По кој пат ќе тргнат Европа и Кина?

234

Признавајќи дека ЕУ се соочува со голем број предизвици на светската сцена, Урсула фон дер Лејен, новата претседателка на Европската комисија, вети дека ќе раководи со „геополитичка комисија“. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Јосеп Борел ја повика ЕУ да реши дали сака да биде глобален „играч“ или „игралиште“ за другите сили. По кој пат ќе оди Европа?

Од сите предизвици со кои се соочува Европа, малку се толку важни како создавањето стратегиска политика за уредување на односите со Кина. Влоговите се огромни. ЕУ е најголем трговски партнер на Кина, а Кина е најголем трговски партнер на ЕУ по САД, со дневна билатерална трговија што надминува 1,1 милијарда долари. Во изминатите неколку години, САД усвоија поагресивен пристап кон Кина. Всушност, „соочувањето“ со Кина се чини дека е една од ретките работи што политички ги обединуваат Американците во денешно време, иако разни фактори ја предводат американската политика. Претседателот Доналд Трамп главно се занимава со билатералниот трговски дефицит, а американскиот безбедносен естаблишмент се грижи за постојаниот воен и технолошки развој на Кина, што на крајот би можел да ја предизвика американската стратегиска надмоќ. Никој не се сомнева дека подемот на Кина е предизвик за одделни земји и за глобалната рамнотежа на моќ. Светот во кој кинеската економија порасна двојно повеќе од американската економија ќе биде навистина многу различно место, дури и без да се смета порастот на кинескиот воен буџет. Разбирливо е дека Американците се загрижени поради тоа што веќе не се најголемата глобална сила – позиција што ја уживаа откако ја засенија британската империја пред повеќе од еден век. Сепак, не е јасно како САД ќе се спротивстават на оваа нова појава. Некои се чини дека веруваат дека САД треба да се разделат од Кина, а притисокот на другите земји да го сторат истото тоа може да го попречи растот на кинеската економија, потенцијално создавајќи услови за политички или дури режимски промени. Други се скептични кон оваа стратегија и претпочитаат потесно дефинирани политики насочени кон промена на специфичните аспекти на кинеската домашна и надворешна политика. Овој пристап е помалку гламурозен и е потрадиционален. Досега, брзите реакции триумфираа над внимателното размислување и тоа ќе продолжи да биде така и во наредниот период. САД сакаат ЕУ да се усогласи со нивната позиција, но во моментот не водат стратегиски дијалог со Европа по ова прашање.

Во меѓувреме, дебатата околу Кина се интензивира во рамките на ЕУ. Кина можеби нема повеќе да има марксистичка економија, но секако има ленинистички политички систем. Многу Европејци со право се чувствителни на прашањата за човековите права во Хонгконг и на други места. Европејците исто така со право се загрижени за економските проблеми. Како што предупреди претходниот состав на Европската комисија, Кина е економски конкурент во потрагата по технолошко водство и е системски ривал што промовира алтернативни модели на управување. Таквата позиција е значително поинаква од претходните официјални соопштенија на ЕУ.

Следната година ќе биде клучна. Освен редовниот самит ЕУ – Кина во април во Пекинг, кинеските и европските лидери во септември ќе одржат специјален состанок во Лајпциг, Германија. Важен тест за врската ќе биде дали двете сили може да склучат сеопфатен договор за инвестирање по повеќе од шест години од почетокот на преговорите. ЕУ би можела стратегиски да се ангажира наместо да се соочува со Кина.

Но за танго се потребни двајца. Наспроти трговските и инвестициските прашања, ЕУ мора да биде повнимателна во однос на безбедносните предизвици на Кина. Тоа особено важи за критичните технолошки области како 5Г. Ако ЕУ не успее во тоа, ниту една бариера нема да биде доволно висока за да ја заштити од растечкото влијание на Кина. Ова не се однесува само на Европа, туку и на САД на долг рок.

Некои набљудувачи очекуваа Кина да се претвори во целосно развиена демократија по зачленувањето во Светската трговија организација во 2001 година. Но тие се разочараа од репресивниот пресврт на земјата во изминатата деценија. Државните претпријатија и понатаму се фаворизираат, книгите се палат, а Комунистичката партија на Кина (КПК) продолжува да има примат над секој аспект на кинескиот живот. Колку долго ќе трае ова, никој не може да претпостави. Династиите доаѓаат и си одат, но во 2021 година КПК ќе одбележи 100 години од основањето. Под нејзина власт, Кина менуваше различни модели на развој. Што и да се случи, Кина нема да исчезне, а решавањето на прашањата, од климатските промени до глобалниот трговски систем, ќе бара нејзино учество. Затоа, политиката на критички и конструктивен стратегиски ангажман се чини како најразумна за ЕУ. Најдобро би било таквата политика да се води во дијалог со САД, но на крајот од денот, ЕУ мора да избере свој пат.