Чуму и за кого мал шенген?

804

Српската иницијатива за мал шенген веќе е во полна брзина. Пред кратко време беше првата средба во Нови Сад, следуваше Охрид, а во декември ќе биде и во Драч, доколку запрат земјотресите. Вучиќ, Заев и Рама изгледаат одлучни во своите намери, кои не ѝ се целосно познати на јавноста. Иако со отворени резерви, Босна и Херцеговина и Црна Гора (на пониско ниво), сепак, дојдоа во Охрид. Косово одби учество со проблематично објаснување дека не сакаат замена на членство во Унијата, од кое се предалеку.

Начелно, идејата не смее да се одбие. Причините за тоа се многубројни. Секоја регионална соработка е добредојдена ако помага за побрз развој на земјите во регионот и за негово стабилизирање. Олеснувањето на протокот на луѓе, стоки, услуги и капитал е фундаментален интерес на сите земји. Пречи јанѕата дека зад замислата може да се крие некаква замена за членството во ЕУ. Така е особено сега кога од Париз се најавува подолго прекинување на процесот на проширување дури и со индикатори дека соседите на Унијата (од Балканот) и не мора да станат членки. Впрочем, ако е така, овој проект е уште поважен. Секако не како супституција.

Зад идејата на Вучиќ отворено застанаа само САД, што може да асоцира дека тие се всушност и идеологот. Подолу ќе видиме дека за тоа има повеќе причини. Иако Вучиќ најави дека тоа ќе го бара на одржаната средба, Макрон јавно не даде поддршка. А на Пендаровски му тврдел дека не размислувал на некаква балканска замена за членството во Унијата. Дека ЕУ ќе застане зад иницијативата со целата своја тежина нема никаков сомнеж, ама и ова тактизирање само ја јакне јанѕата дека нешто сериозно се крие во заднина.
За што, всушност, станува збор?
Факт е дека состојбите во регионот не се сјајни. Македонија е во постојана криза, а успееја да ја прекрстат и понижат без никаква компензација, само со празни фалби; Косово го прекина дијалогот со Србија наметнувајќи високи царини; односите меѓу Албанија и Србија се долго на тенок мраз; Макрон ја нарече Босна и Херцеговина – „временска бомба“, што е повеќе од точно… Значи, проблем до проблем.

По распадот на Југославија, првпат во историјата, САД се главен фактор на Балканот. Тоа значи дека ја носат и одговорноста за состојбите, кои веќе утре можат да експлодираат со несогледливи последици. Загриженоста на Вашингтон е логична и нормална како и потребата нешто итно да се преземе. Претходно се лансираа разни АЛМАКОС-и, во кои би влегле Албанија, Македонија, Косово со или без Црна Гора, што практично би била голема Албанија. Во една таква креатура, Македонците и евентуално Црногорците би биле малцинства. Очигледно се сфати дека такво нешто е невозможно и сега затоа и Србија е во игра. Не треба да има дилеми дека ќе се приклучат и БиХ и Црна Гора, а, се разбира, и Косово. Колку што знаеме, во прашање е иницијатива без никакви заеднички институции туку само со правила за однесување. Колебањето на Макрон јавно да поддржи е можеби и најдобрата потврда дека во заднина се кријат САД. Париз е секогаш алергичен на потезите на Вашингтон што сега, кога конфронтацијата меѓу Унијата и САД е јавна, тоа мора да е дури и нагласено.

Причините за една ваква иницијатива на САД се многубројни.
Прво, Вучиќ е избран за промотор бидејќи Србија е најголема држава од регионот што не е во ЕУ и во НАТО. Се истакнува неговото регионално значење, како поттик да се оддалечи од Москва. Вашингтон не крие дека е сериозно загрижен за врските на Србија со Русија, а можеби е веќе свесен и дека преголема важност им даде и на Албанците во регионот. Ризиците од таквата политика веќе се наѕираат. Затоа се вклучува Белград како нов адут во регулирањето на Балканот што, се разбира, ќе биде под нивни менаџмент.
Второ, веројатна главна цел на проектот е приближување на Србија и на Албанија како две најголеми земји во регионот (според вкупниот број Албанци), што најлесно може да се постигне преку една ваква иницијатива. Се отвора простор долгорочно да се работи на надминување на нивното историско непријателство, со обид да се воспостави и нова регионална оска. На тој начин ќе се отворат можности и за порелаксирано решавање на односите меѓу Косово и Србија и тој процес ќе се стави во поширока временска рамка. Потегот треба да влијае и на намалување на екстремните аспирации и на Тирана и особено на Приштина, кои се евидентно опасни за сите. Релативизирањето на границите позитивно ќе влијае и на Србите на Косово.

