Трамп и падот на меката моќ на САД

808

Една влада со своето однесување на домашната и на меѓународната сцена може да влијае врз другите држави, водејќи преку примери. Во сите овие области, Трамп ги промени политиките што ја правеа Америка атрактивна

Доказите се јасни. Доналд Трамп како претседател ја поткопа американската мека моќ. Само 30 отсто од испитаниците во скорашната анкета на „Галуп“, спроведена во 134 држави, се изјасниле дека ги поддржуваат САД под раководство на Трамп, што е пад речиси за 20 отсто од рејтингот на Барак Обама. Истражувачкиот центар „Пју“ откри дека Кина со позитивен рејтинг од 30 отсто е речиси популарна како САД. Според британските анкети, Америка од првото место во 2016 година лани падна на третата позиција. Бранителите на Трамп одговорија дека меката моќ не е важна и ги скратија средствата за Стејт департментот и за американската агенција за меѓународен развој за 30 отсто. Залагачите за „Америка на прво место“ сметаат дека мислењето на светот не е толку важно. Дали се во право? Меката моќ се базира претежно на привлекувањето наместо на принудување или плаќање. Нејзината цел е да ги привлекува луѓето наместо да ги принудува.

На лично ниво, мудрите родители знаат дека ќе имаат поголемо влијание ако користат здрави етички вредности за децата наместо да користат ќотек, забрани или дозволи. Слично на тоа, политичките лидери одамна знаат за моќта што потекнува од можноста да формираат агенда и да ја одредат рамката за дебата. Ако успеам да убедам некого да го сака истото тоа што го сакам јас, тогаш не морам да ве натерам да правите нешто што не сакате. Ако САД се залагаат за вредности што другите сакаат да ги почитуваат, тогаш не мора да го користат методот на награда и казна. Покрај тврдата моќ, привлекувањето може да ја зајакне моќта. Меката моќ на државата главно потекнува од три извори: од нејзината култура (кога е интересна за другите), политичките вредности, како што се демократијата и човековите права (кога ги практикува), и нејзините политики (кога се сметаат за легитимни затоа што вклучуваат смиреност и свесност за туѓите интереси).

Со тоа како една влада постапува дома (на пример, заштитата на слободата на медиумите), во меѓународните институции (консултирањето на другите и мултилатерализмот) и во надворешните политики (промовирањето на развојот и човековите права) може да влијае на другите преку својот пример. Во сите овие области, Трамп ги промени атрактивните американски политики. За среќа, Америка е многу повеќе од само Трамп или владата. За разлика од капацитетите на тврдата моќ (како што се вооружените сили), многу ресурси на меката моќ се одделни од владата и само делумно ги одразуваат нејзините цели. Во едно либерално општество, владата не може да ја контролира културата. Немањето официјални културни политики само по себе може да биде извор на привлечност. Холивудските филмови како „Тајно досие“, во кој се прикажани независните жени и слободата на медиумите, можат да бидат привлечни за другите.

Истото тоа можат да го сторат и добротворната работа на американските фондации или користа од слободата на истражување на американските универзитети. Точно е дека фирмите, универзитетите, фондациите, црквите и другите невладини групи развиваат своја мека моќ што може да ги зајакне или да им противречи на целите во официјалната надворешна политика. Сите овие приватни извори на мека моќ најверојатно ќе станат сè поважни во информациската ера во светот. Ова се уште поголеми причини за владите да се погрижат нивните чекори и политики да ја создаваат и зајакнуваат нивната мека моќ наместо да ја намалуваат и уништуваат. Домашните или надворешните политики што дејствуваат хипокритично, арогантно и индиферентно за ставовите на другите или се базирани на ограничениот концепт за националните интереси може да ја поткопаат меката моќ.

На пример, големиот пад на атрактивноста на САД во анкетите спроведени по инвазијата на Ирак во 2003 година беше повеќе реакција на администрацијата на Буш и неговите политики отколку на САД генерално. Ирачката војна не беше првата политика на владата што им донесе непопуларност на САД. Во 1970-тите, многумина во светот се противеа на американската војна во Виетнам, а ставот на Америка ја одрази непопуларноста на таа политика. Кога политиката се промени и се заборави на војната, САД успеаја да вратат поголем дел од меката моќ. Слично на тоа, по завршувањето на војната во Ирак, САД успеаја да го вратат поголемиот дел од својата мека моќ во повеќето региони во светот (иако помалку на Блискиот Исток). Скептиците можат да тврдат дека подемот и падот на американската мека моќ не се толку важни затоа што државите соработуваат поради своите интереси. Но ова тврдење не ја вклучува главната поента, а тоа е дека соработката е прашање на степен, а степенот зависи од привлечноста или одбивноста. Покрај тоа, ефектите на меката моќ на една држава ги опфаќаат и недржавните актери, на пример со помагањето или спречувањето на регрутацијата од страна на терористичките организации.

Во информациската ера, успехот не зависи само од тоа која војска ќе победи, туку и чија приказна ќе победи. Еден од најголемите извори на меката моќ на Америка е отвореноста на нејзините демократски процеси. Дури и кога погрешните политики ја намалуваат нејзината атрактивност, со способноста Америка да критикува и да ги поправи своите грешки всушност таа станува уште поатрактивна за другите на подлабоко ниво. Кога демонстрантите маршираа против Виетнамската војна, тие ја пееја химната „We shall overcome“ на американското движење за човекови права. Америка исто така со сигурност ќе ги надмине проблемите. Со оглед на искуството во минатото, постојат многу причини за да се верува дека САД ќе ја вратат својата мека моќ по Трамп.

Нај е професор на Харвард и автор на книгата „Иднината на моќта“