Паниката на актуелната суперсила Америка

625

Историјата нѐ учи дека кога една глобална суперсила паѓа, таа треба да се обиде меко да слета и да комуницира со веројатниот наследник за да може да обезбеди удобно место во светот, откако ќе избледнее нејзината доминација. Но Трамп не е историчар и неговиот конфронтирачки пристап кон Кина може сериозно да им наштети на долгорочните интереси на САД

Глобалните суперсили секогаш ги сметале за болни признавањето на сопствениот релативен пад и справувањето со предизвикувачите што бележат брз подем. САД денес се наоѓаат во таква состојба во однос на Кина. Пред еден и пол век, империјалната Велика Британија се соочи со слична конкурентна закана од Америка. Во седумнаесеттиот век, Холандија беше суперсила, а Англија беше предизвикувачот.

Историјата нѐ учи дека кога глобалната суперсила паѓа, таа треба да се обиде меко да слета и да комуницира со веројатниот наследник за да може да обезбеди удобно место во светот, откако ќе избледнее нејзината доминација. За жал, американскиот претседател Доналд Трамп не е историчар. И неговиот неповрзан, конфронтирачки пристап кон Кина може сериозно да им наштети на долгорочните интереси на САД.
Како Британија и Холандија пред неа, Америка денес е доминантна воена моќ во светот, а нејзиното влијание е глобално. Таа ги има едни од најпродуктивните индустрии во светот и доминира во глобалната трговија и во финансиите. Но исто како и нејзините претходници, Америка сега се соочува со растечка моќ – самоуверена, амбициозна земја, која има поголемо население, гладна е за богатство и за глобална предност и верува дека има очигледна судбина да го смени актуелниот хегемон. Освен ако нешто не тргне наопаку, постојаниот пораст на предизвикувачот е загарантиран. Неизбежно, ќе се појават конфликти. Растечката суперсила сака поголем пристап до пазарите и до интелектуалната сопственост отколку што актуелната сила е подготвена да дозволи. Тоа што актуелната суперсила не го дава доброволно, нејзиниот предизвикувач ќе се обиде да го земе. Згора на тоа, растечката суперсила сака одреден степен на влијание во меѓународните тела според тоа каква ќе биде нејзината фундаментална моќ во иднина, а не според тоа каква е денес. Ова се легитимни несогласувања, а двете сили треба да ги менаџираат, чекорејќи напред и бранејќи ги своите интереси. Но овие тензии не го надминуваат заедничкиот интерес на двете земји за мир и просперитет.

Што треба тогаш да направи актуелниот хегемон?
Во случајот со Англија и со Холандија, серија трговски судири и поморски војни во 1600-тите доведоа до појава на извонредно голем број навредливи нови изрази во англиски јазик, како холандска книга, холандски концерт, холандска храброст, холандско отсуство, холандски метал, холандска пресметка и слично. Долгорочно, сепак, воената сила на Велика Британија се покажа како одлучувачки фактор и земјата стана глобална моќ. Сепак, Холанѓаните создадоа свет во кој тие во голема мера беа удобно сместени многу долго откако заврши нивната доминација. Промената на позицијата на Холандија од судир со Велика Британија до комуникација со неа, беше клучен фактор во оваа транзиција. Со британска поддршка, Холанѓаните останаа независни, наместо да потпаднат под француска контрола.

Повеќе од еден век подоцна, империјалната Британија усвои слична стратегија на ангажман и соработка со Америка. Како резултат на тоа, САД станаа најцврстиот геополитички сојузник на Велика Британија во дваесеттиот век.

Денес, американските креатори на политики можат да научат многу од проучувањето на однесувањето на Холандија и на Велика Британија, кога тие беа глобални сили, кои на крајот се одлучија за меко слетување. Дополнително, тие треба да ја прочитаат статијата од 1947 година „Извори на советско однесување“, од американскиот дипломат Џорџ Кенан, која ја промовира американска политика за ограничување на Советскиот Сојуз. Од неа може да се издвојат три поенти. Прво, како што напиша тој, американските креатори на политики не треба да паничат, туку да препознаат каква е долгата игра и да ја играат таа игра. Второ, Америка не треба да се обидува самостојно да го ограничува Советскиот Сојуз, туку треба да формира широки сојузи за да може да му се спротивстави, конфронтира и да го санкционира. Трето, Америка треба да се покаже во најдобро светло, затоа што додека борбата меѓу американскиот и советскиот систем не заврши со директен оружен конфликт, слободата и просперитетот на крајот ќе бидат одлучувачки фактори.

Но од преземањето на претседателската функција во јануари 2017 година, Трамп упорно ги игнорираше таквите совети. Наместо да формира сојузи за да ја ограничи Кина, Трамп ги повлече САД од предложениот трговски договор за транспацифичко партнерство. Тој продолжува да прави инцидентни, неповрзани барања, како што е итното елиминирање на билатералниот трговски дефицит меѓу САД и Кина. Се чини, Трамп паничи, а Кина и остатокот од светот го знаат тоа.

Авторот е професор по економија на калифорнискиот универзитет „Беркли“