Паника! Паника!

1343

Забавна колумна, нема што. Оваа лево. И сега јас треба да дебатирам со неа. Среќа што јас ќе дебатирам, а не Стево Пендаровски. Ќе се намачеше. Просто е невозможно да му упаднеш на колумнист во збор. Јас планирам да му упаднувам во пропаганда. Бидејќи не се согласувам со Бил Емот. И тој, како повеќето поддржувачи на глобалниот светски поредок, е во паника. Оти идат европските избори. А расположението на европските граѓани не навестува ништо светло и убаво за оние што сега се напикани во Европскиот парламент. И леви и десни. Оти и левите и десните во Европа служат на ист господар. На елитата. На банките. На корпорациите. На фармацијата. На фабриките за ГМО и за оружје. На продуцентите на војни. И зголемува даноци за да ги финансира тие војни.

Не сме сиромашни, ограбени сме. Тоа е една од паролите на „Жолтите елеци“ во Франција. Граѓаните веќе знаат дека немаат никаква корист од досегашната мejнстрим-политика. Тоа го покажуваат анкетите, протестите, локалните и парламентарни избори кои годинава веќе завршија. Низ Европа дува нов ветер. И елитата е нервозна. Па во недостиг од аргументи мислат дека е најпаметно да се фатат за терминологија. Оти интелектуалната бижутерија се пали на терминологија. И на етикети, секако. Затоа Бил Емот вели: „вистинскиот натпревар се случува помеѓу национализмот и интернационализмот“. Демек на избориве во Европа таков ќе биде судирот. Националисти, интернационалисти, популисти. Вози ги луѓето низ термини и тие на крај може ќе ти поверуваат. Зошто едноставно не ги користи вистинските термини? Станува збор за два спротивставени концепти. Глобализам и суверенизам.
Нема никаков интернационализам кај глобалистиве. Освен ако под интернационализам не подразбираат владеење на нивната елита со сиот свет, максимална експлоатација на туѓите материјални добра, контрола на порастот на население и господарење со туѓите животи. Ништо друго интернационално не видовме од глобалистиве. И сега кога тлото се тресе под нозете, наместо да се бара вината кај себе, ќе ги плашиме луѓето со оние кои ќе нè заменат. И ќе посочуваме несоодветни примери. Еве еден!

Бил Емот пишува: „Моди, Дутерте и Нетанјаху, сите користат страв – од терористички напади од Пакистан, наркокартели и ракети на Хамас – и повикуваат на националната гордост“. Моди, Дутерте и Нетанјаху се претседателите на Индија, Филипини и Израел. Демек тројцава во своите кампањи ги плашеле граѓаните со надворешни опасности за да ги возбудат националните чувства кај гласачите. И тоа да ти било национализам. Мене па ми личи на добро испробан метод. Што секако на големо го користеа глобалистите. И леви и десни. И Клинтон, и Буш, и Обама во САД, и Блер, и Камерон, и Меркел, и Саркози и Оланд низ Европа, ги плашеа своите граѓани со не знам каков тероризам пред да влезат во воените кампањи онаму каде што наумиле (им било заповедано) да ги спроведат. Треба ли да го споменувам хемиското оружје на Садам Хусеин? Кое, секако, никогаш не го најдоа. Ама убија милион цивили и ја приграбија нафтата. Меjнстрим-медиумите секојдневно вриштеа лаги и манипулации, полнејќи им ги на луѓето ушите со паника. Ама тогаш тоа беше демократија, а сега, кога други користат слична реторика пред избори, да ти било национализам. Но ако нешто научивме за глобалистите овие две децении е тоа дека се гадни манипулатори и лицемери на кои двојните стандарди им се главно обележје.

А кога сме кај двојните стандарди да видиме уште еден чуден аргумент на колумнистот лево. Емот вели: „Тие немаат ни малку почит кон меѓународните институции или закони“. Посочениве во реченицата се националистите како Трамп, Салвини, Орбан и слични на нив низ светот. Тие немале почит за меѓународните институции. Оти глобалистиве кои го тормозат светот се будат и заспиваат со почит кон меѓународните институции. Еве, на пример, Меѓународниот суд на правдата е таква институција. И во спорот со Грција донесе пресуда во корист на Македонија. НАТО се изјасни дека за нив тоа е само обично парче хартија. На ЕУ ѝ се виде корисно тоа парче хартија, па си го избриша газот со неа. А и ЕУ и НАТО во рацете на глобалистите кои Емот ги нарекува интернационалисти.

Или специјалната војна, тортурата и идентитетскиот геноцид што се спроведе врз Македонците преку злосторничко и насилничко менување на уставното име. Сите можни меѓународни повелби, закони и одредби беа брутално прекршени. И при потпишувањето на нацистичкиот договор, и при референдумот, и при криминалното гласање со двотретинско мнозинство. Сето тоа диригирано од глобалистите во Брисел и во Вашингтон, а спроведено од нивната марионетска октроирана влада во Македонија. Ако треба користете балкански методи, му порача Хан на Заев, околу обезбедувањето двотретинско мнозинство. Многу фин, цивилизиран совет. Особено откако се посраа на референдумот на кој мнозинството го отфрли нивниот нацистички договор. Ете како другарчињата на Емот ги почитуваат меѓународните институции и закони.

Ми се лоши од нивното лицемерство. Затоа ќе привршувам. Бил Емот пишува: „Обемот на политиките одозгора-надолу издадени од Брисел ќе биде значително намален“.

Мисли на она што ќе се случува со Европската Унија по мајските парламентарни избори во случај да победат суверенистите како Салвини и Орбан. Ова е најголемата паника на глобалистите. Нема повеќе официјален Брисел и неговата бирократија што никој не ја гласа на избори да може да ја диктира политиката на елитата, корпорациите и банките, која секогаш е во полза на моќта, а на штета на граѓаните. При влез во ЕУ државите го губат економскиот суверенитет и тој целосно оди кај врхушката во Брисел. Глобалистите сакаат да го одземат и националниот суверенитет на членките. За разлика од нив, суверенистите сакаат да го вратат и економскиот и националниот суверенитет на своите држави. И паника кај елитата. Но не е само суверенитетот. Елитата својата моќ ја црпи од економијата. Суверенистите ќе го заменат глобалистичкиот концепт. Ќе се завртат кон она што досега беше забрането, Русија, Кина и преостанатиот дел од светот. Трансатлантскиот концепт ќе се замени со евроазискиот. И дупла доза паника.