Револуции, но за кого?

353

Никому нема да му биде полошо од порано, но на многумина ќе им биде многу подобро. Така ги уверуваше германскиот канцелар Хелмут Кол Источногерманците по падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година. Неговите зборови помогнаа да се поттикнат брзи политички и економски промени во посткомунистичка Европа. Триесет години подоцна, вреди да се запрашаме колку добро Кол и другите западни водачи го одржаа ова ветување.

Патувајте во Прага, Киев или во Букурешт и ќе најдете сјајни трговски центри исполнети со увезени производи за широка потрошувачка – парфеми од Франција, висока мода од Италија и часовници од Швајцарија. Во локалниот „Синеплекс“, урбани млади граѓани се редат да го гледаат најновиот блокбастер на Марвел. Тие зјапаат во своите модерни „ајфони“ и можеби го планираат наредниот одмор во Париз, Гоа или во Буенос Аирес. Градските центри се преполни со кафулиња и со барови, кои се грижат за странците и за локалните елити, кои, пак, купуваат гурмански намирници во големи супермаркети.

Споредено со недостигот и изолираноста на комунистичкото минато, Централна и Источна Европа денес има нови можности. Во истите овие градови, меѓутоа, пензионерите и сиромашните се мачат да ги обезбедат најосновните намирници. Постарите граѓани мора да изберат помеѓу греењето, лековите и храната. Во руралните области, некои семејства му се вратија на земјоделство за да си обезбедат живот. Младите масовно се иселуваат, барајќи подобри можности во странство. Економското страдање и политичкиот нихилизам ја разгоруваат социјалната недоверба, додека расте носталгијата за безбедноста и стабилноста од авторитарното минато. Популистичките лидери го користат незадоволството на јавноста за да ги демонтираат демократските институции и да ја насочат економијата кон своите пријатели, членови на семејството и приврзаници.

Овие два света егзистираат еден до друг, обата родени по револуциите во 1989 година. Додека изминатите 30 години донесоа позитивни промени за едно значително малцинство, мнозинството граѓани на поранешните социјалистички држави од Централна и Источна Европа и од Централна Азија претрпеа економски тешкотии што оставија длабоки рани на колективната психа на посткомунистичкиот свет. Кога овие земји ги либерализираа своите економии во 1990-тите, економистите и креаторите на политики знаеја дека ќе има рецесија, но тие не можеа да претпостават колку уништувачки ќе бидат економските падови.

Користејќи податоци од Министерството за земјоделство на САД, Светската банка и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), ја пресметавме големината на транзициските рецесии и ја споредивме нивната длабочина во Европа и во Евроазија (почнувајќи од 1989 г.) со Големата депресија на САД (почнувајќи од 1929 година). Ги поделивме посткомунистичките земји во три групи, во однос на просечната должина и длабочина на нивните транзициски економски падови. Кај најуспешните земји, транзициската рецесија е споредлива со Големата депресија во САД (пад од 30 отсто на БДП по жител). Кај земјите од средната група, транзициската рецесија ја уништила економијата, надминувајќи ја Големата депресија во САД и според длабочина (пад од 40 отсто на БДП по жител) и според должина (17 години наспроти десет години). Од друга страна, најтешко погодените земји никогаш не закрепнаа. Триесет години подоцна, показателот БДП по жител кај нив останува под нивото од доцниот социјалистички период.

Молдавија најдобро ги претставува земјите во кои економската транзиција погодила најмногу луѓе. По распадот на Советскиот Сојуз, БДП по жител на Молдавија се намали и го достигна дното во 1999 година, кога беше 66 отсто под нивото од 1989 година. Во 2007 година, БДП по жител на Молдавија беше за 42 отсто понизок од тој во 1989 година. Но Молдавија не е единствената земја со лоши показатели. БДП по жител во пет други посткомунистички земји (Грузија, Косово, Србија, Таџикистан и Украина) во 2016 година останал под нивото од 1989 година. За овие земји транзицијата донесе невидена економска болка и мала придобивка, освен за елитите. Посткомунистичките економски катастрофи предизвикаа милиони жртви што можеа да се избегнат, масовни иселувања и разни општествени проблеми што главно беа непознати во комунизмот: сиромаштија, организиран криминал и растечка нееднаквост. Во повеќето посткомунистички земји, вкупните податоци за БДП го маскираат огромниот пораст на поларизацијата на приходите од 1989 година. Овие земји се мачат и со најбрзи намалувања на населенијата, поради т.н. демографски смртоносни спирали, предизвикани од зголемената смртност, пониската родност и зголемената емиграција. Една студија на ЕБРД за 2016 година забележа дека децата родени околу почетокот на транзицијата во овие земји во просек биле за околу еден сантиметар пониски во однос на нивните врсници во возрасните групи веднаш пред или по нив. Таква разлика може да се најде во воените зони и во другите средини каде што бебињата страдаат од неухранетост или од психосоцијален стрес.

Додека либералните елити од Истокот и од Западот го одбележуваат мирниот крај на Студената војна и ги слават вистинските успеси во изминатите три децении, важно е да се запамети дека немаа сите граѓани корист од доаѓањето на капитализмот. Истражувањата на јавното мислење откриваат намалени нивоа на социјална доверба, недоверба во јавните институции и зголемено незадоволство поради нееднаквоста во приходите. Ова создаде плодна почва за популистичките партии и лидери, дури и во некои од најуспешните земји, како Унгарија и Полска. Длабоката мизерија предизвикана од транзициската рецесија останува свежо сеќавање за многу граѓани и ќе влијае врз политичките и економските избори во регионот во децениите што доаѓаат, исто како што искуството од Големата депресија до денес ја анимира јавната политика во САД. Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, реалноста го сврте на глава славното ветување на Кол: на многумина им е полошо од порано, а само на малкумина им е подобро. Сè додека просперитетот не се прошири кон повеќето граѓани, револуциите што почнаа во 1989 година ќе останат недовршени.

Авторката е професорка по руски и источноевропски студии на Универзитетот во Пенсилванија