Повеќе или помалку ЕУ?

160

Од денеска до недела, гласачите во Европската Унија ќе избираат членови на Европскиот парламент. Многу нешта зависат од нив. Од Втората светска војна досега, Европа никогаш не била понеопходна, изјави неодамна францускиот претседател Емануел Макрон. Но Европа, исто така, никогаш не била во толкава опасност, предупреди тој.

Силите што ги оспоруваат темелите на европскиот проект се во подем: поддржувачите на брегзит во Обединетото Кралство, популистичките влади во Централна и Источна Европа и ултрадесничарските партии насекаде се или на власт или во парламент. Сепак, поддржувачите на понатамошната европска интеграција се восхитени од храбрите изјави на Макрон, најпроевропскиот претседател на Франција во изминатите децении.

Овие европски избори ќе го потврдат растечкиот јаз меѓу оние што сакаат помалку ЕУ и оние што сакаат повеќе ЕУ. И фрагментираниот парламент, кој најверојатно ќе произлезе од изборните резултати, само ќе даде дополнителна неизвесност за идната насока на ЕУ. Општо земено, европската политика се чини е зрела за фундаментално реструктурирање. Долгорочната поделба помеѓу умерено левичарските и умерено десничарските партии е заменета со разликите меѓу двата блока во однос на степенот на понатамошна интеграција во ЕУ.

Оние што се залагаат за подлабока интеграција, исто така, генерално позитивно гледаат на глобализацијата. Навистина, можеби не им се допаѓаат последиците од глобализацијата, големите нееднаквости и пазарите на кои победникот го зема целиот плен. Но, истовремено, тие ги препознаваат потенцијалните придобивки од отворените пазари и отворената глобална економија, под услов да има соодветна регулатива. Тие, исто така, веруваат дека поинтегрирана Европа би ја имала потребната тежина за да ја создаде таквата регулатива.

Наспроти ова, националистите што се противат на понатамошната интеграција во ЕУ, исто така, честопати се противат и на глобализацијата. Тие се залагаат за враќање во полабаво интегрирана Европа на суверени национални држави и враќање на надлежностите што им беа пренесени на европските институции. Некои воопшто и не ја сакаат ЕУ.

Сепак, иако поделбата меѓу неонационалисти и „Европејци“ веројатно е доминантна поделба на овие избори, реалноста е многу посложена. Во екстремната десница, на пример, доминираат протекционистите, но постојат и застапници за слободната трговија, кои ја комбинираат слободната економија со жестоките антиимигрантски чувства.

Анкетите сугерираат дека антиевропските и десничарските популистички групи заедно ќе освојат околу една третина од вкупно 751 место во парламентот на ЕУ. Умерено десничарската Европска народна партија (ЕПП) и прогресивната Алијанса на социјалистите и демократите (СиД) од умерената левицата би можеле да останат двата најголеми поединечни блока, но веројатно ќе го загубат сегашното комбинирано мнозинство.

Сојузот на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од центарот на политичкиот спектар најверојатно ќе биде најмалиот блок. Но, како што е многу веројатно, ако партијата на Макрон одлучи да се приклучи по изборите, АЛДЕ може да формира важна група, со над 13 отсто од вкупниот број пратенички места. Зелените од различни земји (пред сѐ од Германија) ќе бидат центарот и дел од левицата, заедно со Европска обединета левица/Нордиска зелена левица.
Со таков изборен исход ќе биде многу тешко да се формираат стабилни сојузи и може да се усложни процесот за избор на наредниот претседател на Европската комисија. ЕПП, СиД и АЛДЕ најверојатно тешко ќе обезбедат мнозинство и можеби нема секогаш да гласаат заедно за предлозите.

Понатамошното интегрирање во еврозоната треба да биде главен приоритет на новиот парламент. Со поддршката на Макрон, АЛДЕ веројатно ќе преземе водство во туркање за буџетот и финансиите на еврозоната и за поголема координација на фискалната политика. СиД најверојатно ќе биде подготвена да поддржи некоја форма на таква интеграција, под услов таа да има силна социјална димензија, можеби дури и осигурување од невработеност во еврозоната. Но ќе биде многу потешко да се убеди ЕПП и таа може да се спротивстави на поголема интеграција, приклучувајќи се кон десничарските евроскептични партии.

Дури и ако понатамошното интегрирање на еврозоната сега е поставено во втор план, тоа е од суштинско значење за европскиот проект. Економското заздравување на ЕУ тапка во место, и универзалната монетарната политика не може и не треба да се справува со целиот товар од макроекономската политика. Неотповикливо фиксните девизни курсеви создадени од еврозоната не дозволуваат национални монетарни политики, додека значајните дивергенции на фискалната политика би предизвикале криза каква што веќе претрпеа јужните земји-членки на ЕУ.

Затоа, мора да се надеваме дека Макрон ќе ги обнови предлозите за интеграција што ги најави во почетокот од неговиот претседателски мандат и дека ќе успее да ги убеди германската канцеларка Ангела Меркел и ЕПП да ги поддржат. Можеби Меркел, која нема да бара друг мандат и можеби ќе размислува за своето политичко наследство, конечно ќе сака да дозволи еврозоната да се придвижи напред.
Миграциската политика ќе биде уште еден предизвик, бидејќи на евроскептиците ќе им се придржи и Источна Европа. Затоа умерените партии ќе имаат големи тешкотии во наоѓање и одржување на мнозинството, особено по суспендирањето од ЕПП на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во март годинава.

Но наспроти сите европски проблеми и политичка фрагментација, овие европски избори го одразуваат успехот на европскиот проект: 28 земји (вклучувајќи ја и Британија) се вклучени во прекугранични избори со паневропски партии и веќе делат голем дел од суверенитет. Според истражување на Евробарометар на Европската комисија, 55 отсто од европските граѓани сметаат дека повеќе одлуки треба да се носат на ниво на ЕУ.

Во тој поглед, европските избори месецов се многу охрабрувачки. Во свет загрозен од духовите на екстремниот национализам, тие се единствена манифестација на волјата да се изгради заедничка иднина.

Авторот е бивш министер за економски прашања на Турција