Светот да се посвети на човековите права и мир по крајот на пандемијата

172

За градење на мирот, на лидерите им е потребно да негуваат надеж и да внесат емпатија, солидарност и долгорочна визија за општото добро во своите политики. Токму ваков пристап сега е потребен за да се надмине пандемијата на ковид-19 и да се изгради еден поотпорен свет, кој во иднина подобро ќе се справи со шоковите и кризите

Во „Изгубениот рај“, англискиот поет Џон Милтон ја сумира суштинската вистина за борбата со која се става крај на насилниот конфликт и се воспоставува траен мир преку зборовите: „Кој контролира со сила, остварил само половина од победата над својот непријател“. Овој увид беше клучен за сам да разберам како да најдам начин за да се стави крај на долгата и скапа граѓанска војна во Колумбија, а од друга страна истото важи и ден-денес за нашите заеднички глобални предизвици. За да се изгради мирот, лидерите треба да негуваат надеж и да внесат емпатија, солидарност и долгорочна визија за општото добро во своите политики. Токму ваков пристап сега е потребен за да се надмине пандемијата на ковид-19 и да се изгради поотпорен свет, кој во иднина подобро ќе се справи со шоковите и кризите.
Колективното искуство на човештвото со ковид-19 нè потсети сите колку животот може да биде скапоцен, кревок и меѓусебно поврзан. Постоењето на секоја личност на оваа планета е нераскинливо поврзано со постоењето на нашите браќа, сестри и соседи, како и со нашите предци и неродени генерации. Како што започнуваме да ја исцртуваме обновата по пандемијата, препознавањето на нашата заедничка судбина е клучната инспирација што ја црпиме од наследството на претходните успешни лидери.
Во овој поглед, нема подобар модел од оној на Нелсон Мандела, човекот со бесконечна храброст и решителност, кој му се спротивстави на особено злобниот систем на расно угнетување и стана најголемиот миротворец на неговата генерација. Мандела издржа речиси три децении затвор, го водеше својот народ кон слобода и изгради отпорна, мултирасна демократија во Јужна Африка, која трае до денес.
Скромноста на Мандела и неговата цврста верба во демократијата помогнаа да се постават темелите на модерна Јужна Африка.

Овие квалитети одекнуваа и на глобално ниво, затоа што Мандела секогаш ја ставаше борбата за ослободување на Африканскиот национален конгрес во контекст на пошироката меѓународна борба против колонијализмот, расизмот и дискриминацијата. Оваа афирмација на нашето заедничко човештво лежи во срцето на одлуката на Мандела да ја основа „Старешините“, организацијата на независните глобални лидери, чиј член сум и јас. Во својот говор на претставувањето на организацијата во Јоханесбург во јули 2007 година, Мандела ѝ даде специфична задача на организацијата, а тоа беше „да ја поддржува храброста таму каде што има страв, да се негува договорот каде што има конфликт и да се дава надеж каде што има очај“. Денес повеќе од кога било, ние мора повторно да се посветиме на овој пристап кога сме соочени со пандемијата, но и со уште поголемите егзистенцијални закани како што се климатските промени и нуклеарното оружје. Итно е потребно експлицитно признавање од глобалните лидери дека солидарноста е важна и дека тие мора да дејствуваат решително за да го одбранат и обноват мултилатерализмот.
Оваа амбиција и чувство на надеж се од суштинско значење. Еден отрезнувачки пример за нивното отсуство е разочарувачката колективна реакција на повикот на генералниот секретар на Обединетите нации (ООН), Антонио Гутереш, од март 2020 година, за „глобален прекин на огнот“ како одговор на ковид-19. Точно е дека апелот на Гутереш беше привлечен и ООН процени дека завојуваните страни во 11 земји го почитуваа до почетокот на април минатата година. Но на Советот за безбедност на ООН му требаа повеќе од три месеци да донесе резолуција со која се поддржуваше апелот. Премногу конфликти продолжија да траат во текот на 2020 година и ден-денес. Бројот на човечки жртви, особено кај невооружените цивили, беше катастрофален. До средината на 2020 година, насилните конфликти придонесоа за пораст на бројот на присилно раселени лица, на речиси 80 ​​милиони. И до крајот на годината, речиси 100 милиони луѓе се соочија со сериозни недоволни количества храна како резултат на конфликтите, за разлика од 77 милиони во 2019 година.
Ова е сериозна критика за колективен неуспех, особено од страна на петте постојани членки на Советот за безбедност. Ние мора да ја разбереме ваквата навидум парализата на Советот во поширокиот контекст на многуте неуспеси на глобалното лидерство што ковид-19 јасно ги покажа.

Тука спаѓаат недоволната координација и споделување информации за спречување на пандемијата, несоодветната соработка од Г20 за заштита на глобалната економија, недостигот од финансиска помош за поддршка на глобалниот југ и морална катастрофа со „апартхејдот на вакцините“.
Кога се размислува за овие многубројни предизвици и разочарувања, многу е лесно да се јави песимизмот. Но ако го прифатиме неуспехот, тоа не само што значи препуштање на привилегираните во светот, кои не мора да ги трпат болките и загубите на војната, туку и предавство на нејзините жртви. Надежта постои, а исто така и нашата решителност. Што се однесува до мојот став, се надевам и сум сигурен дека ќе закрепнеме од пандемијата на начин што ги потврдува зборовите на мојот сонародник, големиот писател и нобеловец Габриел Гарсија Маркез: „Ниту поплави ниту чуми, глад ​​ниту катаклизма, па дури ни вечните војни од век на век, не биле во можност да ја покорат постојаната предност на животот пред смртта“. Во тој дух, тогаш мора да продолжиме со животната задача за градење мир.

Авторот е добитник на Нобелова награда за мир, поранешен претседател на Колумбија и визитинг-професор на Катедрата за меѓународен развој на универзитетот „Оксфорд“.