критичари на кинеските политики и однесувања – неодамна го повикаа Трамп да не се однесува кон Кина како кон непријател. Американската јавност по сѐ изгледа во најголем дел се согласува. Да нема забуна, низ САД има многу проширена антипатија кон Кина: според најновото истражување на „Пју рисрч сентер“, само 38 отсто од Американците позитивно гледаат на Кина, додека, пак, околу 47 проценти имаат негативен став. Но само 29 отсто од испитаниците ја навеле кинеската воена моќ како причина за загриженост. Многу поголем дел (58 отсто) е загрижен за економската моќ на Кина. Тоа сугерира дека во очите на поголемиот дел на Американците, главна цел на односите со Кина би требало да биде заштита на нивниот стандард, а не иницирање геополитички конфликт.

И покрај тоа, геополитичката конфронтација изгледа е токму тоа што администрацијата на Трамп го планира, и тоа на сметка на стандардот на многу Американци. Тоа укажува до кој степен промената на американската политика кон Кина се спроведе зад очите на јавноста и без отворена дебата.

Таква дебата е итно потребна. Иако откако почна трговската војна доминира со вестите, голем дел од американската јавност не е свесен за размерот на трансформацијата на американската политика кон Кина, која ја изложи нивната земја на отворен конфликт со идната најголема економија во светот. Во демократиите, Владата не може да спроведува долгорочна борба со моќен геополитички непријател, без постојана политичка поддршка од информираната јавност. Посебно внимание треба да им се посвети на младите луѓе, бидејќи тие ќе го сносат товарот од трошоците на претстојната кинеско-американска студена војна. За да биде веродостојна таквата дебата, администрацијата на Трамп ќе мора да одговори на круцијални прашања за нејзината кинеска политика. Прво, која е крајната цел на политиката? Можните одговори вклучуваат модификација на одредени кинески однесувања или политики, задржување на кинеската економска или воена моќ, или директна промена на власта.

Администрацијата на Трамп потоа ќе треба да објасни како планира да ја постигне својата наведена цел. Дали економското обезглавување е ефикасна или остварлива стратегија? Авторите на отвореното писмо тврдат дека американските напори за отстранување на Кина од глобалната економија ќе ѝ наштети на меѓународната улога и репутација на САД, и ќе ги поткопа економските интереси на сите нации. И, дали другите земји – дури и традиционалните американски сојузници – ќе бидат убедени да ги поддржат тие напори? Дали САД ќе сакаат (или можат) сами да дејствуваат?
Без разлика која политика ќе ја избере, администрацијата на Трамп мора да може да ја оправда. Минатиот октомври, потпретседателот Мајк Пенс и официјално прогласи „студена војна“ со Кина, во жестокиот говор што вклучуваше многу обвинувања. Тоа што Пенс – и преостанатиот дел од администрацијата на Трамп – не го понуди беше разумно оправдување на американскиот третман на Кина како егзистенцијална закана. Администрацијата на Трамп мора да ги претстави својата визија и цели пред народот што би требало да го претставуваа.

Минксин Пеи е професор и автор на неколку дела за кинеската политика