Повлекувањето на Трамп од Сирија е шанса за мир

283

Најавеното повлекување на американските сили од страна на претседателот Доналд Трамп наиде на речиси заедничка осуда од демократите и од републиканците. Ова помалку зборува за Трамп отколку што зборува за ограничената визија на американскиот естаблишмент на надворешната политика.

Главните струи во двете политички партии покажуваат одредени автоматски ставови дека САД мораат да бидат присутни во целиот свет за да ги спречат противниците да го исполнат вакуумот, дека американската воена моќ го има клучот за успешноста на надворешната политика и дека противниците на Америка се непомирливи непријатели на демократијата. Повлекувањето на Трамп од Сирија би можело да биде опасен вовед во една проширена регионална војна, а сепак со помош на креативноста и на дипломатијата повлекувањето би можело да биде клучен чекор на патот кон еден тешко остварен мир во регионот. Американскиот естаблишмент на надворешната политика реторички го оправдуваше американското присуство во Сирија како дел од војната со Исламската држава (ИД). Со поразот и растурањето на ИД, Трамп го прифати предизвикот на естаблишментот. Сепак ненадејно естаблишментот ги наведе вистинските причини за зголеменото американско присуство. Според процените, потегот на Трамп ќе им даде геополитичка предност на сирискиот претседател Башар ал Асад, рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Али Хаменеи додека го загрозува Израел, ги предава Курдите и предизвикува нови проблеми што не се суштински поврзани со ИД. Ваквиот потег беше наменет да ги разоткрие вистинските цели на Америка на Блискиот Исток, кои не се толку непознати, освен фактот дека водечките експерти, стратезите од американскиот естаблишмент и членовите на Конгресот не сакаат да ги споменуваат во граѓанските кругови. САД не беа во Сирија (или Ирак, Авганистан, Јемен, Африканскиот Рог, Либија и на други места во регионот) поради ИДС. Всушност, ИД повеќе беше последица отколку причина за американското присуство. Вистинската причина беше американската регионална хегемонија, а вистинските последици беа катастрофални.

Ретко се зборува за вистината за американското присуство во Сирија. Но во секој случај, САД немаа скрупули за демократијата во Сирија и за другите во регионот, како што покажува и нивниот близок сојуз со Саудиска Арабија. САД одлучија да поттикнат востание за да го соборат Башар ал Асад од власта во 2011 година не само затоа што Америка или сојузниците како Саудиска Арабија многу копнееја по сириската демократија туку затоа што одлучија дека Асад е пречка за американските регионални интереси. Јасни беа гревовите на Асад во кои тој склучи сојуз со Русија и доби поддршка од Иран.

Од овие причини, претседателот Барак Обама и државната секретарка Хилари Клинтон одлучија дека „Асад мора да си замине“. Америка и нејзините регионални партнери, вклучувајќи ги Израел, Турција, Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар, одлучија да обезбедат оружје, логистика, обуки и засолниште (особено во Јордан и во Турција) за востанието против Асад. Обама потпиша претседателска одлука за специјална тајна операција, во која се бара од ЦИА да соработува со Саудиска Арабија (наредбодавецот) за да го соборат Асад од власта. Обама, кој сакаше да избегне силно противење на американската јавност за уште една војна предводена од ЦИА со распоредување американска војска, одлучи да ги ангажира џихадистите. Сепак целта на сириската операција беше јасна, а тоа е да се инсталира сириски режим близок со Турција и Саудиска Арабија, да го раскине сојузот со Русија и да ги протера иранските сили надвор од Сирија. Сето ова беше премногу очигледно за САД, Израел, Турција и Саудиска Арабија.

