Пандемија би можела да убие 65 милиони луѓе

1360

Научник од универзитетот „Џонс Хопкинс“ лани направил симулација на пандемија на коронавирус, според која таа би можела да убие 65 милиони луѓе. Друг научник од Хонгконг, пак, предупредува дека ако не се заузди, актуелниот коронавирус би можел да зарази две третини од светското население

Коронавирусот може да се прошири низ целиот свет и само една година подоцна да убие 65 милиони луѓе. Такви резултати дала симулацијата на глобална пандемија предизвикана од коронавирус што ја организирал Ерик Тонер, научник од универзитетот „Џонс Хопкинс“, само три месеци пред избивањето на вистинската епидемија на коронавирус во јануари во Кина.
Тонер вели дека не се шокирал кога првпат ја слушнал веста за мистериозната појава на коронавирусот во Кина, бидејќи долго време сметал оти токму коронавирусите би можеле да предизвикаат нова глобална пандемија.

Коронавирусите обично влијаат на респираторниот тракт и може да доведат до болести како пневмонија или обична настинка. Коронавирус беше одговорен и за епидемијата на САРС во Кина, која зарази околу 8.000 и уби речиси 800 луѓе во почетокот на 21 век. Најновата појава на коронавирус не е прогласена за пандемија, но вирусот брзо се шири од Кина во другите земји во светот.
Во симулираната пандемија на коронавирус, жариштето било лоцирано на фарми, каде што фармерите развивале симптоми на грип или пневмонија. Потоа, вирусот се проширил во густо населените, сиромашни урбани населби во Јужна Америка. Летовите биле откажани, а туристичките резервации се намалиле за 45 отсто. Слично како и во реалноста, луѓето ширеле лажни вести на социјалните медиуми за потеклото и ефектите на коронавирусот. По шест месеци, вирусот се проширил низ целиот свет, а само една година подоцна убил 65 милиони луѓе на планетата Земја. За споредба, пандемијата на шпанскиот грип од 1918 година однесе околу 50 милиони животи. Симулираната пандемија предизвикала и глобална финансиска криза, при што берзите паднале до 40 отсто, додека глобалниот БДП паднал за 11 отсто.

– Поентата што се обидовме да ја покажеме со нашата симулација на пандемија е дека не станува збор само за здравствени последици. Пандемиите имаат ефекти врз цели економии и општества – нагласува тој, додавајќи дека и новиот коронавирус би можел да има тешки економски последици.
Во симулацијата, научниците не биле во можност навреме да развијат вакцина за да ја запрат пандемијата. Според Тонер, тоа е реална претпоставка, зашто и за вистинските коронавируси, како САРС и МЕРС (кој уби над 840 луѓе во 2012 година) сѐ уште не се откриени вакцини.

– Ако можеме да добиеме вакцина само за неколку месеци, наместо за неколку години или децении, тоа навистина би ја променило играта. Но не се работи само за откривање на потенцијалните вакцини. Треба уште повеќе да размислуваме за тоа како тие да се произведуваат на глобално ниво и да се дистрибуираат и употребат на луѓето. Ако научниците не најдат начин побрзо да развијат вакцини, опасните епидемии ќе продолжат да се шират. Тоа е така зашто градовите се пренаселени и луѓето зафаќаат простори што обично се резервирани за животинскиот свет, создавајќи услови за ширење заразни болести. Сето тоа е дел од светот во кој живееме сега. Ние сега живееме во ера на епидемии – заклучува Тонер.

Во меѓувреме, професорот Габриел Леунг, водечки епидемиолог за јавно здравје во Хонгконг, предупреди дека коронавирусот може да се прошири на над две третини од светското население ако не се исконтролира епидемијата. Неговото предупредување дојде откако шефот на Светската здравствена организација (СЗО) рече дека актуелната ситуација со коронавирусот е само „врвот на сантата мраз“. Професорот Леунг од Универзитетот во Хонгконг вели дека главното прашање сега е колку е голема сантата мраз. Повеќето експерти сметаат дека секое заразено лице ќе продолжи да го пренесува вирусот на просечно околу 2,5 други луѓе, што дава „стапка на напад“ од 60 до 80 отсто.

– Шеесет отсто од светското население е многу голема бројка – нагласува Леунг.
Дури и ако општата стапка на смртност е мала, односно околу еден отсто, што за Леунг е многу можно ако се земат предвид и полесните случаи, бројот на жртви би бил навистина голем. Леунг, водечки експерт за епидемија на коронавирус, имаше клучна улога при појавата на САРС во 2002-2003 година. Во јануари, тој во медицинското списание „Лансет“ предупреди оти епидемиите веројатно ќе се зголемуваат „експоненцијално“ во градовите во Кина. Според него, „независните самоодржливи епидемии во поголемите градовите на глобално ниво би можеле да станат неизбежни“, поради значителното движење на луѓето што биле заразени но сè уште не развиле симптоми, како и поради отсуството на соодветни мерки за да се запре ширењето.
– Дали 60-80 отсто од светското население ќе се зарази? Можеби и нема. Можеби тоа ќе дојде во бранови. Можеби вирусот ќе ја намали својата смртност, бидејќи сигурно не му одговара ако ги убие сите носители, што значи дека и самиот ќе биде убиен – вели Леунг за лондонски „Гардијан“.

Експертите сакаат да проценат дали ограничувањата на движење имаат ефекти.
– Дали ваквите огромни интервенции профункционираа во Кина. Можеме ли да ги спроведеме и на други места? Дали воопшто е можно такво нешто? Реално, колку долго може да ги затворите училиштата? Колку долго можете да затворите цел град? Колку долго можете да ги задржите луѓето подалеку од трговските центри? Ако ги отстраните тие ограничувања, дали тогаш вирусот ќе се врати и одново ќе беснее? Ова се многу реални прашања – нагласува тој.
Ако, пак, мерките за ограничување на мобилноста не успеваат, тогаш има друга вистина со која ќе мора да се соочи светот, а тоа е дека коронавирусот не може да се заузди. Тогаш ќе мора да се бараат други стратегии, односно наместо да се заузди вирусот, ќе мора да се работи на ублажување на неговите ефекти.

Засега, мерките за ограничување се неопходни. Леунг вели дека временскиот период кога луѓето биле заразени ама не покажале никакви симптоми останува огромен проблем. Карантинот е неопходен, но за да се осигуриме дека луѓето не го носат вирусот кога ќе излезат од карантин, тие идеално треба да се тестираат на неколку дена. Научниците сè уште не знаат со сигурност дали пренесувањето е преку капки при кашлање или евентуално преку честички во воздухот.
– Тешко може да се направи таква детална анализа кога сѐ околу вас беснее. Ако, пак, не беснее, тогаш веројатно нема да добиете доволно потврдени случаи. Со САРС немавме шанси да направиме вакви студии – вели Леунг.
Тој нагласува дека при вакви епидемии се потребни дополнителна доверба, дополнително чувство на солидарност, дополнително чувство на добра волја.

Авторот е научник од универзитетот „Џонс Хопкинс“