Солидарноста да стане приоритет за земјите во развој

83

Концептот на стандарди за заштита на животната средина, општество и управување (ЕСГ) стана масовно прифатен во светот. Водечките фирми на Волстрит ги усвоија стандардите на ЕСГ како водич за одговорни инвестиции, принудувајќи ги илјадниците корпорации во кои инвестираат да го сторат истото тоа. Но дали овие стандарди им помагаат на инвеститорите и корпорациите што работат во земјите во развој да го распределат капиталот поефикасно или тоа е само израз на постмодерните вредности и приоритети на богатиот свет?
Според овие стандарди, компаниите се обврзани да известуваат за нивните еколошки практики и поврзаните климатски ризици, за нивниот третман кон работниците, клиентите и заедниците во кои работат, но и за различни критериуми за управување, како што се разновидноста на одборот и регуларноста на внатрешните и надворешните ревизии за лошо постапување. Процесот треба да им даде поголем увид на инвеститорите за целокупното влијание на една фирма врз засегнатите страни, со тоа што доколку фирмите не се свесни за нивното целокупно влијание, занемарените или запоставените прашања можат лошо да им се одразат.

Но до кој степен ЕСГ им помага на земјите во развој да ги намалат огромните разлики во приходите и благосостојбата што ги одвојуваат од напредните економии? Едно подлабоко истражување открива дека ништо во рамката на овие стандарди експлицитно нема да ги фаворизира видовите инвестиции потребни за да се постигне оваа цел. Затоа, итно е потребна алтернативна рамка. Заедничкиот раст во повеќето земји во развој е ограничен од неможноста да се одржи повисок увоз, потребен за производство на речиси секое современо добро или услуга, додека недостигот од девизи ја намалува достапноста на потребните придонеси.
За една држава да има поголем увоз, треба да биде во можност и да извезува повеќе. Слабиот извозен капацитет се претвора во низок сооднос на увоз и стапка на раст, која е многу чувствителна на егзогените зголемувања на капацитетот за увоз, што може да произлезе од подобрувања во однос на трговијата, зголемена помош или полесен пристап до финансии, како што се случи за време на суперциклусот на стоки во периодот од 2004 до 2014 година. Како пример може да се земе споредбата меѓу Јапонија и Бангладеш, Етиопија, Нигерија и Пакистан, кои сите имаат население од 100 до 200 милиони жители. Пред пандемијата на ковид-19, Јапонија беше 19 пати побогата од Етиопија и осум-девет пати побогата од другите. Нејзиниот сооднос увоз/БДП беше два-три пати поголем од другите. И цената на доларот во единици на споредбено домашно производство во Јапонија беше околу една третина од онаа во другите земји. Високата цена, заедно со ниското количество, е знак за ограничување на девизите. Покрај тоа, во Етиопија, Пакистан и повеќето други земји со ниски приходи, извозот учествува со помалку од половина од увозот. Остатокот потекнува од странска помош или неодржливо задолжување.

Во една економија во развој, важно е извозот да го дополни процесот на раст со зголемувањето на платите. Ако одржувањето на извозот зависи од одржувањето на ниските плати, зголемувањето на приходите ќе го намали капацитетот за извоз, со што ќе се наруши процесот на раст. Брзорастечките земји во Источна Азија и во Источна Европа можат да одржат зголемен приход затоа што ја пренасочија својата кошница на извоз кон посложени производи.
Покрај тоа, во земјите со средни приходи, домашниот пазар обично се карактеризира со големи конгломерати, кои имаат доминантни позиции во активности како малопродажба, банкарство, осигурување, градежништво, телекомуникации и пијалаци. Овие сектори имаат доволно монополска моќ да бидат дарежливи кон нивната работна сила. Тие исто така можат да дизајнираат производи за клиенти од дното на пирамидата и да се истакнат во сите параметри што се важни за стандардите. Сепак, овие индустрии бараат девизна размена што самите тие не овозможуваат да се генерира. Покрај тоа, тие покажаа лоши резултати во истражувањето и развојот или другите метрики на иновации, иако ништо од ова не ги нарушува во тековната метрика на стандардите.
Овој вид деловна структура објаснува карактеристика на денешните земји со ниски и средни приходи што би го изненадиле и самиот Карл Маркс. Тој предвиде дека капиталистичкото производство од фирми што поседуваат свои средства за производство и вработуваат работници за плата ќе го измени занаетчиското производство од занаетчиите што поседуваат свои алатки.

Наместо тоа, капиталистичкото производство ангажира само половина од работната сила во земјите со средни приходи и многу помалку отколку во земјите со ниски примања. Остатокот од работната сила е самовработен или работи во микропретпријатија што личат на оние од времето на Маркс.
Оваа ситуација е тесно поврзана со недостигот од девизи. Едноставно кажано, современите активности што не вклучуваат тргување, не можат да растат над капацитетот на економијата за генерирање девизна размена. За жал, ЕСГ се исклучени од критериумите што би фаворизирале навистина ефективни инвестиции што би ги трансформирале земјите во развој. Мотивацијата за прифаќање на ЕСГ е добронамерна, меѓутоа на светот му е потребен различен пристап што би ги фаворизирал особено оние извозни активности што ќе стимулираат поголема сложеност, иновации, единство и повисоки плати.

Авторот е поранешен главен економист во интерамериканската развојна банка, а актуелно е професор на Школата за управување на универзитетот „Харвард“ и директор на тамошната развојна лабораторија.