Алката што недостига во постпандемиската обнова

Довербата ќе биде клучна за закрепнување од пандемијата на ковид-19 и од рецесијата. Сепак, во текот на изминатите десет години, довербата на луѓето во владите, јавните и приватните институции, но и меѓу себе, опадна во многу напредни економии. Како што е типично за периоди на голема несигурност, цената на златото вртоглаво се зголеми во последните месеци.
Денешниот драстичен пад на довербата не треба да изненадува. Сегашната криза не само што го опфаќа целиот свет и е досега невидена од многу аспекти туку таа е и сеопфатна. Кога јавната здравствена состојба ескалира и предизвика колапс во реалната економија, финансиските пазари забележаа голем подем. Како и со светската финансиска криза од 2008 година, пандемијата на ковид-19 значително ја ослаби довербата на јавноста во експертизата. Теориите на заговор и политичката реторика што ја отфрлаат науката станаа пречеста појава. Но ако јавноста не им верува на препораките на научниците и на финансиските експерти, тогаш кризата само ќе продолжи во иднина.

Довербата може да се зачува, но само ако започнеме да работиме кон нова економска и институционална парадигма. Тоа значи да се справиме директно со сè поголемиот скептицизам кон јавноста кон повеќето големи институции, од централните банки и меѓународните финансиски организации до Светската здравствена организација и академските институции, а да не зборуваме за големите технолошки компании. Овие сомнежи веќе не се типични само за популистите и маргинализираните лица. Во САД, 30 отсто веруваат дека коронавирусот е создаден во лабораторија, а 35 отсто велат дека не би ја примиле вакцината против ковид-19.
Во исто време, политичарите сега се прашуваат до кој степен фискалната и монетарната политика ќе ја помагаат економијата. Никогаш претходно толку многу пари не биле ставени на располагање за толку многу луѓе за толку кратко време. Во рок од само неколку месеци, ние веќе ја надминавме помошта што беше дадена по финансиската криза од 2008 година. Мобилизацијата на финансиските ресурси (квантитативно и квалитативно) во невиден обем ја покажа огромната моќ на финансиите да заштитат или да преориентираат цели економии.

Ова може да трае само додека има доволно доверба во системот. Ако одеднаш исчезне довербата на јавноста во централните банки, финансискиот систем ќе пропадне. Ако доволно луѓе одеднаш не сакаат повеќе да го толерираат понатамошното богатење на мал процент од населението додека осиромашуваат преостанатите, либералната демократија, исто така, ќе биде во опасност.
Слични предупредувања можат да важат и во однос на науките. Никогаш досега пред пандемијата, истражувањето и споделувањето податоци не се случувале со толку брзо темпо. Никогаш досега толку многу луѓе од толку многу земји не се сплотија да ја следат истата цел, односно развој на безбедна и ефикасна вакцина. Интересно е да се забележи ваквата масовна мобилизација, но исто така загрижува во сегашната клима.
На краток рок, зголемената недоверба во медицинските експерти се заканува да ја намали ефикасноста на вакцинацијата против ковид-19. Извештаите дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се мешала во работата на јавните здравствени агенции ги оправда сомнежите во некои случаи.

На светско ниво, постојат прашања и за тоа дали вакцините ќе се дистрибуираат еднакво и според вистинската потреба. Наспроти пошироката заднина за опаѓање на довербата во експертизата, останува нејасно дали ќе се одржат сегашните нивоа на финансирање за истражувањето во науката и во медицината. Научните и технолошките истражувања ќе бидат од суштинско значење за решавање на проблемите од климатските промени до нееднаквоста, а расте и потребата за паметни медицински помагала, системи за далечинско учење и нови лекови и антибиотици за да се избегнат идните кризи во јавното здравство.
Со оглед на ризиците, едноставно не можеме да си дозволиме понатамошно поткопување на довербата кај јавноста. За лидерите во финансиите и во науките, задачата сега е да развијат транспарентни и стабилни правила, така што процесите за донесување одлуки ќе бидат јасни и пристапни за политичарите, медиумите и пошироката јавност. Општата цел треба да им даде поголема моќ на луѓето и наедно да се врати нивната доверба. Тоа значи да се обезбеди транспарентност, да се развие вистинска одговорност и да се препознае нефункционалното. Во медиумско опкружување, кое е склоно кон дезинформации и споделување објави на социјалните мрежи, лидерите во финансиите и во науката мораат проактивно да ја ангажираат јавноста.

Но ние не треба да се залажуваме дека системот само едноставно треба да се поправи. Потребен е целосен редизајн за нашите институции да служат за општото добро. Односите меѓу експертите и јавноста повеќе не треба да се сведуваат на моделот „земи или остави“ во самоуправувањето во однос на науката и на финансиите. Сега постои силна потреба од враќање на довербата, која стана ретка. Застрашувачки е дури и да се размислува што би значело понатамошно нејзино губење во денешниот свет што се бори со кризи. Што би следувало? Одлив на капитал? Масовно одбивање за вакцинација? Негирање на глобалното затоплување во свет што буквално гори? Враќањето на довербата нема да биде лесно. Но тоа мора да се направи за да се надминат кризите денес и да се спречат оние што можеме да ги предвидиме.

Бадре е поранешен управувачки директор во Светската банка. Додека Орели Жан е основачка на „Ин силико веритас“, советничка во Бостонската консултантска група и надворешна соработничка во француското министерство за образование