Од „жолтите елеци“ до новиот зелен договор

264

Не е новина тоа што голем дел од општеството стана силно незадоволен од она што го сметаше за „естаблишмент“, особено политичката класа. Протестите на „жолтите елеци“ во Франција, предизвикани од одлуката на претседателот Емануел Макрон да ги зголеми акцизите на горивото поради борбата против климатските промени, се само последниот пример во процесот на ваквата изолација.

Постојат добри причини за денешното незадоволство, а тоа се неисполнетите четириесетгодишни ветувања на политичките лидери и од левиот и од десниот центар, прифаќањето на неолибералната вера дека глобализацијата, финансијализацијата, либерализацијата, приватизацијата и спроведувањето низа реформи ќе придонесат за невиден просперитет. Иако се чини дека една мала елита успеа да го оствари тоа, сепак големи делови од населението повеќе не спаѓаат во средната класа и станаа дел од еден ранлив и несигурен свет. Дури и лидерите во државите со мала но сè поистакната нееднаквост го почувствуваа гневот на народот. Според бројките, Франција се држи многу подобро од другите држави, но не се важни бројките туку нејзината перцепција. Дури и во Франција, која избегна дел од екстремизмот од ерата на Реган и Тачер, нештата не се одвиваат добро за многумина. Кога се намалуваат даноците за најбогатите, а се зголемуваат оние за обичните граѓани за да се исполнат буџетските барања (без разлика дали доаѓаат од Брисел или од богатите финансиери), не треба да биде изненадување тоа што има гнев меѓу народот. Слоганот на движењето на „жолтите елеци“ гласи: „Владата зборува за крајот на светот, а ние сме загрижени за крајот на месецот“. Накратко кажано, постои огромна недоверба во владите и во политичарите, што значи дека денес нема да поминат барањата за жртвување во замена за ветувањата за подобар живот утре. Ова особено важи за политиките за намалување на даноците за богатите од кои корист би имале сите. Кога бев во посета на Светската банка, првата лекција за политички реформи беше дека се важни секвенционирањето и темпото. Ветувањата за новиот зелен договор, за кој сега се залагаат прогресивците во САД, ги вклучуваат овие два елемента.

Новиот зелен договор се заснова на три заклучоци. Прво, постојат неискористени и недоволно искористени ресурси, особено на човечки талент, што можат ефикасно да се пренаменат. Второ, ако има поголема побарувачка за оние со ниски и средни квалификации, тогаш ќе се зголемат нивните плати и животниот стандард. Трето, добрата средина е неопходна за човечката благосостојба како во сегашноста, така и во иднината. Ако предизвиците од климатските проблеми не се решат денес, наредната генерација ќе наследи огромен товар. Оваа генерација не треба да ѝ ги препушти овие проблеми на следната. Подобро е да се наследат финансиски долгови со кои следната генерација може некако да се справи отколку да се наследи веројатно непоправлива еколошка катастрофа. Пред речиси 90 години, американскиот претседател Франклин Д. Рузвелт се справи со Големата депресија со Новиот договор, поточно храбриот пакет на реформи што влијаеше речиси врз секој аспект од американската економија. Но сега не се повикуваат само на симболизмот од Новиот договор. Станува збор за неговата мотивирачка цел, а тоа е да ги врати луѓето на работа на начинот на кој Франклин Д. Рузвелт го постигна тоа во САД со тоа што ја намали невработеноста во тој период. Тогаш тоа значеше инвестиции во спроведувањето струја до руралните делови, изградбата на патишта и на брани.

Економистите дебатираа колку беше ефикасен Новиот договор, неговите трошоци веројатно беа премногу ниски и недоволно одржливи за да остварат такво закрепнување што беше потребно во економијата. Сепак, тој остави значително наследство со тоа што ја трансформира државата во клучен период.

Истото тоа важи и за новиот зелен договор, кој ќе обезбеди јавен превоз, вработувања и модернизирање на економијата за да се решат климатските промени. Истовремено, ваквите инвестиции ќе отворат нови работни места.

Одамна е познато дека справувањето со загадувањето, ако правилно се регулира, ќе создаде отворање работни места, затоа што економијата се подготвува за свет во кој ќе се користи обновливата енергија. Секако, некои од работните места, на пример оние на 53.000 рудари во САД, ќе се загубат и затоа се потребни програмите за да се дообучат овие работници за други работни позиции. Но да се вратиме на слоганот: важни се секвенционирањето и темпото. Ова ќе имаше поголема смисла најпрво со отворањето нови работни места пред да се загубат старите за да се гарантира дека ќе се оданочи профитот од нафтените и јаглените компании и да се укинат скриените субвенции што ги добиваат пред повеќе да се побара од оние што едвај врзуваат крај со крај.

Новиот зелен договор испраќа позитивна порака за она што може да стори владата за оваа генерација граѓани и за следната. Може да ги оствари барањата на оние што денес најмногу страдаат, а тоа се добри работни позиции. Исто така може да ги оствари заштитите од климатските промени што се потребни за во иднина.
Новиот зелен договор мора да се прошири, а ова особено е важно за државите како САД, каде што многу обични граѓани немаат пристап до добро образование, соодветно здравство или пристојно домување.

Граѓанските движења што стојат зад новиот зелен договор нудат мала надеж за лошо водениот естаблишмент. Тој треба да го прифати, да го дополни и да го вклопи во прогресивната агенда. Потребно ни е нешто позитивно за да нѐ спаси од лошиот бран на популизмот, нативизмот и протофашизмот што го зафати светот.

Авторот е добитник на Нобеловата награда за економија