ММФ по Аргентина

175

Аргентинската влада натрупа огромен јавен долг речиси од ништо со изненадувачка брзина, а потоа колку што е можно побрзо реши да не го плаќа. Споредено со бавното прогласување банкрот во 2002 година, последната криза личи на Шекспирова драма во 60 секунди. Но и во двата случаја неплаќањето на долговите беше неизбежно, бидејќи комбинаториката од долгови, дефицити и монетарна политика на земјата беше неодржлива, а политичката класа не можеше навреме да ги направи потребните реформи.

И во двата случаја, заемите од Меѓународниот монетарен фонд се чинеше само ќе го одложат неизбежното и, уште полошо, ќе го влошат крајниот колапс. Значи, по вториот колапс на Аргентина за помалку од една генерација, крајно време е да се запрашаме како да се насочи мандатот на ММФ за справување со должничките кризи на земјите во развој. Како може ММФ да биде ефикасен во помагањето на државите да си го вратат пристапот до приватните кредитни пазари, кога секој обид за затворање на неодржливите буџетски дефицити се означува како штедење? Единствениот одговор е да се зголемат значително ресурсите на меѓународните агенции за помош (ММФ е давач на заеми). За жал, се чини дека во моментот има малку расположение за такво нешто.
Зошто ММФ беше подготвен да понуди ресурси во една ситуација што, барем гледано наназад, можеше да се реши само преку посилно фискално приспособување (повеќе штедење), ненамирување на долгот, поголема странска помош или со мешавина од сите овие мерки?

Тешкотијата на ММФ да ѝ каже „не“ на Аргентина делумно е одраз на историјата на институцијата со неуспешните заеми од доцните 1990-ти до 2001 година. Исто така, Фондот тешко можеше да се спротивстави на финансирање на голема програма во свет во кој земјите можат да позајмуваат по ултраниски каматни стапки од приватните пазари. Кина стана главен извор на финансирање на пазарите во развој, што можеби на хартија изгледа добро, но недостигот од транспарентност ги прави кинеските заеми плодна почва за корупција.
Но експертите во ММФ добро знаат дека земјите со историја на банкрот, како Аргентина и Венецуела, се лизнуваат на пазарите на долгови. Кога пред многу години го проучувавме овој феномен, го нарековме „нетолеранција на долг“.
Може да се аргументира дека со туркање на ММФ лесно да ја спроведува својата програма на заеми, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја влоши последната економска несреќа на Аргентина. Конечно, таткото на аргентинскиот претседател Маурисио Макри беше деловен партнер и пријател на Трамп. Но без оглед на вистината на тој аргумент, сè послабата преговарачка позиција на Фондот веројатно има подлабоки корени.

Политичката поддршка за неопходната условеност за заемот е еродирана од постојани напади од левицата, која не прифаќа дека ММФ нема простор да дава грантови. Но додека невладините организации може да навиваат дали ММФ ќе ги претвори своите заеми во грантови, наскоро сметките на Фондот ќе се испразнат. Ова може да израдува некои луѓе, но исто така ќе претставува катастрофа за глобалната финансиска стабилност. Долгот на многу нови пазари денес е на рекордно ниво, а ММФ останува најблиското нешто до глобален заемодавател и последна шанса. Поради сите свои ограничувања, Фондот има поголем капацитет од која било друга организација да ги ублажи трошоците од кризните долгови на пазарите во развој, а не само на општата популација.
Но целта мора да биде спречување на појавата на вакви кризи или на нивно повторување, како што е случајот со Аргентина. Макри беше избран во 2015 година од население што се замори од бавниот раст и високата инфлација што ги одбележа изминатите неколку години на администрацијата на поранешната претседателка Кристина Кирхнер. Политиките на Кирхнер (и на нејзиниот сопруг Нестор Кирхнер) нагло ја проширија државната интервенција и контрола. Зголемените цени за извозот на стоки ѝ овозможија на економијата да продолжи да расте, но кога циклусот заврши, таа колабира.

Сепак, Макри наследи економија во која долговите не беа високи (поради банкротот во 2002 година), а главниот фискален проблем беше неодржливиот пензиски систем. Нормалниот рецепт за новата администрација ќе беше да ја тргне рано болката од консолидација на буџетот и да се надева оти економијата ќе закрепне добро пред следните избори. Наместо тоа, Макри реши бавно да ја затвора буџетската дупка и да го искористи својот политички меден месец за да ги намали даноците и да ги либерализира пазарите. За жал, по крупните реформи, економските услови имаат тенденција да се влошат пред да се подобрат и Макри, соочен со избори, се чини нема да остане на власт за да го види тоа. Работите толку се влошија што Аргентина „репрофилираше“ (форма на банкрот) дури и долгови во домашна валута (што е почеста појава отколку што сметаат повеќето луѓе).
Сево ова бара одговор на основното прашање: како ММФ може да ја усогласи потребата од стабилен систем во кој новите пазари ќе можат да се задолжуваат со барањата за поголема помош и помалку штедење? Краткиот одговор е дека ММФ не може да го направи тоа сам. Единствениот начин да се променат нештата е да има огромно зголемување на тековите за помош. Но не очекувајте некоја демократска или републиканска администрација на САД да го стори тоа. Во меѓувреме, политичарите треба да му дозволат на ММФ да ја заврши својата работа, помагајќи да се одржи глобалната финансиска стабилност и не принудувајќи го да поддржува неодржливи политики.

Авторот е поранешен главен економист на ММФ