Победоносните отстапки на Трамп

600

Дали Доналд Трамп ќе отстапи од трговската војна со Кина или ќе победи? Одговорот е дека најверојатно двете работи ќе се случат. Карактеристичната секвенца на крвави закани на Трамп, познати како „оган и бес“, „извозот на Иран да го сведеме на нула“, „царини за сè што е кинеско“, „последици какви што немало досега“, проследени со ракување, прегрнување и ненадеен излив на заемно разбирање, е сега јасно поставена шема на дејствување.

Најдраматичниот пример беше тоа што Трамп се откажа од секаков вистински напор за одземање на нуклеарните оружја од Северна Кореја. Неодамна, Трамп прекина со царинските закани за ЕУ откако се засака со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, предложи американско-ирански самит „без предуслови“ и потоа испрати сигнали дека ескалација на царините за Кина се всушност алатка за повторно почнување на преговорите.
Зошто Трамп постојано упатува празни закани? Неговите клеветници велат дека тој е еден фалбаџија, будала и неписмен. Но постои помалку непријатно, иако еднакво депресивно објаснување.

Пристапот на Трамп во надворешната политика е спротивен на оној на претседателот Теодор Рузвелт, кој беше познат по изреката од почетокот на 20 век: „Зборувајте тивко и носете голем стап“. Начинот на дејствување на Трамп може да се опише со зборовите: „Викајте и носете бело знаме“. Иако ова звучи неодговорно и кукавички, сепак можеби е политички најефикасната и најрационалната стратегија за спроведување на американската надворешна политика во 21 век.

Ако признаеме дека САД сега се светски хегемони во опаѓање, тогаш разумно е за американските гласачи да не се согласат на секакви сериозни или воени жртвувања во потрага по недостижни цели во надворешната политика, како што е спречувањето на подемот на Кина. Ако Американците повеќе не се подготвени да ги сносат последиците од светската доминација, тогаш прикриеното отстапување е подобра политика од неоконзервативната воинственост што предизвика катастрофи во Ирак и во Авганистан или либералниот интервенционизам што ја поттикна Арапската пролет и резултира со катастрофите во Сирија и во Либија.

Вештината на Трамп да ги претвора американските отстапки во лични политички победи беше видлива во начинот на кој се справи со Северна Кореја и неговото помирување со руската доминација во Сирија. Слична политика треба најверојатно да се очекува во однос на Кина и со Иран и Украина, затоа што ја одразува геополитичката и економската реалност и што е уште позначајно за Трамп, ја зацврстува неговата политичка позиција.

За да се види како навидум нерационалните геополитички осцилации се во корист на Трамп, да се навратиме на американско-кинеската трговска војна. Да претпоставиме, како и повеќето објективни набљудувачи, дека претседателот Си Џинпинг нема да направи вистински отстапки за прашањето од фундаментално значење за двете страни, а тоа е одлучноста на Кина да го достигне развојот на американската воена и индустриска технологија. Исто така да претпоставиме дека Трамп е свесен за ова и знае дека ќе мора да се повлече, само затоа што САД се демократија чии гласачи нема да ги прифатат економските тешкотии додека Кина е националистичка диктатура, која може да го натера својот народ да поднесе секакво жртвување.

Трамп можеби е идеолошки протекционист што верува дека американските трговски дефицити се еден вид кражба и дека странците треба да „се казнат“ со царини и ембарга. Но тој, пред сè, е политичар што веројатно сфаќа дека царините ќе им нанесат штета на американските потрошувачи. Колку е поблиску американската економија до целосна вклученост, толку се поголеми трошоците за американските потрошувачи од протекционизмот за разлика од кинеските извозници.
Со малку вишок труд или дополнителен индустриски капацитет, американските бизниси не можат веднаш да ги заменат кинеските производи. Ова значи дека кинеските извозници можат да одговорат на царините на Трамп само со зголемување на нивните цени наместо да ги намалат нивните профитни маржи или со релоцирање на производството во САД.

Наместо казни за странците, царините во една економија што функционира во целост главно служат како даноци за домашните бизниси и потрошувачи. Ако годинава се воведат во САД, нивниот главен ефект ќе биде да го спречат стимулот од даночните ослободувања на Трамп и истовремено да ја поттикнат инфлацијата и на крајот да ги принудат Федералните резерви да го забрзаат зголемувањето на каматните стапки.
Зошто тогаш Трамп им дозволи на своите советници, кои најмногу се плашат од Кина, како што се американскиот претставник за трговија Роберт Лајтајзер, директорот на Советот за национална трговија од Белата куќа Питер Наваро и државниот секретар Мајк Помпео, да почнат „игра на јастреб и гулаб“ против Кина, во која САД на крајот ќе изгубат? Можеби затоа што Трамп знае како победнички да се претстави во повлекувањето. Со ескалирањето на конфронтацијата до ниво во кое нема вистински економски штети и потоа ќе понуди мировни услови за кои знае дека Кина ќе ги прифати, Трамп може да се врати на статус квото пред трговската војна, но да изгледа како политички победник.

Трамп со сигурност знае дека воведувањето 25 отсто царини за кинеските потрошувачки стоки нема да наиде на добар прием кај американските гласачи. Но тој исто така знае дека со самата закана за воведување царини може да остави впечаток на „цврст пристап кон Кина“ и дека се бори за американските работни места. Откако ќе добие доволна политичка корист од ваквите агресивни пораки, тој може да ја „присили“ Кина да се врати на преговарачката маса со тоа што тивко ќе предложи САД дипломатски да се повлечат од нереалистичните барања.

Ваквите пресврти, кои воопшто нема политички да му наштетат на Трамп, се постојана карактеристика на неговиот подем на власта. Низ својата кариера, Трамп сфати дека изгледот е поважен од реалноста и тоа најмногу во современата американска политика. Менувањето на насоката во политиката му овозможува на Трамп да добие поддршка со тоа што дава нереални ветувања и потоа повторно победува со тоа што „прагматично“ ја препознава реалноста.

Во американско-кинескиот конфликт, Трамп ги привлече националистичките екстремисти со силна воинствена реторика. Претпоставувајќи дека тој ќе ѝ остане верен на формата, откако максимално ќе ги искористи предностите на екстремниот патриотизам, тој ќе ги привлече умерените со тоа што ќе отстапи и ќе ја спречи штетата што неговите непромислени закани можеа да ја предизвикаат.

Ако Трамп на крајот се повлече од конфронтацијата со Кина, малкумина гласачи ќе знаат или ќе им биде важно дека тој не успеа да ги оствари своите наводни економски цели. Наместо тоа, Трамп ќе добие пофалба дека ја „натерал“ Кина да преговара за што никогаш не се противела и ќе го спречи ризикот од избивање трговска војна, кој самиот тој ја создаде. На таков начин функционира „Уметноста на договорот“ на Трамп: прогласете војна, па вратете го мирот и потоа барајте заслуги за двете.

Анатол Калецки е главен економист и копретседател на „Гавекал дракономикс“, беше колумнист во лондонски „Тајмс“, меѓународниот „Њујорк тајмс“ и во „Фајненшел тајмс“.