Трето, Косово не беше покането во Нови Сад, а одби да дојде во Охрид. Елиминирањето на пасошите може да биде проблем за Приштина. Тоа ја релативизира границата со Србија, која е сега симбол на независноста. Во меѓувреме, остра дебата се води меѓу Тирана и Приштина ама, сепак, треба да се очекува Косово да оди во Драч. Вашингтон веќе интервенираше во таа насока. Косово беше секогаш порадикално од Албанија и сега со право се плаши дека САД ја ревидираат апсолутната поддршка за Албанците. Тирана е попрагматична. Слично нешто се случуваше на времето и меѓу Милошевиќ и Србите во Краина, Хрватска. Како Рама сега, тој сфати дека мора да се бара компромис, додека Србите од Хрватска сакаа максимум за на крајот да загубат сѐ. Резултатот беше погубен – над 200.000 ги напуштија своите огништа.

Четврто, иако Сараево сѐ уште има резерви, и БиХ треба да биде една од главните цели на оваа иницијатива. Со нејзино отворање кон регионот би можела да се зголеми функционалноста на државата, која, инаку, е на многу ниско и загрижувачко ниво. Ќе се зголемат комуникациите со Србија што позитивно ќе влијае на тензиите, кои се постојани и на недовербата, која е длабока. Република Српска сигурно (ќе) има позитивен став, а остатокот, објективно, нема аргументи да биде против. Ваквата соработка ќе придонесе и за намалување на центрифугалните сили предводени од Додик. Тоа би требало да ја заживее БиХ, што би било добро и за земјата и за регионот. Босанската позиција брзо ќе се избистри, ако треба и со ишарети однадвор. Во Драч, најверојатно, ќе бидат дел од иницијативата.
Петто, Црна Гора се колеба поради напреднатите преговори за членство во Унијата. Се плаши да не направи грешка во чекори. Од Брисел нема знаци што би ја ориентирале ама и тие, кај и да се, ќе стигнат макар и индиректно. Американската бургија не мирува. Се чини дека влезот на Црна Гора во ЕУ, за кој се претпоставуваше дека ќе се случи во 2025 година, сега е сериозно доведен во прашање. Подгорица има простор и за една ваква замисла.
Шесто, постепеното проширување на иницијативата веројатно е намерно за да се добие впечаток на природен процес, без туторство.

Седмо, каде сме тука ние? Ако се спроведе тоа што се најавува, користа за Македонија ќе биде неоспорна, иако нејзината улога ќе биде споредна. Таа веќе користи лични карти со сите земји што ќе бидат дел од проектот, што не е случај кај другите. Таков чекор меѓу нив ќе значи нов квалитет во олеснување на циркулацијата на луѓе и ќе разбие некои стари недоверби и предрасуди, што ќе биде корисно и за нас.
Може да се заклучи дека малиот шенген треба да воведе некаква динамика во развојот на регионот, кој е по многу нешта летаргичен. За разлика од оваа мултилатерална иницијатива, билатералните договори се парцијални и не важат за сите. Не постои поширока меѓусебна координација, а регионот е мал и расцепкан што е голем заеднички хендикеп. Од Скопје до Дубровник минуваш низ четири граници, низ осум контроли, на растојание од околу 350 километри. Просечно ги има на секои 40 километри. Користењето на личните карти треба да биде сериозен чекор кон бришење на границите. ЦЕФТА навистина ја регулира трговијата ама се покажа неефикасна како механизам, што нагласено дојде до израз околу косовските царини за Србија и БиХ…

Во целина, иницијативата личи на – турни ме да кинисам. Тоа има негативна конотација ама, сепак, заслужува поддршка: ако не се туркаме меѓусебно за побргу да одиме и напред и кон Брисел, ќе си тапкаме во место. Ова треба да биде и исчекор регионалните проблеми да се решаваат тука, меѓу заинтересираните, без да чекаме камшикар однадвор, што е во основата самопонижување.
Факт е дека резервите кон иницијативата се присутни во сите спомнати земји. Има и зошто: сѐ се прави некако набрзина, нема доволно елементи што се договара, се менува бројот на учесници, не се за потценување сомнежите за можна замена на членството во ЕУ… А на некој начин, збунува и самото име – мал шенген, кое нема прецизно објаснување.

За утеха, на Балканот ништо ново не се прифаќа без резерви и отпори. Сите сме конзервативни. Така нѐ учела и историјата. За критизерство сме први во светот ама кога е потребна акција, предност секогаш им даваме на другите, а самите се криеме. А така не се стигнува никаде. Дали е и овој пат во прашање само некаква нова политичка манипулација и измама, за да се одржува медиумска актуелност, или постои некаква скриена намера за дефинитивно држење на преостанатите земји од Балканот надвор од ЕУ, набргу ќе се увериме. Ако се случи тоа, ќе си префрламе за сопствената наивност. Доколку, пак, се потврди цврста политичка волја од инволвираните земји нешто вистинско да се преземе во правец на релативизирање на границите, за да тргнат работите во побрз развој, тогаш сите ќе аплаудираме.

Aвторот е поранешен дипломат