Мини-шенген – излез од балканскиот ќор-сокак или политички трик?

293

Може ли еден план за пресликување на европската слобода за движење на Балканот да го трансформира регионот или станува збор само за политички трик

Една недела пред ЕУ да им ги урне надежите на Албанија и на Северна Македонија во октомври, премиерите на двете држави се сретнаа со српскиот претседател и претставија регионална иницијатива, која брзо го доби прекарот мини-шенген. Накратко, идејата беше да се формира балканска верзија на европската област со отворени граници, наречена шенген-зона.

Кога на Балканот се прошири веста дека ЕУ одбива да ги почне преговорите за членство на Албанија и на Северна Македонија, планот за мини-шенген што беше претставен во Нови Сад доби дополнително значење. На следната средба, која се одржа во ноември во Охрид, лидерите ги претставија предлозите за воведување „четири слободи“ во трите држави, имено слободата за движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Тројцата лидери планираат да се сретнат третпат во Албанија на крајот на декември, а некои коментатори веќе се двоумат околу идејата за воведување на европскиот принцип на отворени граници во државите од Балканот.
Дали мини-шенгенот најавува нова ера на соработка или е само политички театар? Иако иницијативата во реалноста би можела да пропадне, сепак е можно да се постигне одреден успех, претпоставувајќи големо вложување на добра волја, неколку промени на актуелниот план и поддршка од европските партнери.

Иако беше инициран само од страна на три балкански држави, мини-шенгенот е концепт што се заснова на идејата за слобода за движење во целиот регион. Набљудувачите, вклучувајќи ги и американските претставници, велат дека инклузивноста е клучот за успехот на планот, но тој нуди малку поттик за да се приклучат и други држави. Претставници на Босна и Херцеговина и на Црна Гора присуствуваа на состанокот во Охрид, но претседателот на Косово ја одби поканата поради политичкиот скептицизам на Косово. Одбивањето од страна на Косово да присуствува на самитот само го нагласува клучниот предизвик. Тензиите меѓу Косово и Србија се главна пречка не само за билатералните односи, туку и за регионалната соработка. Кампањата што Србија одамна ја води за „непризнавање“ на најновата држава во Европа предизвикува сомнежи околу посветеноста на Белград да биде конструктивен регионален играч и го поткопува аргументот за сеопфатен мини-шенген. Без вклученоста на другите држави, меѓу кои и Косово, кое се граничи со Северна Македонија, Србија и Албанија, иницијативата ќе понуди само трилатерален формат за решавање на билатералните прашања.

Поборниците на идејата за мини-шенген ја пропагираат како еден начин за почнување економска соработка и нови економски можности, но колку тие реално би биле ефикасни? Досега српскиот претседател Александар Вучиќ е единствениот лидер што нуди економски објаснувања, но парадоксално засновани на конкурентната логика за поделба на колачот, со ограничено засилување на просперитетот.
Претставувајќи го планот пред српскиот народ, Вучиќ тврдеше дека од оваа иницијатива Србија ќе извлече најголема корист поради поголемиот и поконкурентен пазар на земјата. Ова можеби е реално од повеќе аспекти, затоа што Србија е најконкурентната економија и најголем пазар од сите држави од Западен Балкан. Но прашањето е зошто би прифатиле Албанија и Северна Македонија или други балкански држави?

Покрај тоа, какви дополнителни придобивки можат да имаат државите во однос на актуелните договори? Некои од овие грижи ги истакна црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ, која по самитот во Охрид изјави дека нејзината држава не била заинтересирана да се приклучи кон иницијативата. Таа тврдеше дека повеќето држави во регионот веќе имаат одредена слобода за движење благодарение на билатералните договори. Таа исто така истакна дека државите од Западен Балкан се дел од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), кој гарантира одреден степен на слободен проток на луѓе и на стоки. Кога се извезува во рамките на регионот опфатен во ЦЕФТА, најголемите препреки се административните, односно царинските процедури.

Планот за мини-шенген ќе ги отстрани овие административни пречки, но тоа не може да се смета за иновативна аспирација. Подобри царински процедури и движење без пасош веќе постојат до одредена мера на билатерална основа, но не се доволни за да ја оправдаат еуфоријата.
Како што наближува следниот самит, постојат можности да се решат легитимните прашања околу проектот и да се направат одредени подобрувања. Прво за да се сфатат сериозно, иницијаторите треба да го решат прашањето на инклузивноста, кое се наоѓа во срцето на иницијативата. Поголем дел од одговорноста за негово остварување лежи во српското раководство.

Србија и Косово на крајот ќе мора да ги решат сопствените разлики. Во меѓувреме, под покровителство на мини-шенген, Србија би можела да се посвети на поконструктивна улога со тоа што ќе престане со агресивната кампања за „непризнавање“ и ќе ја намали непријателската реторика.
Тоа барем ќе му овозможи на Косово да седне на преговарачката маса. Ова исто така ќе послужи како гест на добра волја што може да го нагласи потенцијалот на иницијативата навистина да го трансформира регионот. Истовремено, за да биде одржлив и значаен, мини-шенгенот треба да се институционализира и да го заобиколи хиерархискиот пристап, во кој централна улога има лидерот.
Иако вклученоста на европските партнери е клучна во овој аспект, иницијаторите треба да покажат како проектот ќе му помогне на регионот да се приближи кон членството во ЕУ. Поддршката од европските партнери треба да биде насочена кон хармонизацијата на пазарите од Западен Балкан со тој на ЕУ.

Ова може да се постигне не само преку насоки и институционална поддршка, туку и со економски пакети, кои ќе помогнат да се зголеми конкурентноста на сите пазари што се опфатени со него, а исто така ќе се отстрани ризикот дека со помалите економии во регионот ќе доминираат поголемите. Конечно, поддршката од европските партнери ќе наложува исполнување одредени услови и обврски во однос на странските инвестиции. Ова ќе гарантира дека мини-шенгенот нема да го искористуваат странските играчи, особено Русија, Кина и Турција, кои сакаат да се наметнат на пазарите од Западен Балкан и да се мешаат во балканските прашања.

Авторот е надворешнополитички експерт од Тирана