Научени лекции од Сирија

578

Присуството на Русија на Блискиот Исток значи политички пазар со Западот за остатокот од светот. Тоа ја наметнува потребата од намалување на присуството, односно повлекување од Балканот, но дали Западот (поточно владите на некои западни држави) ќе може да опстане без присуството на Русија во Европа?

Руската надворешна политика на Блискиот Исток во 2018 година беше успешна, а најверојатно во 2019 година ќе кулминира со зацврстување на военото и политичко влијание во целиот регион. Еден од главните успеси на Русија на Блискиот Исток е дипломатската улога на Москва, нешто што Западот го имаше како природна предност, а поради низа (не)намерни погрешни чекори го изгуби. Имено, Русија успеа да ги одржи добрите политички односи со сите земји во регионот. Москва има добри односи со Иран, а истовремено и со неговиот најголем ривал Израел, исто така успеа да ја „украде“ од Западот и Саудиска Арабија, ОАЕ, а со Турција изгради стратегиски сојуз, кој ќе има влијание во блиска иднина и во Европа.

Ваквата дипломатија се должи и на фактот што надворешната дипломатија на САД е детерминирана од внатрешната политика и промените што се случуваат во американското општество. Трамп е доведен во ситуација да игра инфериорно на надворешен план за да го консолидира внатрешното општество во пресрет на пандемијата на жолтите елеци. Жолтите елеци се карактеристични за Европа поради корумпираните европски влади и класната разлика на народот и владејачкиот естаблишмент. Европското море се самоисчисти од наталоженото ѓубре и многу е веројатно дека ќе се самоисчисти до некоја следна бура. Умерената десница ќе биде новиот политички предзнак кога говориме за европската политика. Но во САД, Трамп уште во почетокот како да го предвиде она што се случуваше во Европа, па навремено го превенираше, ставајќи го фокусот на т.н. нова нација „евроамериканец“ на сметка на дојденците од Латинска Америка и Азија. Тоа не значи дека беше занемарен концептот на граѓанска држава туку само се усложни емиграцискиот процес за неевропските држави. Да не заборавиме, за разлика од Германија (па и Европа), САД немаат проблем со младо работоспособно население, и политиката на евтина работна сила по теркот на Европа во САД би била погубна. Врвната пазарна демократија им оди во прилог на САД, каде што пазарот на квалификувана работна сила е еквивалентен на оној уште од крајот на Втората светска војна, кога во САД свое место под сонцето најдоа многумина Германци гонети од и поради ужасите на војната. А нивниот труд или работоспособност беа „кеширана“ како на кој било Американец.

Да се вратиме на Сирија. Според Џефри Сакс, ситуацијата во Сирија јасно говори за политичката и дипломатската надмоќ на Москва во однос на Вашингтон. Да, тоа е евидентно, но повторно ќе нагласам дека тоа е американски чекор назад заради консолидација на внатрешен план. Второ, Русија ќе се соочи со арапските апетите, кои нема да може да ги задоволи. Да не заборавиме дека овие воено исцрпени земји имаа свои побарувања, кои ќе бидат испорачани на адреса на Москва. Тука се и многубројните спорови, особено околу природната нетрпеливост меѓу Иран и Израел, Саудиска Арабија и Иран но и Турција, а истовремено и најсложениот проблем помеѓу Курдите и сите други. Топката е во половината на Москва, дали ќе се приклучи и голманот Пекинг, останува да видиме. Присуството на Русија на Блискиот Исток значи политички пазар со Западот за остатокот од светот. Тоа ја наметнува потребата од намалување на присуството, односно повлекување од Балканот, но дали Западот (поточно владите на некои западни држави) ќе може да опстане без присуството на Русија во Европа?! Затоа што нејзиното отсуство неминовно ќе значи и редефинирање на економските релации, што ќе ги направи државите уште поранливи во вакви усложнети и обременети економско-политички констелации.

Како што напоменав, големите сили не можат едни без други, вакуумот што го создава отсуството на друга сила претставува нерешлив проблем за силата што се соочува со него. Исто така повлекувањето на САД од Сирија би можело да значи и ревидирање на односите помеѓу Кина и Русија, особено поради новиот политички пазар во Африка, но за тоа во некој друга колумна. Следно, развојот на воено индустрискиот комплекс во Русија ќе бара и отворање нови пазари за пласирање на најновото руско вооружување, кое, за волја на вистината, изгледа како од научнофантастичните филмови. Но дали Русија ќе може да го издржи притисокот на воените корпорации и потребата од нови пазари (тоа би значело и нови војни) по теркот на американскиот воено индустриски комплекс од блиското минато. Многу прашања со многу непознати. Ќе се согласам со Џефри, време е за освојување територии надвор од планетата Земја. Има помалку цивилни жртви.