Најголемите ризици за 2020 година

241

Финансиските кризи не ги дефинирам како „црни лебеди“, како што ги опиша Насим Николас Талеб во својот истоимен бестселер, туку како „бели лебеди“. Според Талеб, црните лебеди се непредвидливи настани, како торнадата. Но јас сметам оти финансиските кризи повеќе личат на урагани – тие се предвидлив резултат на економските и финансиски слабости и на грешките во политиките. Голем број потенцијално сеизмички бели лебеди годинава се наѕираат на хоризонтот. Кој било од нив може да предизвика тешки економски, финансиски, политички и геополитички нарушувања, слично како кризата во 2008 година.

САД се заглавени во стратегиско ривалство со најмалку четири имплицитно усогласени ревизионистички сили: Кина, Русија, Иран и Северна Кореја. Сите овие земји имаат интерес да го оспорат глобалниот поредок предводен од САД, а 2020 година може да биде критична за нив, благодарение на претседателските избори во САД и можната промена во глобалната политика на САД по нив. Под водство на претседателот Доналд Трамп, САД се обидуваат да ги ограничат или дури и да предизвикаат промена на режимот во овие четири земји преку економски санкции и други средства. Слично на тоа, четирите земји сакаат да ја намалат американската тврда и мека моќ во светот со дестабилизирање на САД однатре преку асиметрично војување. Ако изборите во САД се претворат во хаос со обвинувања за „лажирање“, тоа ќе биде уште подобро за ривалите на САД. Распадот на американскиот политички систем би ја ослабнал моќта на САД во светот.
Некои земји имаат посебен интерес да го отстранат Трамп. Заканата што Трамп ја претставува за иранскиот режим му дава секаква причина на Техеран наредните месеци да го ескалира конфликтот со САД (дури и ако тоа значи тотална војна), со надеж дека зголемувањето на цените на нафтата ќе ја урне американската берза, ќе предизвика и рецесија и ќе ги намали шансите за реизбор на Трамп. Повеќето се согласни дека убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани го одврати Иран од тие намери, но тој аргумент погрешно ги разбира мотивите на режимот. Затоа годинава е можна војна меѓу САД и Иран.

Дополнително, неодамнешниот трговски договор меѓу Кина и САД е само привремено крпење на односите. Билатералната студена војна околу технологијата, податоците, инвестициите, валутата и финансиите драматично ескалира. Епидемијата на коронавирусот ја засили позицијата на оние во САД, кои се залагаат за ограничување на Кина и кои го поддржуваат поширокиот тренд на кинеско-американско „раздвојување“. Епидемијата најверојатно ќе биде потешка отколку што се очекуваше, а нарушувањето на кинеската економија ќе има влијанија врз глобалните синџири на снабдување.
Иако кинеско-американската студена војна по дефиниција е конфликт со низок интензитет, можна е поголема ескалација оваа година. За некои кинески лидери, не може да биде чиста случајност тоа што нивната земја истовремено е погодена од свински грип, птичји грип, епидемија на коронавирус, политички безредија во Хонгконг, реизбор на претседателка на Тајван што се залага за независност и засилени поморски операции на САД во Источно и Јужно Кинеско Море. Без разлика дали Кина сама е виновна за некои од овие кризи, Пекинг полека намирисува заговори. Но директен судир не е опција во моментот, поради асиметријата на конвенционалната моќ. Непосредната реакција на Кина на напорите за ограничување од САД веројатно ќе биде преку сајбер-војувањето.

Постојат неколку очигледни цели. Кинеските хакери (и нивните руски, севернокорејски и ирански колеги) би можеле да се мешаат во изборите во САД, преплавувајќи ги Американците со дезинформации и лажни вести. Бидејќи американскиот електорат веќе е толку поларизиран, не е тешко да се замисли вооружени лица да излегуваат на улиците и да ги оспоруваат изборите, што би довело до сериозни насилства и хаос. Ревизионистичките сили, исто така, може да ги нападнат финансиските системи на САД и на Западот. Шефицата на Европската централна банка, Кристин Лагард, веќе предупреди дека сајбер-напади врз европските финансиски пазари би можеле да чинат 645 милијарди долари. Нападите врз САД би можеле да бидат и уште поголеми.

До наредната година, студената војна меѓу САД и Кина би можела да ескалира во оружен конфликт. Кинескиот режим и економија сериозно оштетени од кризата со коронавирусот ќе бараат жртвено јагне, а тоа би можеле да бидат Тајван, Хонгконг, Виетнам или поморските позиции на САД во регионот. Исто така, Кина може да ја избере и финансиската „нуклеарна опција“ и масовно да почне да се ослободува од американските државни обврзници.
САД, се разбира, нема мирно да гледаат ако бидат цел на такви асиметрични напади. Вашингтон веќе го зголемува притисокот врз овие земји со санкции и други форми на трговско и финансиско војување. Тука може да се споменат и американските капацитети за сајбер-војување во светот. Сајбер-нападите на САД против четирите ривали ќе продолжат да се интензивираат оваа година, зголемувајќи го ризикот од прва светска сајбер-војна и од економски, финансиски и политички хаос.
Освен големите геополитички ескалации, тука се и другите среднорочни ризици од климатските промени, кои може да предизвикаат еколошки катастрофи. Климатските промени не се само фактор што ќе предизвика економски и финансиски хаос во иднина. Тие се непосредна закана.

На почетокот на годината, САД и Иран веќе имаа воен судир, кој најверојатно наскоро ќе ескалира. Кина се справува со вирус што може да се претвори во глобална пандемија. Сајбер-војувањето продолжува, а најголемите сопственици на американски државни обврзници прават стратегии за диверзификација. Демократските внатрепартиски избори веќе ги покажаа поделбите во опозицијата на Трамп и фрлија сомнеж врз процесите на пребројување гласови. Ескалацијата на ривалствата меѓу САД и четирите ревизионистички сили ескалираат, а последиците од климатските промени уште повеќе се зголемуваат. Оваа листа не е исцрпна, но покажува што реално може да очекуваме годинава. Финансиските пазари, пак, уште ги негираат овие ризици, убедени дека ги очекува мирна, па и среќна нова година сите големи економии и светски пазари.

Авторот е бивш економист на ММФ и на Светската банка