По пандемијата, како природно да се надмине светскиот недостиг од вода

197

Човечката потрошувачка на свежа вода одамна ја надмина стапката на обновата на водните ресурси. Сега, истражувачите предупредуваат дека постепено го губиме овој суштински природен ресурс. Доколку сакаме да го промениме овој тренд, нашата најдобра надеж е да инвестираме во природни решенија.
Помалку од еден отсто од вкупната вода на Земјата е достапна или може да се употребува како свежа вода. Повеќето од неа се наоѓа во копнените водни богатства, како реките, езерата, моклиштето, тресетиштата и подземните резерви. Овие водни ресурси се природните собирачи, чистачи и складишта на вода. Со собирање, прочистување и складирање на дождовната и на водата од поплавите пред да се ослободи кога е потребно, тие го овозможуваат светскиот воден циклус со кој постојано се снабдуваме.
Во светски рамки, целосната интеграција на водните ресурси во планирањето и управувањето со водите во сите економски сектори ќе има далекосежни придобивки. Доволно снабдување со вода може да го стимулира економскиот раст, да го намали ризикот од конфликти и да го ослободи стресот од животната средина. Но тоа бара значителни одржливи инвестиции за да се задоволи зголемената побарувачка.

Потрошувачката на свежа вода се зголеми за шест пати во последните сто години, а побарувачката сè уште расте, со тоа што земјоделството, индустријата и енергетиката само користат 90 отсто од вкупното количество. До 2050 година ќе биде потребно најмалку 55 отсто ​​повеќе вода за да се задоволи побарувачката создадена од економскиот раст, урбанизацијата и светското население од речиси десет милијарди луѓе.
Сега веќе има значително помалку вода по лице отколку што имаше пред само две децении. Како резултат на тоа, над три милијарди луѓе се соочуваат со сериозен недостиг од вода, што често е причина за избувнување на насилен конфликт. До 2050 година, повеќе од половина од луѓето во светот нема да имаат стабилни водни ресурси, а во сувите предели, климатските промени само ќе го влошат недостигот.
Климатските промени се едно лице на заканата. Загадувањето ја влошува и кризата со водата. Небезбедната вода за пиење е потенцијално фатална реалност за луѓето во светот. Практично сите извори на свежа вода сега се загадени до одреден степен, а не беа поштедени ниту снежните покривки на Монт Еверест. Зошто тогаш не ги зачувуваме и заштитуваме водните ресурси? Нивната разновидност е особено релевантна кога ќе се земе предвид дека кризата со вода е рангирана меѓу првите пет светски ризици на Светскиот економски форум во однос на влијанието. Капацитетите за искористување на водата над и под земјата, како што е спротивставување на сушите, поплавите и влијанието на топењето на глечерите, се особено важни.

Иако тие обезбедуваат најголем дел од свежата вода за пиење, речиси 90 отсто од целото моклиште исчезна од Индустриската револуција, а загубата се забрзува заедно со глобализацијата. Голем дел од преостанатото моклиште практично е критично загрозен.
Моклиштето е особено изложено на удар затоа што честопати се смета за необработена земја што може да се пренамени во земјоделски површини или за развој. Оваа тенденција го истакнува недостигот од разбирање за критичната улога на моклиштето, што е темел на светската криза со вода. За да обезбедиме безбедно и соодветно снабдување со вода, мора да се фокусираме на врската помеѓу човечката зависност од водата и она што им го правиме на водните ресурси.
Постојат и други опции за зголемување на снабдувањето со вода, но ниту една не е идеална. Отсолувањето на морската вода создава повеќе проблеми отколку што решава. Расејувањето на облаците отвора контроверзни прашања. Масовната изградба на капацитети за искористување на водите бара значителни инвестиции и често ги нарушува локалните економии и начини на живот. Покрај тоа, за разлика од моклиштето, овие опции не можат истовремено да обезбедат храна, лекови, приход за едно од седум лица, дом за безброј животински видови или да ги ублажат климатските промени. Бидејќи половина од светскиот БДП зависи од услугите на екосистемите, заштитата на водните ресурси треба да биде главен приоритет во зелената обнова од корона-кризата.

Важно е дека мора да го преиспитаме и ревидираме земјоделството, кое е далеку најголемиот потрошувач на вода, за да добиеме повеќе. Треба брзо да се повлечат иницијативите за интензивно производство што не ги почитуваат водните ресурси, загадувањето на водата и биодиверзитетот.
Индустријата, исто така, мора да се активира како рамноправен партнер во зачувувањето и ефикасното користење на водите. Заштитата на екосистемот и привлечното деловно опкружување можеби некогаш се чинеа некомпатибилни. Денес, преживувањето на бизнисот зависи од здравата природна средина. Признавајќи го ова, многу компании се посветија на управувањето и заштитата на водите, додека други истовремено се вклучуваат на светско ниво во водните фондови.
Во земјите каде што има недостиг од вода, како во Јужна Африка, повеќе од половина од тамошните жители и две третини од економијата се поддржани од само мала група моклиште. Политичарите таму знаат дека заштитата на водните ресурси и нивното управување се од клучно значење за обезбедување безбедни резерви од кои зависи економскиот развој. Моклиштето е најдобро решение за егзистенцијалното прашање за снабдување со свежа вода. Сè што треба да сториме е да ги заштитиме природните ресурси што веќе ги имаме и да ги користиме мудро.

Авторката е генерална секретарка на Рамсарската конвенција за заштита на водните богатства