Нееднаквиот економски напредок во светот

170

Додека САД, Кина и други водечки економии се на пат да забележат силен напредок, многу други земји се борат да го вратат БДП на претпандемиско ниво. Во повеќето региони, вклучувајќи ги Европа и Латинска Америка, ланската рецесија најверојатно ќе остави длабоки лузни по БДП и по невработеноста

Шансите за брзо и еднакво враќање од корона-кризата се намалија, а светската економија сега се соочува со тотално различни прогнози за раст. Иако последното ажурирање на индексите за глобално економско закрепнување на „Брукингс“ и на „Фајненшл тајмс“ нудат некаков оптимизам, сепак постои одредена доза загриженост. Еуфоријата за вакцините го ублажи бавното темпо на нивно давање во повеќето земји додека новите бранови на зарази со ковид-19 се закана за траекторијата на раст во многу економии.
САД и Кина се подготвуваат да бидат главните двигатели на глобалниот раст во 2021 година. Потрошувачката на домаќинствата и деловните инвестиции се зголемија во двете економии, заедно со мерките за доверба во приватниот сектор. Индустриското производство се обнови во повеќето земји, зајакнувајќи ги цените на стоките и меѓународната трговија. САД, Кина, Индија, Индонезија и Јужна Кореја веројатно ќе бидат единствените најголеми економии што ќе ги надминат претпандемиските нивоа на БДП до крајот на оваа година. Во повеќето други региони, ланската рецесија најверојатно ќе остави длабоки лузни по БДП и по невработеноста.

Американската економија е подготвена за пробивна година, бидејќи огромниот фискален стимул, послободната монетарна политика и засилената побарувачка се претвораат во брз раст на БДП. Обновената доверба на потрошувачите и деловните активности доведе до генерално силна потрошувачка и раст на инвестициите, а финансиските пазари продолжија да функционираат добро. Дури и перформансите на пазарот на трудот беа поохрабрувачки, со тоа што се отворија нови 916.000 работни места во март, што е повеќе од двојно од вкупниот број за февруари и најмногу од минатиот август.
Задачата на креаторите на монетарната политика оваа година ќе биде да ја одделат фантомската инфлација од тековните притисоци врз платите и цените. Зголемувањето на приносот на државните обврзници, кој одразува комбинација на подобри изгледи за раст, ризик од инфлација и загриженост за долгови, ги покажува предизвиците со кои ќе се соочат политичарите додека се обидуваат да ги дешифрираат и управуваат пазарните очекувања. Идеално, сите дополнителни стимулативни мерки ќе имаат цел да ја зголемат вкупната побарувачка и истовремено да ја подобрат долгорочната продуктивност.
Во меѓувреме, растот на Кина остана силен и рамномерен, со тоа што претпандемиски Владата го сврти вниманието на среднорочни структурни проблеми и ограничувањето на ризиците од финансискиот систем. Како такви, кинеските власти се чини дека се наклонети кон нормализација на макроекономските политики, со одредена фискална консолидација и монетарно затегнување што се очекува подоцна во текот на годината. Додека се очекува трговските тензии со САД да траат под администрацијата на претседателот Бајден, се чини дека тие повеќе не се главен фактор што влијае на расположението или растот на приватниот сектор во ниту една земја.

Од друга страна, европските економии во центарот и на периферијата од еврозоната се борат со нов бран на зарази што го нарушува текот на вакцинација и се јавува недостиг од политички насоки. Индустриското производство, особено во Германија, се одржува добро, а голем дел од еврозоната веројатно ќе мора да почека до крајот на 2022 година за да го достигне претпандемиското ниво на БДП. Велика Британија, која лани се соочи со брегзит и ковид-19, постигна добар напредок во вакцинирањето на своето население и ги подобри шансите за раст. Јапонија бавно закрепнува и покрај обемните стимулативни мерки, а потрошувачката доверба и понатаму е ниска и сè уште трае потиснатиот извозен раст.
Што се однесува до пазарите во развој, се чини дека има повеќе економски траектории. Во Индија, производството и услужниот сектор придонесуваат за силен економски скок. Но новиот бран на коронавирусот, зголемената инфлација и ограничениот фискален простор (поради високите нивоа на јавен долг) може да намалат дел од овој интензитет. Засега, скокот на цената на нафтата ги зголеми шансите на големите производители како Нигерија, Русија и Саудиска Арабија. Спротивно на тоа, економијата во Бразил тешко фаќа чекор како резултат на неконтролирано ширење на вирусот. Турција се соочува со слични предизвици, но барем успеа да извлече позитивен раст во 2020 година.

По значителниот пад лани, американскиот долар е постабилен во 2021 година. Заедно со нагорниот тренд во приносите на американските обврзници, ова лошо ќе се одрази за многу пазари и економии во развој, особено оние со голема изложеност на долг во странска валута. Притисоците на финансискиот пазар може да се интензивираат ако различните траектории на раст продолжат до 2021 година.
Светската економија се наоѓа во клучен момент. Многу земји се борат дали да ги отворат своите економии и покрај континуираното ширење на вирусот и дали да ослободат дополнителен макроекономски стимул што може да ги изложи на неповолен компромис меѓу краткорочните придобивки и подолготрајните слабости. Неизвесностите се многубројни, влоговите се големи, а неодлучните политики ќе им наштетат на потрошувачката доверба и деловните субјекти во послабите економии, покрај економските оптоварувања.
Рецептот за силна и трајна обнова е ист: одлучни мерки за контрола на вирусот, рамномерен паричен и фискален стимул и политики што ја поддржуваат побарувачката и ја подобруваат продуктивноста. Во економиите што силно закрепнуваат, не би било паметно да се избрзува со чекорите затоа што потоа политичарите ќе треба да ги удвојат своите напори во сите сегменти.

Авторот е професор по економија на универзитетот „Корнел“ и истакнат соработник на институтот „Брукингс“.