Сеќавајќи се на чудото од 1989 година

97

Карл Билт

Месецов навршуваат 30 години откако Европа, и поопшто човечката цивилизација, ја почна чудесната трансформација, која сега е врежана во сеќавањето на светот. До летото 1989 година, Советскиот Сојуз веќе беше во фаза на конечно распаѓање. Единствено прашање беше дали комунизмот ќе се распадне мирно или во услови на експлозија на насилства и уништување.

Во самиот Советски Сојуз, политиките на Михаил Горбачов, Гласност и Перестројка, ги отворија вратите за промени, но сепак Горбачов се чинеше дека верува дека комунистичкиот систем може да се спаси преку реформи. Во меѓувреме, на периферијата на советската империја, многумина стравуваа дека евентуалниот колапс на системот ќе ги врати тенковите на Црвената армија на улиците и на градските плоштади. Сеќавањата за советските напади во Берлин во 1953 година, Будимпешта во 1956 година и Прага во 1968 година останаа живи, како и тешката репресија на балтичките држави во периодот пред Втората светска војна.

Роден во терор, Советскиот Сојуз се одржа со години преку војничката чизма и тајната полиција. Никој не знаеше дали може да преживее без повторно да се прибегне кон брутална сила. Тоа беше нервозно време за Европа. Меѓутоа, тоа беше и време на промени. Напорите за сузбивање на независниот синдикат на Полска, Солидарност, не успеаја. Принуден на компромис, полскиот комунистички режим одржа полуслободни избори во јуни 1989 година, на кои Солидарност ги освои сите пратенички места, освен едно. Во меѓувреме, во трите балтички републики (Естонија, Летонија и Литванија) распространетите „народни фронтови“ веќе бараа поголема автономија од Советскиот Сојуз и наскоро почнаа да бараат целосна независност.

На 23 август, два милиони луѓе формираа човечки синџир, кој се протегаше 600 километри преку Естонија, Латвија и Литванија, и повикуваше на независност. Времето на т.н. Балтички пат не беше случајно. Точно 50 години порано, Хитлер и Сталин влегоа во таен пакт за агресија, со кој Источна Европа требаше да се подели помеѓу нацистичка Германија и Советскиот Сојуз. Тоа го отвори патот за Втората светска војна и веднаш им стави крај на слободата и на независноста на Балтикот. Но, централната, потенцијално експлозивна арена во 1989 година беше т.н. Германска Демократска Република (ГДР), односно комунистичка Источна Германија. Ова во суштина беше гарнизонска држава, изградена за заштита на петте советски армии, опфаќајќи 19 дивизии и 500.000 војници, кои беа сместени таму уште од 1945 година. Иако Берлинскиот ѕид стана моќен симбол на поделбата на Европа по август 1961 година, вреди да се запамети зошто тој беше потребен на прво место – за да се спречи колапсот на ГДР, а со тоа и пошироката советска империја во Европа.

Неколку дена пред формирањето на човечкиот синџир на Балтикот, околу 600-700 граѓани од Источна Германија одржаа мирни протести за време на кои ја преминаа бодликавата жица кај Сопрон, мал унгарски град на границата со Австрија. Она што подоцна стана познато како Паневропски пикник, всушност, беше најголемото бегство од зад Железната завеса по изградбата на Берлинскиот ѕид. Уште повеќе, тоа беше внимателно планирано за да се тестира реакцијата на советските власти.
Во Кремљ, советското раководство, или барем Горбачов, продолжи да верува дека империјата е безбедна и дека може да се реформира. Се толерираше Балтичкиот пат, а Паневропскиот пикник едноставно беше игнориран. Но латентниот потенцијал на тие демонстрации наскоро стана очигледен. Луѓето почнаа да бегаат од ГДР во илјадници. Наскоро, унгарските власти немаа друга алтернатива освен да ја отворат границата. Бран Источногерманци ја преплави Чехословачка, трагајќи по маршрутата кон Западот. На 9 ноември, лидерите на ГДР неволно дури и го отворија самиот Берлински ѕид.
Источногерманската држава ја снема за помалку од една година. По демократските избори во март 1990 година, Источногерманците решија да се спојат со Сојузна Република Германија. Со исчезнувањето на ГДР, колапсот на советската империја беше речиси целосен.

Некои сметаат дека значајната промена што почна во 1989 година беше неизбежна. Но тие треба да се присетат дека во јуни истата година, лидерите на Кина распоредија тенкови за (буквално) да го прегазат мирното движење за слобода на плоштадот „Тиананмен“. Имаше многу комунистички водачи што бараа „кинеско решение“ за демонстрациите во 1989 година. Всушност, на советскиот команден пункт јужно од Берлин (кој служеше како команден центар за германската армија за време на Втората светска војна и беше заземен од Хитлер децении порано), маршалите на Црвената армија чекаа наредби да маршираат и да ја спасат империјата со секакви неопходни средства.

Никој не може да знае што ќе се случеше ако надвладееја поконзервативните сили во Кремљ. Најверојатно ќе имаше широко распространето насилство во целиот регион, што ќе го натераше Западот да интервенира. Директната војна беше посебна можност. Конечно, големите империи исчезнувале експлозивно низ историјата. Ако ништо друго, искуството со Советскиот Сојуз беше исклучок.

За среќа, таа наредба никогаш не беше издадена кон Црвената армија. Дел од причината за тоа е што советските лидери погрешно веруваа дека задушувањето на протестите е непотребно и дека системот ќе преживее. Но тоа беше така затоа што демократските сили почнаа да бележат подем во самата Русија. Новиот лидер во Москва беше Борис Елцин, кој не се приврзуваше за носталгијата кон преценетата и неодржлива империја.

Пред триесет години, Европа доживеа навистина чудесни неколку месеци. Денес треба да им оддадеме почит на не само оние што се бореа за промени, туку и на оние што одбија да ги испратат тенковите. Повторно можеше да се пролее крв низ улиците на Европа, но на крајот не се случи тоа.

Авторот е бивш премиер и министер за надворешни работи на Шведска