Што доби Путин на руските избори

476

Нина Хрушчова

На почетокот на неговиот мандат како претседател во раните 2000-ти, Владимир Путин беше како прозападно ориентиран „остров“ во антизападните руски води. Како што тогаш забележав, неговата желба да „ја закотви Русија цврсто кон Западот“ беше сосема спротивна на традиционалните идеи за безбедност во државата. Но по претседателските избори што се одржаа неодамна, на кои Путин ја зацементира својата визија за Русија како воен бастион, јасно е дека негов остров е национализмот и така ќе остане сè додека тој управува со Кремљ. Јасно е каква опасност ова претставува. По 18 години на власт, Путин сега оди уште подалеку од своите советски претходници со постепеното зголемување на шансите за избивање нуклеарен конфликт со Западот. Ваквата агресивна реторика добро му послужи на изборите на кои резултатот му овозможи да добие „бела карта“ за неговиот четврти мандат. Кога излегував од гласачкото место, внука ми Маша, која е прва година на факултет, ми рече дека „Путин е единствениот лидер што го познава“. Се наежив од нејзината изјава. Кога јас бев прва година на факултет во Москва, знаев само за Леонид Брежњев и беше страшно што тоа значи за иднината. Путин, од своја страна, веќе го надмина мандатот на Брежњев и сега е веднаш зад Јосиф Сталин, кој владееше со државата речиси три децении. Путин освои рекордни 76 отсто од гласовите, што значи дека над 56 милиони Руси гласале за него, што претставува уште еден рекорд.

Учеството на другите кандидати само ѝ даде легитимност на победата. Негови „противници“ беа Павел Грудинин од Комунистичката партија, Владимир Жириновски од Либералдемократската партија, новинарката и славна личност Ксенија Собчак (Доналд Трамп во руската политика) и Григориј Јавлински, кој се кандидира за претседател уште откако Михаил Горбачов беше на власт. Претходниот изборен рекорд на Путин изнесуваше околу 50 милиони гласа, кои ги освои во 2004 година. Но во изминатите неколку години, тој успеа да ги обедини Русите под едно знаме и да ги маргинализира противниците. По анексијата на Крим од Украина во 2014 година, критиките упатени кон Владата почнаа да се сметаат за предавство. За да се одржи атмосферата на криза, поточно чувството дека Русија е нападната од сите страни, Путин оттогаш почна да ги користи разните меѓународни скандали. Тој ги истакнуваше истрагите за руското мешање во изборите на Западот, забраната на Олимпискиот комитет за руските спортисти да настапуваат на натпреварите поради допинг-скандалот, а неодамна и обвиненијата на Велика Британија дека Кремљ издал наредба за да се нападне со нервен агенс поранешен руски двоен агент во Англија. Со толку лош публицитет, не е изненадување тоа што Русите ја почувствуваа потребата за солидарност. Одзивот од речиси 70 отсто беше блиску до замислената цел на Кремљ.

Путин не ризикуваше. Кремљ потроши 770 милиони рубли (13,3 милиони долари) за слогани како „Гласај за Путин, гласај за силна Русија“. На денот на изборите, владини претставници поставија штандови со храна за половина цена на изборните места. Видеоснимки што масовно се ширеа на Интернет го прикажуваа Путин како силен „татко на нацијата“. На големите компании и фабрики им беше извршен притисок да ги мобилизираат гласачите. Дури и во најоддалечените места, како Дагестан на југот или Чукотка на северот, избирачките одбори на гласачките места дури ги проверуваа гласачите дали гласале за Путин. Но дури и на места каде што гласањето беше послободно отколку во Дагестан, како во Калмикија, Бријанск, Краснодар, Курск и други индустриски и земјоделски региони, околу 80 отсто од гласачите го поддржаа Путин. Ваквиот таканаречен „црвен појас“ традиционално ги поддржуваше комунистите што нудеа патриотски слогани. Но во 2018 година, Путин го имаше монополот во патриотизмот. Во меѓувреме не му успеа апелот на антикорупцискиот активист и опозициски лидер Алексеј Навални за бојкот на изборите. Навални тврдеше дека народот не треба да излезе на гласање, за да го лиши Путин од посакуваниот одзив од 70 отсто. Но со тоа што Навални самиот не се кандидира поради измислените кривични обвиненија, дури и типичните опозициски центри, како Москва и Санкт Петербург, гласаа за Путин. Сепак, отсуството на либерални кандидати не објаснува зошто Путин освои 70 отсто од гласовите во Москва и 75 отсто во Санкт Петербург (каде што одзивот беше 15 отсто помал од просекот во државата).

Овие резултати укажуваат дека изборното тело станало помеко. Многумина сега сметаат дека полесно е да ја поддржат пораката на Путин за „силна држава“ отколку да бидат против мнозинството и да се соочат со можни обвиненија за предавство. Отсуството на протестите на годинешните избори беше нов феномен во Русија. Кога ги посетив избирачките места со намера да набљудувам, а не да гласам, се потсетив на ерата на Советскиот Сојуз. Многу потсетуваше на полициска држава, односно гласаа 10 луѓе и нив ги набљудуваа најмалку 20 полицајци и изборниот одбор. Единствената разлика меѓу Русија на Путин и Советскиот Сојуз е тоа што гласачите барем имаат впечаток дека имаат друг избор освен „драгиот лидер“. Според организацијата за право на глас „Глас“, можеби годинава забележа помалку случаи за незаконско полнење на гласачките кутии или заплашување на гласачите. Но тоа е поради тоа што други техники успешно се покажаа, како стандардниот притисок на работното место и постојаната пропаганда. Освен Путин, и Собчак имаше корист од овие избори, со тоа што ја искористи кампањата за да го промовира нејзиниот бренд. Собчак честопати го нарекува Путин „вујко Владо“ и сака да му помогне на Кремљ опозициската политика да ја претвори во несериозно забавно шоу. Таа дури изборниот процес го окарактеризира како „потранспарентен“ од минатото, небаре знае. На Путин, овие избори му овозможија да формира нова влада без некогаш моќниот изборен блок, како што е урбаната средна класа, која сега е изолирана и сака да се здружи со поддржувачите на „моќна Русија“. Режимот на Путин е инертен, но може да издржи многу години со оглед на немањето ефикасна опозиција. Сигурно е дека Путин не може да го исполни своето ветување за воена моќ и просперитетна иднина. Двете ветувања се косат, затоа што одржувањето на рускиот милитаризам ќе бара поместување на старосната граница за пензија, зголемување на даноците и други тешки реформи. На крајот на краиштата, Русите гласаа за помала општествена и политичка слобода, а за поголема економска стагнација. Тие одлучија да се вратат назад во времето на една иднина од која некогаш се плашеа.

Авторката е професорка по меѓународни односи на Новата школа и постара соработничка на Институтот за светска политика