Политиката на вакцината

2513

Пандемијата на ковид-19 предизвика огромна штета: загубени се над половина милион животи, стотици милиони останаа без работа и се потрошија илјади милијарди долари. Болеста нема да се искорени наскоро, а во иднина би можеле да умрат стотици илјади други. Не е изненадувачки што постои огромен интерес за развој на вакцина, така што веќе се работи на над сто напори низ целиот свет. Неколку изгледаат ветувачки, а една или повеќе може да дадат плод можеби побрзо од неколкуте години што се потребни за да се подготви една вакцина.

Но дури и ако се појават една или повеќе вакцини што ветуваат дека луѓето ќе бидат помалку подложни на ковид-19, проблемот со јавното здравство нема да се реши. Секој медицински експерт тврди дека вакцините не се лек, туку само една алатка во медицинскиот арсенал. Не може да се очекува од ниту една вакцина дека ќе овозможи целосен или траен имунитет кај сите што ќе ја примат. Милиони ќе одбијат да се вакцинираат. На планетата има речиси осум милијарди мажи, жени и деца, па, така, производството на осум милијарди дози (или повеќекратни ако е потребно повеќе од една доза) на една или повеќе вакцини и нивната дистрибуција низ целиот свет може да траат со години, а не со месеци.
Станува збор за сложен проблем на науката, производството и логистиката, но тука не заостанува ниту политиката. Најпрво, кој ќе плати за каква било вакцина? Компаниите очекуваат да ги повратат своите инвестиции во истражувањето и развојот, заедно со трошоците за производство и за дистрибуција, што веќе изнесува десетици милијарди долари (а можеби и многу повеќе) пред да стане збор за профит.

Исто така, се надоврзува прашањето за тоа како на компаниите што развиваат вакцина ќе им биде компензирано доколку се бара да ги лиценцираат патентите и интелектуалната сопственост како заштита од странски производители.
Најтешкото политичко прашање од сите е пристапот. Кој треба да ги прими почетните дози на која било вакцина? Кој ќе го утврдува редот на листите? Какви посебни предности ќе имаат земјите што ја развиваат вакцината? До која мерка побогатите земји ќе имаат предност пред посиромашните? Дали земјите ќе дозволат геополитиката да надвладее во споделувањето на вакцината со пријателите и сојузниците, со тоа што ќе го принуди ранливото население во противничките земји да се најде на крајот од листата?

На национално ниво, секоја влада треба да почне да размислува како ќе ги дистрибуира вакцините што ги произведува или прима. Една идеја би била прво да ја добијат здравствените работници, по што следуваат полицијата, пожарникарите, војската, наставниците и другите неопходни работници. Владите исто така мора да размислат каков приоритет треба да им се даде на лицата со поголем ризик да развијат сериозни компликации од ковид-19, како што се постарите лица и оние со хронични болести. Дали вакцината треба да биде бесплатна за некои или за сите?
На меѓународно ниво прашањата се уште посложени. Треба да се погрижиме производството брзо да се зголеми, да се воспостават правила за достапност и да се обезбедат доволно средства за да бидат опфатени посиромашните земји.

Алијансата за вакцини „Гави“, Светската здравствена организација (СЗО), неколку влади и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс го формираа субјектот за светски пристап до вакцина за ковид-19 („Ковакс“). Неговите креатори предлагаат секоја ефикасна вакцина што се појавува да се третира како светско јавно добро, да се дистрибуира еднакво низ целиот свет, без оглед каде е изработена или на можноста за плаќање на една земја. СЗО претстави светска рамка за распределување, која има цел да обезбеди приоритет за најранливите популации и здравствените работници.
Но ваквите пристапи може да бидат нереални. Не е само што во напорите на „Ковакс“ недостигаат соодветно финансирање, САД и Кина, како и јасен авторитет, туку и што сите влади сигурно ќе се најдат под огромен притисок пред сè да се грижат за своите граѓани. Национализмот со вакцините речиси со сигурност ќе го надмине мултилатерализмот во оваа сфера.

Поновата историја го засилува овој скептицизам. Ковид-19 се појави во Кина и брзо стана светски проблем. Одговорите сепак главно се движеа по национални линии. Некои земји се покажаа релативно добро, благодарение на постојните системи на јавно здравје и политичко лидерство, а кај другите се докажа токму спротивното.
Продолжувањето на овој пристап кон вакцината на национално ниво е рецепт за катастрофа. Само неколку земји ќе можат да произведат успешни вакцини. Пристапот мора да биде светски. Причините не се само етички и хуманитарни, туку и економски и стратегиски, бидејќи светското закрепнување бара колективно подобрување на состојбата.
Не можеме да си дозволиме аналоген исход и лабораторискиот успех да го надмине планирањето за следните чекори. Владите, компаниите и невладините организации треба брзо да се обединат, било да е тоа во иницијативата „Ковакс“ под покровителство на Обединетите нации, Г20 или други. Потребен е здружен одговор на светот, затоа што станува збор за животите на милиони, економската благосостојба на милијарди и социјалната стабилност на сите.

Авторот е претседател на Советот за надворешни односи, а претходно беше директор на политиката за планирање во американскиот Стејт департмент (2001-2003 г.) и специјален пратеник за Северна Ирска на претседателот Џорџ Буш Помладиот и координатор за иднината на Авганистан.