Самрак на глобалниот поредок

333

Неодамнешниот самит на Г7 може да биде показател на иднината на светскиот поредок. Средбата во Франција сигнализираше поширока промена во меѓународната политика, која наместо со конструктивна соработка се карактеризира со нејасни изјави и со ад-хок решенија. Сега сите се прашуваат дали телото ќе се одржи до наредната година, кога Трамп ќе биде домаќин

Живееме во ера на хипербола, во која гледиштата за монументалните триумфи и ужасните катастрофи имаат предност пред реалните дискусии за постепен напредок и за постепена ерозија. Но во меѓународните односи, како и во сè друго, кризите и успесите се само дел од приказната. Ако не успееме да забележиме помалку сензационални трендови, можеби ќе се најдеме во сериозна неволја и тоа откако веќе ќе биде предоцна за да избегаме.

Неодамнешниот самит на Г7 во Бијариц, Франција, е само уште еден пример. На него реално беше постигнато малку, наспроти некои позитивни случувања (на пример, францускиот претседател Емануел Макрон беше пофален зашто го држел под контрола својот американски колега Доналд Трамп). Освен прашањето за суштински резултати, структурата на самитот само ја пренесува прогресивната ерозија во меѓународната соработка – бавно, но стабилно оддалечување на глобалниот поредок. Мошне е иронично што Г7 ја претскажува иднината, затоа што форумот по многу нешта претставува реликвија од минатото. Формиран во 1970-тите, во екот на Студената војна, Г7 требаше да послужи како форум за главните развиени економии: Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД. По падот на Советскиот Сојуз, Г7 продолжи да го обликува глобално управување за различни прашања, од олеснување на долговите, преку мировните операции, до глобалното здравство. Во 1997 година, Г7 стана Г8, со приемот на Русија. Сепак, телото беше олицетворение на ерата на западниот примат во институционализираниот либерален светски поредок во полн ек. Оваа ера одамна е завршена. Финансиската криза од 2008 година ги погоди клучните членки на телото, што заедно со подемот на економиите во развој, особено Кина, значеше дека групата повеќе не ја поседува критичната маса потребна за раководење со светските работи. Поголемиот и поразновиден Г20, формиран во 1999 година, така постепено го престигна Г8, формално заменувајќи го вториот како постојан меѓународен економски форум во светот една деценија подоцна.
Во сè покомплексно и поделено глобално опкружување, флексибилниот стил на креирање политики на Г20, вклучувајќи го и претпочитањето необврзувачки обврски, се сметаше за поизводлив во однос на методите на тврдо право, карактеристични за постарите мултилатерални институции.

Г8 заврши како обична група. Кога членството на Русија во Г8 беше суспендирано во 2014 година, како одговор на инвазијата на Украина и анексија на Крим, телото стана уште помалку влијателно, иако покохезивно бидејќи неговите членки имаа поконзистентен поглед на светот (некои лидери, вклучувајќи го и Трамп, сега бараат повторно враќање на Русија во групата).
Но дури и таа мала предност беше урната по изборот на Трамп во 2016 година. Неговата администрација почна да ги напаѓа сојузниците и да ги отфрла заедничките правила, норми и вредности. Ситуацијата го достигна врвот на самитот на Г7 во Квебек во 2018 година, кога Трамп јавно го критикуваше домаќинот, канадскиот премиер Џастин Трудо, и го отфрли конечното коминике од самитот веднаш откако беше објавено. Поради сето тоа, годинашниот самит во Бијариц предизвика голема напнатост. Со мала надеж за консензус за какви било поголеми проблеми, француските домаќини на состанокот се фокусираа на имиџот, избирајќи експедитивност пред влијание. Целите беа нејасни. Всушност, Макрон пред настанот објави дека нема да има завршна изјава, изјавувајќи дека „никој не чита коминике“. Но таа одлука претставува голема загуба. Завршните декларации се документи со политички насоки, кои испраќаат важни сигнали за значајните компромиси на меѓународната заедница. Декларацијата од 2018 година, што Трамп ја отфрли, имаше 4.000 збора и идентификуваше група заеднички приоритети и вообичаени пристапи за решавање на нив. Самитот во Бијариц, за разлика од тоа, заврши со изјава од 250 збора, која беше толку нејасна што практично беше бесмислена. На пример, за Иран, водачите на Г7 можеа да се согласат само дека „целосно споделуваат две цели: да се осигурат дека Иран никогаш не стекнува нуклеарно оружје и негува мир и стабилност во регионот“. За Хонгконг, тие го потврдија „постоењето и важноста на кинеско-британската заедничка декларација од 1984 година за Хонгконг“ и срамежливо повикаа „да се избегнат насилствата“. За Украина, Франција и Германија ветија дека ќе организираат самит „за да се постигнат опипливи резултати“.

Секако, беа преземени и некои позитивни чекори во Бијариц. Изненадувачката појава на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф отвори потенцијална шанса за идни разговори меѓу САД и Иран. Беше извршен притисок врз Бразил да реагира на пожарите што ги уништуваат амазонските дождовни шуми. САД и Франција го надминаа ќор-сокакот околу францускиот данок за технолошките гиганти. Но кој било меѓународен собир на високо ниво резултира со такви ограничени активности, едноставно поради самата интеракција меѓу светските лидери.
Многумина ги препознаа недостатоците на последниот самит на Г7. Но анализите главно се фокусираат на можниот колапс на телото наредната година, кога домаќини ќе бидат САД. Трамп нема ни одблизу да се потруди да го зачува форумот како Макрон (напротив, интересот на Трамп за самитот се чини дека главно се врти околу желбата да го одржи во живот неговиот голф-центар во Флорида.)

Но ваквата перспектива не успева да ги признае целосните последици од самитот во Бијариц. Тие најавуваат поширока промена во меѓународната политика, далеку од конкретната соработка што произведува нејасни изјави и постигнува само ад-хок решенија. Во извесна мера, Г20 го предводеше овој пристап, но барем имаше визија и одредена насока. Тоа веќе не може да се очекува. Ако лидерите не се обидат да го променат актуелниот тренд, завршницата од Бијариц ќе биде само обележје за иднината на светскиот поредок – со форуми што наместо со голем тресок ќе завршуваат со молк.

Авторката е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија