Односите меѓу САД и Кина се „премногу големи за да пропаднат“

222

Кога ќе дојде време да се оцени меѓународното наследство на американскиот претседател Џо Бајден, еден елемент ќе биде од огромно значење, а тоа е односот на неговата администрација кон Кина. Кинеско-американскиот натпревар прерасна во главно глобално геостратегиско прашање, но неговите односи се далеку од трајно дефинирани. Покрај очигледното ривалство, САД и Кина мора да се обидат меѓусебно да се разберат, а Бајден сигурно ќе постапи со поголема вештина, одговорност и широкоградост за разлика од неговиот претходник. Добро е што нештата се одвиваат вака, бидејќи глобалниот мир и просперитет во 21 век ќе зависат од квалитетот на најважните билатерални односи во светот.
Соработката меѓу САД и Кина е неопходна за решавање на големите глобални предизвици, од притаениот ризик од нуклеарен холокауст до климатските промени, меѓународниот тероризам, ширењето на оружјето за масовно уништување и пандемиите. Во исто време, конкуренцијата е неизбежна, па дури и добредојдена меѓу двете сили, особено во трговијата, технологијата, вселената, спортот и многу други полиња.
За да може добро да функционира таквиот комплексен однос, двете сили мора да се согласат за заеднички сет на правила, наместо секоја да се обидува да ги наметне своите. Особено е итно да се идентификуваат мултилатерални канали што може да ги оживеат Светската трговска организација и Светската здравствена организација. Друг приоритет е да се воспостават норми во сајбер-просторот што би спречиле огромни електронски пиратски операции, како неодамнешното хакирање на институциите во САД, кое се чини дека е дело на Русија.

Врската изградена врз темели на соработка и конкуренција мора да ја отфрли отворената конфронтација што ја бараа Трамп и неговите агресивни политичари. Со тоа што ја претставуваше Кина како егзистенцијална закана, администрацијата на Трамп почна царинска и технолошка војна, во која кинеската влада неизбежно се бореше. Во отвореното писмо објавено во 2019 година, сто водечки американски експерти за надворешна политика и безбедност изразија загриженост дека третманот на Кина како непријател ја уништува стратегиската доверба и го отвора патот таа да прерасне токму во тоа. Како што предупредуваат Џејк Саливен (советник за национална безбедност на Бајден) и Курт М. Кембел (назначен координатор на Белата куќа за регионот Индо-Пацифик), овој маѓепсан круг може многу лесно да заврши со катастрофа.
Од суштинско значење е промовирањето на демократијата и човековите права од страна на САД, на што Бајден мудро инсистира, да се спроведе на мирен, доследен и разумен начин. Напорите за заштита на либералната демократија се од клучно значење, како и оние што имаат цел да спречат сериозни повреди на човековите права. Но ова е поинакво од обидот да се наметнат вредности или да се наложи однесување преку „промена на режимот“, како што некои високи претставници на администрацијата на Трамп изгледа се залагаат за Кина. Покрај тоа, САД нема опортунистички и селективно да покажат вистинска почит кон овие вредности, како што се случи за време на претседателството на Трамп.

Најдобриот начин за Америка да ги промовира демократијата и човековите права е да се води според „моќта на личниот пример“, како што истакна Бајден во својот инаугурациски говор. Тоа би значело дека САД треба да ја поправат домашната штета што ја нанесе Трамп, која кулминира со неговото поттикнување на насилен упад во Конгресот на почетокот на овој месец, и да ги вратат вредностите на граѓанскиот соживот. На овој начин ќе ѝ се овозможи на Америка да ја врати „меката моќ“, што историски претставува еден од главните столбови на нејзиното меѓународно влијание. Исто така, Бајден е свесен дека е контрапродуктивно да се принудат другите земји да избираат страни меѓу САД и Кина, како што повремено се обидуваше да направи Трамп. Повеќето земји денес зависат од двете суперсили или економски или во безбедносна смисла, па затоа претпочитаат да се држат настрана од споровите и да ја искористат усогласеноста.

Иако кинеските азиско-пацифички соседи се надеваат дека САД ќе го задржат своето регионално присуство, тие и Кина неодамна го потпишаа исклучително важното Регионално сеопфатно економско партнерство, најголемиот светски договор за слободна трговија во однос на населението и БДП и наедно прв ваков договор што ги вклучува Кина, Јапонија и Јужна Кореја. Европската Унија, во меѓувреме, веќе разви амбициозна агенда за соработка со администрацијата на Бајден, која е целосно компатибилна со остварувањето на нејзината „стратегиска автономија“. На крајот на 2020 година, Европската комисија го стори токму тоа, склучувајќи сеопфатен инвестициски договор со Кина.
Односите меѓу САД и Кина се „премногу големи за да пропаднат“. Бидејќи континуираното влошување ќе донесе неприфатливи ризици за нив и за целиот свет, двете земји треба да ја искористат можноста да ги стават односите на нови темели. Рамката за мирен соживот што се надеваат дека ќе ја најдат Бајден и неговиот тим, ќе бара одржување добра рамнотежа помеѓу принципите и реалностите. Во секој случај, не е секогаш лесно да се комбинираат конкуренцијата и соработката, но новата американска администрација е совршено способна да го помине овој критичен тест што ќе ја дефинира ерата.

Солана е поранешен висок европски претставник за надворешни прашања и безбедносна политика, генерален секретар на НАТО и министер за надворешни работи на Шпанија и истакнат соработник на институтот „Брукингс“. Додека Еухенио Бреголт е поранешен шпански амбасадор во Кина, а актуелно е истакнат соработник во центарот „Есаде гео“.