Опасната иранофобија на Доналд Трамп

277

Најновите воено-политички притисоци врз Иран од САД, односно од нивниот претседател, се оценуваат како обид да се принуди Техеран да прифати преговори без укинување на американските политички и економски санкции и да потпише нов американско-ирански договор по американски терк и услови

Американскиот притисок врз Иран не само што продолжува туку овие денови се засилува со нови средства и форми. На политичкиот и економскиот бојкот на САД воведени врз оваа земја на Блискиот Исток, практично од доаѓањето на Доналд Трамп на чело на државата, последниве денови им се придодаде и засиленото американско воено присуство во Персискиот Залив.
Испраќањето нов воен контингент на армијата на САД од 1.000 вооружени војници на Блискиот Исток, без претходно одобрување и дозвола на овој потег на Трамп и на Пентагон од страна на американскиот Сенат, не само што ја вжешти политичката напрегнатост меѓу Иран и САД туку предизвика остри меѓународни реакции заради можната ескалација на општа безбедносна опасност и загрозување на светскиот мир во регионот и светот.

Покрај реакциите на Москва и Пекинг, загриженост заради натамошниот развој на воено-безбедносната ситуација на Блискиот Исток пројавија и повеќе западни земји, како на пример Германија, Франција и други. Образложението на овој воен чекор, вообичаено без цврсто алиби како заднина, се сведува на познатата излитена дипломатска флоскула дека „САД не сакаат војна со Иран, туку прават сѐ да ги спречат агресивноста и непријателската воена и особено нуклеарната пенетрација на оваа земја во регионот“, без конкретни и потврдени докази за тоа. Овој најнов воено-политички притисок врз Иран од страна на САД, односно нивниот претседател, се оценува, како обид да се принуди Иран да прифати преговори без да бара укинување на американските политички и економски санкции и потпишување американско-иранска спогодба според американски терк и услови. Во таа насока се и сите ирански изјави и соопштенија од највисоки извори.

Овој најнов американски антиирански чекор Кремљ го оценува како мошне опасен психолошки притисок и обид на Вашингтон да го принуди Техеран на безусловни преговори за неговиот нуклеарен статус по напуштањето на САД на претходно потпишаниот нуклеарен договор со оваа земја. Засега Москва инсистира на заемна воздржаност и повикува на дипломатски разговори со меѓународно учество.
Всушност, како што сметаат и иранските и арапските средства за информирање, во заднината на овој американски антиирански потег стои неодамнешниот оружен инцидент во Оманскиот Залив, кога беа торпедирани и во пожар експлодираа два танкера со арапска нафта, за што САД веднаш обвинија дека зад инцидентот стои Иран. Техеран веднаш ги демантира овие обвинувања, нарекувајќи ги неосновани. Од руска страна е побарано иследување на инцидентот и утврдување на фактичкиот виновник за инцидентот.

Во меѓувреме, во Вашингтон неколкумина американски сенатори упатија писмено барање до американскиот претседател Доналд Трамп да даде објаснување зошто Пентагон ги испраќа овие 1.000 американски војници на Блискиот Исток, кога САД не објавиле војна против Иран. По тој повод се огласи и шефот на Пентагон, Патрик Шанахан со објаснување дека „испратените 1.000 американски војници во регионот не претставуваат опасност и конфронтација со Иран, туку ги штитат интересите и безбедноста на САД и нивните сојузници“.

Американските сенатори бараат одговор и објаснување од американското министерство за одбрана и од претседателот Трамп отворено да објаснат каква е таа „нова опасност“ што од страна на Иран ги загрозува американските интереси и безбедност на Блискиот Исток. На ова како одговор следуваше изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео дека „претседателот на САД не сака војна со Иран, ама сепак Вашингтон смета за потребно да ги штити своите интереси во регионот“.