Младите еколошки активисти се во право

93

Нашите млади луѓе никогаш не виделе свет без глобално затоплување. Многумина имаат искуство од прва рака од уништувањата предизвикани од климатските промени – од шумските пожари во Калифорнија до сушите во Сахел. Децата во Флорида и на Сејшелите знаат дека нивните заедници наскоро може да исчезнат поради зголемувањето на нивото на морињата. Во Њу Делхи и во Пекинг, децата знаат дека кога дишат воздух е исто како да пушат по 50 цигари на ден. Нивната генерација наскоро ќе наследи ненаселива планета.

За денешната младина, фактот што нивните родители направија толку малку во борбата против климатските промени претставува монументално бегство од одговорноста. Тие се жртви на најлошиот пример за меѓугенерациска неправда во човечката историја. Тоа е причината зошто младите луѓе ги земаат работите во свои раце со протести на кои бараат итна акција за климатските промени. Протестите на младите се проширија далеку и брзо и сега се глобален феномен. Како треба да реагираме ние, возрасните? Како ги вклучуваме нашите млади во критичните одлуки што ќе ја определат нивната иднина? Како да им дадеме надеж?

Прво, треба да признаеме дека оние што најмалку придонеле за глобалното затоплување, не само младите, туку и многу сиромашните, можат најмногу да загубат од неговите влијание. Тогаш треба да ги слушаме. Младите луѓе, далеку повеќе од мнозинството возрасни лица, ги гледаат јасните предупредувања за идните бури, суши, екстремна топлина и како резултат на нив, сѐ поголемата сиромаштија на стотици милиони луѓе. Нивните протести треба да нѐ разбудат. Климатските промени се проблем за сите, но тоа исто така значи дека сите можеме да дејствуваме за да ги ублажиме последиците. Сепак, повеќе светски економски и политички лидери треба да ја направат борбата против климатските промени нивен главен приоритет. Некои веќе ги забрзаа напорите да ги ублажат ефектите од глобалното затоплување, но мора да се направи многу повеќе за промена на траекторијата на пораст на температурите. Ни требаат повеќе лидери како германската канцеларка Ангела Меркел, која вели дека глобалното затоплување е „предизвик со кој луѓето можат да се справат само заедно.“

Повеќе лидери треба да разберат – како што тоа веќе го прават младите – дека овој глобален проблем бара глобални решенија и координирана акција. Трето, треба да ја искористиме страста што ги поттикнува климатските протести и да ја искористиме како катализатор за нови политики. Технички и регулаторни механизми за намалување на емисиите на штетни гасови веќе постојат, а заедниците што веќе се погодени од климатските промени преземаат чекори за да се направат поотпорни и поприспособливи.

За сите овие мерки не е потребна скапа технологија. На пример, сопствениците на домови во Ахмедабад, Индија, град со повеќе од седум милиони жители, ги фарбаат бели покривите за да ја рефлектираат сончевата светлина. Оваа едноставна мерка не само што помага да се задржи внатрешноста на куќата поладна, исто така може да помогне да се намалат температурите на самиот покрив, каде што многу луѓе спијат ноќе, за дури 30 Целзиусови степени.

Во слична насока, разни градови, од Мелбурн до Њујорк, садат дрвја за да ги зголемат сенките во текот на летото и да го намалат бројот на смртни случаи предизвикани од топлотен удар. Жителите на Мајами се толку сериозни во однос на приспособувањето на климатските промени што во 2017 година гласаа за повисоки даноци за да платат за подобра одбрана од поплави и повеќе станици со водни пумпи. Жителите на Мајами го знаат тоа што веќе го покажуваат повеќето студии: секој долар потрошен денес на флексибилност и климатска адаптација може во иднина да заштеди до седум долари штети од климатските промени. Покрај тоа, значителните економски трошоци за непочитување на борбата против климатските промени стануваат сè очигледни. Според Обединетите нации, катастрофи предизвикани од временските услови и опасностите поврзани од климата во 2017 година, предизвика рекордни загуби во светот од 320 милијарди долари.

Дејствата на заедниците низ светот даваат основа за оптимизам. Со преземање чекори за да се спречат климатските непогоди, градовите и регионите исто така можат да создадат повеќе работни места, пораст и просперитет. На пример, во Африка земјоделските култури отпорни на суша и средствата за дигитално планирање им го трансформираат животот на малите сопственици. Секој има моќ да донесе значителни и одржливи промени. Дебатите за климатските промени што се водат на маса дома на крајот може да влијаат врз одлуките на пониските и на повисоките нивоа на власт. Имам пет деца. Еден ден, тие ќе сакаат да знаат што направив во врска со климатските промени. Сакам да можам да им кажам дека нашата генерација направи сè што можеше и дека ја направи вистинската работа.

Авторот е професор на универзитетот „Тафтс“