Тие веат знаме, јас си веам зелка

1157

Извинете на муабетов, ама откако ја прочитав колумнава на Романо Проди и Стефано Микоси, за малку не повратив. Потоа пак ја прочитав, па се смеев десетина минути. Ваква невкусна патетика одамна немам прочитано. Добро, навистина си мислат дека некој нормален сериозно ги сфаќа? Секако, тука не ги вбројувам чипуваните грант-активисти и мејнстрим-медиумите на елитата, ама не верувам дека постои човек со грам свест што ќе им се фати на глупавата мамка. Британците го ставале европското знаме на своите куќи. Да, да, и летачкиот циркус може да тргне.

Малку ми е непријатно чувството дека вечерва треба да заспијам. Се плашам да не ми дојдат во сонот Проди и Микоси мавтајќи со европски знамиња. А јас тамам сум почнал да водам љубов со Лаура Антонели од моето детство. И ете ги двајцава глобалистички битанги, ги растураат нејзините воздишки мавтајќи со глупото знаме. Се будам, а тие уште тука, ми го туткаат знамето под нос. Ајде, земи го, се пенави Романо. Закачи го на балкон, скока околу мене Микоси како Роберто Бењини на ЛСД. Дечки, олабавете, се дерам, мене еротски ме пали Моника Белучи, а европски Матео Салвини.

Цинизмот настрана, мене ми е многу јасно од каде паникава кај глобалистиве преточена во патетични будалаштини. Знаат што ги чека на европските избори во мај. Вовед во нивната катастрофа се случи на провинциските избори во Холандија. Франција, секој викенд, деветнаесет недели со ред е во хаос. Банкарскиот и глобалистички слуга Емануел Макрон им ја пушти војската на улица. И тоа со дозвола да пукаат во граѓаните. Тоа е практично објава на војна со сопствениот народ, кулминација на паниката кај оние што јас ги нарекувам изопачена моќ. Британија фати усвет од нивната Унија. Матео Салвини, идниот премиер на Италија, брише под со бриселската глобалистичка хунта. АФД во Германија ѝ дише во врат на Меркел. Нивниот колапс е близу.

И што прават ликови како Проди, Микоси, Билд, Солана и другите перјаници на глобализмот кога знаат дека се тресе тлото под нивните нозе? Играат со факти и аргументи? Секако, не. Политика изградена на пропаганда, спин и манипулации не може да се фати за факти и аргументи. Тие веднаш се фаќаат за нивното омилено оружје, етикетите. Те сите други се националисти, те се фашисти, те се путинисти. Сол Алински и Џорџ Сорос ги имаат научено така. Крадецот вика фатете го крадецот. Ама мора да вреска за да ја заглуши логиката околу себе. Всушност, самите тие се нацисти, затоа и фрлаат дрва и камења по нивните противници, чие вистинско име е суверенисти. Ужас ги фаќа од политичари како Орбан и Салвини. И, нормално, шират паника. Шират црни сценарија. Ќе ги снемало европските вредности, ќе се затвореле граници, никој немало да може никаде да оди, ќе се уништела економијата, оти само тие, нели, се способни да владеат. Но ајде малку со ред. Издвоив пет точки од нивната колумна.

ПРОДИ и МИКОСИ: Веењето на знамето на ЕУ од нашите домови и канцеларии може да испрати непобитен сигнал дека Унијата нема да биде уништена од нејзините непријатели, внатрешни или надворешни.

ЈАС: Веењето на зелката во нашите домови и подруми е многу позначајна и покорисна работа од зачувувањето некаква глобалистичка и фашистичка супердржава како ЕУ. Зошто? Затоа што зелката е дадена од бога, а ЕУ е ГМО-творба од бескорисни бирократи, политичари, марионети, џиновска администрација и лоби-групи што не работат во интерес на граѓаните, туку ги остваруваат целите на светската елита и нејзините корпорации. И не само затоа. Европскиот парламент има само советодавна, а не законодавна улога, така што сите оние купишта закони што ЕУ ги става на товар на граѓаните ги носат поданиците на елитата што никој не ги избира на избори.

ПРОДИ и МИКОСИ: Освен тоа, моделот на европска социјална држава е светилник на цивилизацијата и пример за целиот свет.

ЈАС: Чиста лага. Манипулација. Спин. ЕУ е само првична макета за создавање на идната светска држава што ќе има една влада предводена од елитата, една војска и една полиција, една електронска валута и сето тоа со една единствена цел – целосна контрола врз човештвото и ресурсите.

ПРОДИ и МИКОСИ: Нема сомневање дека ние во Европа нема да можеме да го зачуваме она што го постигнавме во текот на изминатите седум децении ако секоја земја-членка на ЕУ тргне сама по својот пат.

ЈАС: Ова е чиста вистина. Нема спин, нема манипулација. Само треба да ја прочитате реченицата со вистински очи. Не при очи, слепи. И не треба да талкате меѓу редови. Буквално разберете ја. Тие навистина нема да можат да го зачуваат она што го граделе седумдесет години ако државите на Унијата си го вратат националниот и економскиот суверенитет. Нема да можат повеќе да ги силуваат граѓаните со забегани закони и зголемување даноци. Нема да можат да го тераат својот нов софистициран фашизам. Нема да можат да одлучуваат за судбините на луѓето и народите без никој да не смее да им се спротивстави. Нема да можат да работат во корист на банките, корпорациите, лобистите, а на штета на граѓаните. Нема да можат да ја спроведуваат својата диктатура маскирана во лажна демократија.

ПРОДИ и МИКОСИ: Драматичното зголемување на мигрантските текови, што во голема мера се должи на сириската граѓанска војна и на анархијата што преовладува во Либија, создаде плодна почва за ксенофобите да ги шират своите пораки на омраза.

ЈАС: За сириската граѓанска војна и анархијата во Либија виновни сте само вие, глобалистите. Без вас ќе нема терор на планетава, барем не во толкаво количество. Им ги уништивте државите на тие луѓе за да им ги украдете ресурсите, им ги разурнавте домовите, им ги убивте најблиските за да немаат каде да одат и кај кого да се вратат, за да дојдат кај вас како робови што ќе ги експлоатирате за малку пари. И не, не се работи за ксенофобија на европските граѓани, туку за страв дека останувајќи без работа, а со кредити до гуша кај безмилосните банкари, и тие ќе станат ваши робови

ПРОДИ и МИКОСИ: Почнувајќи од овој март, да му го покажеме нашето знаме на светот, како симбол на нашето единство и нашите соништа и како знак на нов почеток во нашите напори за зачувување и продлабочување на европското единство.

ЈАС: „Како националсоцијалисти, ние ја гледаме нашата програма во нашето знаме“, Адолф Хитлер.