Миграцијата како тригер за нова геополитика

185

Миграциската криза и сите негативни рецидиви од таквата политика може да бидат надминати со решавање на изворот на тие проблеми. Тоа е обезбедување, ако не рамномерна распределба на богатството, на основни услови за живот и почитување на универзалното човеково право на безбедност, храна и вода за пиење
за сите луѓе во светот

Игор Гелев

Мигрантската криза во Европа е веќе апсолвирана и дегутантна тема, но интересни и актуелни се производите што ги создаде таа. Не е тајна дека мигрантската криза значително влијаеше на демографските биланси на европските држави, како и на новите предизвици со кои се соочуваат земјите домаќини. Па, така, гледано низ призмата на парите, значителен дел од домашните буџети се одлева за потребите на новите граѓани. Од друга страна, пак, големите европски држави како што е Германија, која се соочува со недостиг од младо работоспособно население, мигрантската криза ја искористија за пополнување на вакуумот од недостиг од младо работоспособно население, како и население што ќе извршува работни задачи што не би сакале да ги работат младите „ариевци“. Во тој циклус се најдоа и младите луѓе од балканските простори, и тоа во форма на медицински персонал (кој најчесто се грижи за здравјето на овие лица), стручен и занаетчиски профил на луѓе што се грижат за беспрекорно функционирање на миграциската заедница во рамките на овие општества. Истовремено, како политички рецидив на ваквата промигрантска политика се појавија услови за билдање на рејтингот на ултрадесничарските партии во поголем дел од европските држави. Тоа придонесе за зголемување и за негување на радикалниот национализам, а поделеноста на земјите во ЕУ е како никогаш досега.

Несомнено е дека политиката на отворени врати за мигрантите се водеше во обланда на хуманизам и филантропија, но суровата реалност е дека се водеше поради лукративни причини, односно поради стареењето на Европа. Исто како што антиимиграциската политика на американскиот претседател Доналд Трамп беше прикажана до ниво на национална хистерија, иако во заднината на таквата политика беше вртење на САД кон себеси и создавање уникатна американска национална политика. Тоа подразбираше креирање нов Американец, типичен, а не увезен – Американец со сопствен идентитет и сопствени неувезени општествени па и семејни вредности. Но за тоа во некоја друга пригода.

Според Питер Сингер, професор на универзитетот „Принстон“, антиимиграциската политика создала некоја нова геополитика и нови вредности. Поимањето на миграцискиот балон е параван за креирање на новата Европа. Зашто ребрендирањето на Европската Унија е веќе нужно за опстанок на големите и стари држави. Унијата има сопствени центри на моќ што се соочуваат со нивно делегитимирање во овие новонастанати услови. Како што претходно споменав, миграцијата веќе не е жешкиот костен, туку нуспроизводите од неа. И во иднина политичката десница постепено ќе ја запоседнува политичката власт во државите, а тоа, пак, ќе придонесе до криза на идентитетот на мултиетничките општества, особено во државите што некогаш биле колонизатори. Бидејќи токму таму поради криза на идентитетот ќе се поларизираат етничките заедници затоа што најголем дел од новата миграција потекнува токму од земјите што некогаш биле колонии, а истите тие нема да имаат рамноправен статус. За таа цел излезот ќе се бара во силни европски институции (кои, за жал, се во опаѓање), а ќе имаат за цел да го премостат овој цивилизациски пораст.

Во меѓувреме, Трамп се залага за доминација на Америка на меѓународната политичка сцена (без употреба на воена сила) заради зачувување на националните интереси, додека, пак, европските лидери се залагаат за проактивна улога на Европа во креирањето на светската политика, прокламирање на сопствените идеи и создавање и извоз на култура по сопствен терк, тоа што денес се нарекува западна култура. Наедно се залагаат за ребрендирање на (не)функционалната ОН, каде што мирот ќе се одржува врз база на колективна безбедност, а не како досега, врз база на сојузништво.
Моето лично мислење е дека миграциската криза и сите негативни рецидиви од таквата политика може да бидат надминати со решавање на изворот на тие проблеми. А тоа е обезбедување (ако не рамномерна распределба на богатството) на основните услови за живот и почитување на универзалното човеково право на безбедност, храна и вода за пиење за сите луѓе во светот. Исто како што неодамна претседателот на Светската здравствена организација (СЗО) објави шокантна вест за тоа дека човештвото е пред голема опасност. Опасноста е од човековата алчност. Потоа тоа го објасни со опасноста од некоја следна пандемија поради неисполнување на овие услови, односно поради светската поделба на ултрабогати заедници и држави и оние што немаат пристап до храна вода и минимални хигиенски услови.