Тројна победа за човештвото, природата и климата

Минатиот ноември се случи нешто невообичаено во средината на јужниот дел на Атлантски Океан. Малиот архипелаг Тристан да Куња, кој е британска прекуокеанска територија, реши да обележи над 687.000 квадратни километри (површина поголема од Франција) на океанот за да се воведе четвртата по големина морска заштитена област во светот (МПА). На Тристан да Куња се наоѓаат полињата за размножување на повеќе од три четвртини од преостанатите светски северни пингвини, кои се загрозен вид. Со тоа што екосистемот на архипелагот сега е заштитен од индустриски риболов, кој е насочен кон храната на пингвините, научниците се надеваат дека на овој познат вид може да му се обнови популацијата.
Повеќе од половина од рибниот фонд во југозападниот дел на Атлантски Океан е драстично намален, што значи дека рибите се вадат од водата побрзо отколку што можат да се размножуваат. На светско ниво, над три четвртини од рибниот фонд практично е цел на прекумерен риболов, а вкупниот улов на диви риби е во опаѓање уште од средината на 90-тите години на минатиот век. Прекумерниот риболов на тој начин им штети на светските резерви на безбедна храна. За да се реши овој проблем, потребно е да се утврди дека помалку е повеќе. Една студија од 2017 година на Светската банка сугерираше дека намалувањето на риболовните напори за речиси половина би ги зголемило светските улови и економските придобивки што ги создава. Но постои комплементарен и поефикасен начин за враќање на рибниот фонд и за зачувување на морскиот биодиверзитет.

Неодамнешното истражување предводено од „Нешенел џиографик“, објавено во научното списание „Нејџр“, покажува дека заштитата на вистинските места во океанот ќе го заштити уникатниот и незаменлив морски живот што моментално е изложен на ризик од човечката активност, додека истовремено ќе го зголеми снабдувањето со морска храна. Рибите што живеат подолго, растат и повеќе се размножуваат. Големите риби произведуваат непропорционално поголем број јајца што потоа во процесот на репродукција овозможува да се збогатат околните области со нов рибен фонд. Според тоа, морските заштитени области се итна инвестиција што е потребна за капацитетот на океанот да се регенерира.
Но тоа не е сè. Студија на „Нешенел џиографик“ исто така откри дека таканареченото „орање“ на морското дно со огромни, тешки мрежи за фаќање риби или ракчиња, ослободува емисии на јаглерод диоксид во океанот на размер сличен на атмосферските емисии на авионите. Намалувањето или елиминирањето на ваквиот риболов би го вратило морското дно да биде место каде што ќе се складира јаглеродот наместо да биде извор на емисии на јаглерод диоксид и на тој начин ќе помогне да се ублажат климатските промени.

Колку од океанот треба да заштитиме за да ги постигнеме овие повеќекратни придобивки зависи од тоа колку земји го ценат риболовот наспроти сите други предности што ги нуди морскиот живот. Но студијата на „Нешенел џиографик“ покажа дека, без оглед на преференциите на заинтересираните страни во океанот, ние мора да заштитиме најмалку 30 отсто од светските океани, ако сакаме да уживаме во тројната победа на обновениот морски живот, со тоа што ќе имаме поголем рибен фонд и помала емисија на стакленички гасови.
Сè поголем број земји веќе ветија дека ќе заштитат 30 отсто од копнените и океанските води до 2030 година за да помогнат во спречувањето на огромна катастрофа за истребување на видовите што го предвидоа научниците. Од пингвини и носорози до пчели и лековити растенија, ризикуваме да изгубиме еден милион видови со невидена брзина во текот на овој век. Ова би било како да ги убиваме диносаурусите, со тоа што астероидот што ќе ја погоди планетата сме всушност ние, луѓето. Владите ги даваат овие ветувања заедно со обврските за почитување на правата на домородните народи и локалните заедници пред Конференцијата за биодиверзитет на Обединетите нации што треба да се одржи во Кунминг, Кина, подоцна оваа година. На состанокот се очекува лидерите да договорат план за решавање на претстојната криза на истребување.

Покрај архипелагот Тристан да Куња, Сејшелите воспоставија заштитени зони што покриваат 30 отсто од нивните води во Индиски Океан. Но многу повеќе земји треба да го сторат истото тоа, бидејќи само седум отсто од светските океани во моментов се под некаква заштита. Проширување на заштитата на најмалку 30 отсто од светското земјиште и океаните, како и ефикасно управување со овие области, ќе бара просечна годишна инвестиција од 140 милијарди долари до 2030 година. Тоа е околу една третина од износот што националните влади во моментов го трошат за субвенционирање активности што ја уништуваат природата, како рударството и наоѓалиштата на нафта и гас. Исполнувањето на целта од 30 отсто, исто така, би довело до просечни годишни придобивки од 250 милијарди долари во зголемено економско производство и најмалку 350 милијарди долари во подобрени услуги на екосистемот во споредба со сегашниот статус кво. Ова значи дека секој еден долар внесен во заштитените подрачја ќе генерира најмалку пет долари приход, покрај значењето на запирањето на тековната криза со биодиверзитетот.
За да ги искористиме овие придобивки, треба да се движиме побрзо од стапката на прекумерен риболов на отворено море и побрзо од темпото на уништување на тропските шуми во светот. Овој спринт за брзо и ефикасно прифаќање и зачувување на биодиверзитетот во светот може да започне од Тристан де Куња со пингвините, кои немаат друг дом освен архипелагот.

Авторот е истражувач во „Нешенел џиографик“.