Како и обично, за сите операции за режимска промена на ЦИА, и оваа пропадна. Русија не го прифати блефирањето на Америка, го поддржа Асад, а Иран даде значителна поддршка. Во меѓувреме, платеничката војна што ја предизвикаа САД и нивните сојузници однесе над 500.000 животи, и на борци и на цивили, како и раселување на околу десет милиони Сиријци, впрочем по што следуваше и големата бегалска криза во Европа, која продолжува да ја нарушува политиката на ЕУ. Потоа, една фракција на безмилосните џихадисти се оддели за да се создаде ИД. По шокантните видеоснимки за обезглавувања на Американци и на други заробеници, Обама одлучи да интервенира во 2014 година со воздушни напади и распоредување американска војска како поддршка за курдски предводените напади на упориштата на ИД.

Од гледна точка на Трамп, американски инсталиран марионетски режим во Сирија со кој би се отстранило руското и иранското влијание не е од клучна важност по американската национална безбедност, ниту е изводлив. И поради тоа Трамп ќе ја направи таа промена.

Јасно е дека целосното американско повлекување би можело да предизвика уште поголема катастрофа. Турција би можела да ја нападне северна Сирија за да ги порази курдските сили. Русија и Турција би можеле да се најдат во опасен конфликт. Израел би можел да започне војна против иранските сили во Сирија. Израел и Саудиска Арабија веќе формираа таен сојуз против Иран. Сириската војна би можела да го зафати целиот Блиски Исток. Во игра можат да бидат сите овие страшни опции. Сепак постојат шанси и ова да се спречи. Можен е успех на дипломатијата, ако американскиот естаблишмент на надворешната политика признае дека разумен пристап е дипломатијата на ОН наместо војна. Под покровителство на Советот за безбедност на ОН (чии главни членки се САД, Кина, Русија, Франција и Обединетото Кралство), мора да бидат прифатени шест чекори за да се воспостави поширок мир, а да не се предизвика поширока војна.

Прво, сите странски сили мора да ја напуштат Сирија (вклучувајќи ги САД, саудиски поддржаните џихадисти, турски поддржаните сили, руската војска и ирански поддржаните сили). Второ, Советот за безбедност да го поддржи суверенитетот на сириската влада во целата држава. Трето, Советот за безбедност и веројатно мировниците на ОН да гарантираат за безбедноста на Курдите. Четврто, Турција да не ја нападне Сирија. Петто, САД да ги повлечат екстериторијалните санкции врз Иран. И шесто, ООН да најде средства за обнова на Сирија. Иран исто така може да договара за излез од Сирија, а за возврат да бидат повлечени американските екстериторијални санкции. САД и Израел можеби ќе го прифатат повлекувањето на иранските санкции доколку Иран ја повлече војската од Сирија. Турција можеби ќе се согласи да се повлече ако Советот за безбедност јасно покаже дека нема да се формира посебна држава Курдистан. Русија и Иран можеби ќе се согласат да се повлечат од Сирија доколку владата на Асад добие поддршка од ОН и се повлечат иранските санкции. Треба да се истакне дека американските екстериторијални санкции врз Иран навистина ѝ штетат на иранската економија, но ги одделуваат САД од остатокот од светот и не ја менуваат внатрешната иранска политика. Трамп би можел да се согласи да ги повлече во замена за повлекување на иранската војска од Сирија.

Но постои и поголема слика. Клучот за мирот на Блискиот Исток е да коегзистираат Турците, Иранците, Арапите и Евреите. Најголемата пречка од потпишувањето на Версајскиот мировен договор од крајот на Првата светска војна беше мешањето на големите сили како Велика Британија, Франција, Русија и САД во различни наврати. Време е да му се остави простор на регионот сам да ги решава своите проблеми, без замисла дека надворешните сили можат да ѝ помогнат на едната страна да го избегне компромисот и без масовно испраќање странско оружје. На пример, Израел и Саудиска Арабија претпоставуваат дека САД ќе ги спасат од Иран без никаков компромис. Сто години по империјалното мешање на Западот, време е за компромис и за мирен договор со актерите од регионот под закрила на ОН и на меѓународниот закон.

Сакс е професор по одржлив развој и по здравствена политика и менаџмент на универзитетот „Колумбија“