Четири приоритети за глобална пандемиска стратегија

525

Контрастот помеѓу молкот на улиците и плоштадите во Европа и бурната болна реалност во многуте од нејзините болници е огромна. Ковид-19 го има не само во Европа, туку насекаде низ глобалната заедница. Веќе е јасно дека пандемијата ќе го преобрази нашиот свет. Но точно како, ќе зависи од изборот што го правиме денес. Коронавирусот треба да се смета за заеднички непријател на светот. Иако ова не е војна, сепак, потребно ни е „воено“ мобилизирање на ресурсите.
Но во време на криза, нашиот инстинкт е да се свртиме кон внатре, да се грижиме за нас самите. Оваа реакција, иако е разбирлива, таа е самоубиствена. Одејќи сами, единствено загарантирано е дека борбата ќе трае подолго и дека човечките и економските трошоци ќе бидат многу повисоки. Иако непријателот предизвика националистички рефлекси, тоа можеме да го победиме само со прекугранична координација во Европа, но и пошироко.

Ни треба заеднички меѓународен пристап кон пандемијата, особено за помош на најранливите земји во развој и зоните на конфликт. Оваа точка ја истакнав во неодамнешните мои разговори со министрите за надворешни работи на групата Г7, но и многу други. Европската Унија мора и ќе биде дел од напорите.
Сега е време да покажеме дека солидарноста не е празна фраза. За среќа, тоа веќе се демонстрира во Европа, каде што Франција и Австрија испраќаат повеќе од три милиони маски во Италија и каде што Германија зеде и лекува пациенти од Франција и од Италија. По првата фаза на раздвојувачките национални одлуки, сега влегуваме во фаза на еволуирање, во која ЕУ зазема централна точка.

Покрај меѓународната координација меѓу владите, треба да се зголеми соработката меѓу научниците, економистите и креаторите на политиките. За време на финансиската криза во 2008 година, Г20 одигра клучна улога во спасувањето на глобалната економија кога беше во рецесија. Уште еднаш, потребно е глобално лидерство.
Постојат четири главни приоритети за глобалната соработка. Прво, ние мора да ги собереме ресурсите за да произведеме нови третмани и вакцина, која треба да се смета за глобално јавно добро. Второ, треба да ја ограничиме економската штета со координирање на фискалните и паричните стимулативни мерки за заштита на глобалната трговија со стоки. Трето, треба да планираме да ги отвориме границите на координиран начин секогаш кога здравствените власти ќе дадат зелено светло за тоа. И на крајот, сите мора да соработуваме за да се справиме со кампањите за дезинформации.

Исходот од неодамнешните донесени точки од одржаниот виртуелен самит на Г20 оди во општа насока. Но глобалните и мултилатералните иницијативи во деновите што ќе следуваат треба да бидат целосно спроведени и одржливи.
Бидејќи вирусот се шири на глобално ниво, особено внимание треба да посветиме на неговиот однос врз кревките држави, каде што неговото растечко влијание се заканува да ги влоши постојните безбедносни жаришта. Во Сирија, Јемен, Газа и во Авганистан милиони луѓе веќе имаат претрпено многу низ годините на конфликт. Замислете што ќе следува доколку коронавирусот се појави во бегалските кампови во регионот, каде што санитарните и здравствените услуги веќе се презаситени, а хуманитарните работници се борат да дадат помош.

Во многу земји во развој во неформалната економија, голем број луѓе честопати немаат друг избор, освен да излегуваат секој ден и да заработат за живеење. Уште полошо, миењето раце и социјалното растојание може да бидат далеку потешки во овие земји, бидејќи проточната вода не е секогаш достапна, а семејствата имаат тенденција да живеат во тесни и пренатрупани места.
Ова е борба што ќе треба да се добие со финансирање. Земјите во развој во суштина зависат од три извори на финансии: странски инвестиции, пари од дијаспората и туризам. Сепак, сите овие извори сега се силно погодени. На глобално ниво, приливот на капитал драматично опадна бидејќи инвеститорите бегаат во безбедните засолништа, а работниците што се на печалба ги губат работните места и не можат да испраќаат пари дома.

Ние се соочуваме со глобална рецесија; за да се избегне економска несреќа во земјите во развој, наскоро ќе бидат потребни значителна финансиска поддршка и нови кредитни линии. Координацијата помеѓу централните банки и меѓународните финансиски институции е единствениот одржлив пат за напред во иднина.
Конечно, среде мракот, постои огромна шанса да се стави крај на долготрајните конфликти. Веќе има некои позитивни знаци на соработка помеѓу ривалите. На пример, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт неодамна испратија помош за Иран, кој беше тешко погоден од ковид-19. Никој не може да си дозволи да води повеќе војни во исто време. Како што побара генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ние треба да ја искористиме оваа криза како можност за враќање на мирот.
Светот првично се сретна со кризата од ковид-19 на некоординиран начин, со тоа што многу земји ги игнорираа предупредувачките знаци и одеа сами. Сега повеќе од јасно е дека единствениот излез од тоа е да се оди здружено.